Кристијан од Кавадарци е бармен во Хрватска: „Одам 3 лета по ред, се заработува и за заштеда“
- Детали
- среда, 07 август 2024
„Првата работа ја добив преку мој пријател, каде што работев една година на остров во близина на Шибеник. Но, во потрага по подобри услови, сам си најдов нова работа во хотел во Задар како раководител на смена“, раскажува кавадарчанецот Кристијан Ѓелов (25) кој летоска работи во Хрватска, а во 2022-ра беше и бар менаџер на Светското фудбалско првенство во Катар.
Кристијан Ѓелов од Кавадарци, како многу други Македонци, летово е во Хрватска, поточно во Задар, каде што работи како бармен и раководител на смена.
25-годишниот кавадарчанец работи како бармен и во родниот град, а во 2022 година имаше можност да биде бар менаџер на еден од стадионите на Светското првенство во фудбал во Катар.
Вели, тоа е неговото најголемо достигнување како бармен, но од летоска може да се пофали со награда на регионален натпревар за бармени во Задар.
За работата во Хрватска, но и искуството на Светското првенство пред некоја година, Кристијан раскажува во интервју за CRNOBELO:
Кога првпат отиде во Хрватска и дали некој те мотивира или сам изрази желба?
Првпат дојдов пред три години во Хрватска, добив понуда преку мој пријател.
Како оди процесот на аплицирање?
Првата работна понуда ја добив преку мој пријател, каде што работев една година на остров во близина на Шибеник.
Во потрага по подобри услови, сам си пронајдов нова работа во хотел во Задар како раководител на смена.
Потребна е работна виза којашто ја вади работодавецот, и се чека во период од 15 до 30 дена.
Дали самиот избираш каде ќе работиш или добиваш работа според работно искуство, вештини и слично? Освен во ресторани, на кои други места работат Македонци?
При апликација за работа, поднесуваш за која од наведените слободни позиции аплицираш, и најголем дел од луѓето аплицираат за позиции според нивното работно искуство.
Најголем дел од Македонците работат во угостителството (ресторани, барови, хотели), градежништво, возачи, маркети...
Дали платата е доволна само за престојот во Хрватска или се заработува доволно и за заштеда? Дали имате вклучено оброци, сместување...
Во најголем дел, работодавците обезбедуваат сместување и оброци за вработените кои се од други држави.
Трошоците за живот се минимални, па се успева да се заштеди доволно.
Севкупно, дали си задоволен од работата во Хрватска и дали би се вратил пак? Дали има многу Македонци, на која возраст се најчесто и дали се враќаат секоја година?
Задоволен сум од работата и три години работам овде.
Секоја година има сè повеќе и повеќе Македонци кои доаѓаат да работат овде.
Најголем дел се од помладата популација, но има и цели фамилии кои доаѓаат да работат во потрага за подобри услови.
Има ли луѓе од другите земји и на која возраст се најчесто?
Најголем дел од вработените се од Украина, Непал, Србија, Босна, Македонија итн... Претежно е млада популација.
Кажи ми нешто повеќе за натпреварот за бармени што се одржа летово – кој сè може да учествува, дали сам се пријави, кое место го освои?
Учествував на регионалниот натпревар за бармени во Задар, бев пријавен од мојата фирма и може да учествува секој бармен.
Освоив награда од публиката (новинари, гости) за најдобар коктел.