Цеце Георгиев: „Зелената игуана слободно ни се шета низ дома - прво гребеше, а сега се гали“
- Детали
- среда, 28 август 2024
„Никогаш не ми паднало на памет да чувам рептил, но ете поради големата желба на мојата ќерка попуштив и се согласив Паскал да стане дел од нашето семејство. И сега го обожавам“, споделува Цеце Георгиев (36) за CRNOBELO.com.
Цеце Георгиев (36) е јавач и инструктор по јавање коњи во коњичкиот клуб Бравадос. Таа е вљубеник во животните, а последен во низата миленици е нејзината зелена игуана.
Зелената игуана е голем вид на гуштер (хербивор) од родот игуана, кој живее во Средна и Јужна Америка.
За животот со овој егзотичен миленик Цеце споделува за CRNOBELO.com:
Како се одлучи да чуваш игуана како домашен миленик?
Никогаш не ми паднало на памет да чувам рептил, но ете поради големата желба на мојата ќерка попуштив и се согласив Паскал да стане дел од нашето семејство.
Го имаме веќе неколку месеци , го добивме на подарок од еден наш драг семеен пријател.
Како реагира твојата ќеркичка на игуаната?
Како и секое дете на почетокот беше воодушевена и сакаше да го држи во раце бидејќи Паскал беше за неа, но сега малку поретко.
Сепак го храни од рака, му зборува и го гали.
Какви услови се потребни за да чуваш игуана?
Можам да кажам дека од секој миленик што сум го имала досега, а и уште ги имам, Паскал е наједноставен за чување.
Не бара премногу внимание, потребен е терариум, грејач и УВБ ламба, како и витамини за рептили (калциум и мултивитамин).
Кои се навиките на Паскал, кога спие, како му изгледа секојдневието?
Спие навечер и во темно. Наутро се буди, го вадам од терариум и му давам да јаде од рака, потоа го пуштам да се шета слободно додека сме дома.
Тој навистина добро се вклопи со останатите наши миленици (две мачки и две кучиња), го хидрираме на секои три дена во лето, а во зима 3-4 пати месечно.