Стоматологот Кристијан Георгиев: „Најважен е изборот на четка за заби, а избелувањето не е препорачливо“
- Детали
- четврток, 10 февруари 2022
Кристијан Георгиев (39) е еден од нашите најпознати модели, а од 2006 година е и дипломиран стоматолог. Тој за CRNOBELO.com споделува совети за нега на забите. „Најголема грешка на Македонците при негата на забите е недоволно, нередовно и неправилно четкање на забите и запоставувањето на непцата...“, вели тој.
Кристијан Георгиев (39) од Скопје, e дипломиран стоматолог од 2006 година, а со манекенство се занимава повеќе од 22 години, сè уште активно.
Последниот моден работен ангажман му бил голема рекламна кампања пред 2 седмици за еден од главните телекомуникациски оператори во Албанија „ОНЕ“.
За CRNOBELO.com тој открива детали од својата професија на стоматолог и дава совети за нега на забите...
Колку Македонците се грижат за своите заби? Посетуваат ли редовно стоматолог или само кога имаат проблем?
Објективно гледано Македонците не посветуваат доволно внимание на целокупното нивно здравје, а не пак на оралното здравје и не е тоа некој изненадувачки факт, туку само резултат на нискиот животен стандард и недоволната почит кон своето лично здравје.
Посетуваат стоматолог најчесто само кога ќе се најдат во безизлезна ситуација (неподносливи болки и неминовна екстракција или умртвување на нерв).
Кои се најчестите грешки кои ги правиме кога станува збор за негата на забите?
Најголема грешка, односно пропуст при негата на забите е недоволно, нередовно и неправилно четкање на забите (а со тоа и отстранување на забниот плак кој е научно докажан причинител на кариес) и запоставувањето и неодржување на гингивите (непцата), кое води до иреверзибилна парадентоза.
Дали пресилното четкање на забите со четка може да им наштети на забите и непцата?
Силното четкање на забите не може да наштети, туку штети само неправилното четкање. Правилниот начин е од непцата кон забите, циклични движења, а никако обратно.
Колку изборот на паста е важен?
Типот, односно видот на пастата е тотално неважен, а цврстината на четката за заби е многу важна, колку поцврста, толку подобро, затоа што побрзо и полесно ќе го елиминираме забниот плак.
И најважно е тоа што четките за заби си имаат свој рок на траење и во прв миг кога ќе забележиме дека влакненцата го изгубиле својот правец и почнале да се виткаат - време е за нова четка за заби.
Исто и за негата на гингивите (непцата) е многу битно правилното четкање (масирање со четката на самите непца од коренот на непцата кон забите) и употреба на интердентални минијатурни четкички кои се многу подобра и поефикасна замена за интерденталниот конец.
Колку често треба да ги миеме забите?
Забите во идеални услови би требало да се мијат, односно четкаат по секој оброк, меѓутоа во реалноста тоа е ретко изводливо и сосема доволно е наутро веднаш по будење и навечер пред легнување.
Колку често треба да правиме чистење на забен камен?
Забниот камен би требало да се чисти барем двапати годишно и неминовна е посета на стоматолог.
Можеме ли да спречиме потемнување на забите во текот на годините, постои ли некаков трик?
Забите потемнуваат од пигментирана храна, кафе, црн чај, цигари… Самото избелување на забите и не е сосема безопасно по самите заби и затоа не треба многу често да се практикува.
Сепак, се работи за основата на секое средство за избелување, која е од силни агресивни хемикалии кои при избелувањето ја нагризуваат и делумно парцијално микро-оштетуваат самата забна материја. Така што моја лична препорака е да го чистиме редовно забниот камен, а да ја оставиме нијансата на забите таква каква што ни ја предодредила мајката природа.
Дали има разлика на квалитетот на заби меѓу нациите или можеби во зависност од местоположбата на живеење?
Разликата меѓу нациите во однос на оралното здравје е огромна и зависи од многу аспекти. И тоа од животниот стандард, образованието, ама и од местоположбата на живеење. На пример флуорираната водоводна вода во некои скандинавски земји речиси целосно го сузбила кариесот како патологија.
Но, мора да напоменам дека во разликата кај нациите во однос на оралното здравје голема улога игра и генетиката на народите.
Има ли луѓе што имаат паничен страв од стоматолог? Како реагираат?
Стравот од стоматолог е најчесто неоправдан и е резултат на потсвесна фобија од некој длабоко врежан спомен од раното детство (звук на турбина за заби итн.) и затоа најдобра превентива и спречување на тој патолошки страв е редовна посета на стоматолог уште од најрана возраст.
Порака до сите за негата на забите...
Мојата порака до сите оние кои го читаат интервјуто е да ги четкаат редовно (двапати дневно), секогаш со нова цврста четка во правец од непцата кон забите и двапати годишно да одат на стоматолог за чистење на забен камен и редовна контрола (како би се откриле какви било патолошки промени навремено).
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело