Дејвид од Њујорк живее и игра кошарка во Битола – црта патики ремек-дела (фото)
- Детали
- петок, 24 декември 2021
Дејвид Хотон (30) од Њујорк е кошаркар и веќе 8 години професионално се занимава со овој спорт, а од пред неколку месеци живее во Битола и игра за кошаркаскиот клуб „Пелистер“. Почнал да игра кошарка од своите 16 години и знае дека малку доцнел за разлика од другите. Освен кошарка ужива да црта и да оди на авантуристички патувања. Летово се оженил и е навистина возбуден за својот нов живот.
Во продолжение следува разговор со Дејвид Хотон, кој за CRNOBELO.com ја раскажува својата приказна.
Дејвид, веќе со години си посветен на кошарката, но покрај напорните тренинзи и обврските успеваш да најдеш време за своето хоби, можеш ли да ни кажеш кога почна да црташ патики?
Се сеќавам дека кога бев помал почнав да цртам и навистина уживав во тоа. Кога заминав од дома, кога бев во некоја држава далеку од моето семејство и пријатели морав да најдам начин да се соочам со тоа и да се опседнам со нешто, што не е кошарка.
Па, така почнав да цртам и сфатив дека навистина уживам во тоа.
Идејата да цртам на патики дојде спонтано… Една летна ноќ, бев заедно со жена ми и нејзината пријателка некако почнавме да зборуваме на таа тематика и тогаш си помислив, зошто да не се испробам во тоа. Сакам патики и сакам да цртам. Направив комбинација од овие две работи и добив едно ремек-дело. Поточно почнав да цртам патики од септември 2021 година.
Се сеќаваш ли на првиот цртеж што го имаш нацрнато на патики?
Првиот цртеж беше од The Kids Next Door на еден пар патики што ги купив од една продавница со намера да вежбам со нив. Потоа погледнав на Јутјуб да видам како да започнам и што материјал ми е потребно. Но, првиот официјален цртеж што го имам направено на моите патики е од цртаниот филм The Boondocks.
Како тече процесот на цртање патики?
Зависи од патиките, мора да ги подготвам пред да почнам да цртам на нив. Прво мора да ги исчистам, да ги извадам врвките и да ги залепам местата каде што не сакам да навлезе боја.
Потоа почнувам да скицирам на нив. Пред да почнам да сликам се уверувам дека сè е на свое место и ги имам вистинските бои.
По ова следува најинтересниот дел, го сликам цртежот и гледам како сè се спојува во едно. Секогаш наоѓам различни начини за сликање, но користење на воздушна четка ми е омилено.
Кога ќе ги завршам патиките правам сè што е потребно за да бидат заштитени од вода и гребнатини и потоа им ги враќам на моите клиенти. Секогаш е возбудливо да се видат нивните реакции и да се слушне нивниот фидбек.
Кога веќе зборуваме за твоето хоби, кој е ти е најголемиот предизвик?
Цртање на реалистични животни. Секогаш цртав вистински животни, но потешко е да се црта на патики поради текстурата и обликот на чевелот. Во секој случај секогаш сум подготвен за нови предизвици, затоа што тоа ме прави подобар.
Кои се твоите омилени ликови што постојано сакаш да ги црташ?
Израснав со моите омилени цртани: Dragon Ball Z, Pokémon, Yu-Gi-Oh и Симпсонови. Така што, цртање на ликови од овие анимирани серии секогаш е забавно за мене и ја буди мојата креативност. Исто така секогаш сум среќен да го нацртам тоа што го сака клиентот.
Каков е интересот за цртани патики во Македонија?
Јас сè уште сум нов во ова, така што сè уште се обидувам да сфатам како функционира. Засега правам патики за моите соиграчи и нивните пријатели, но се обидувам да ја покажам мојата работа на социјалните мрежи, посебно преку Инстаграм каде може да ја споделам мојата креативност и да допрам до поголем број на луѓе.
Сигурен сум дека ќе го најдеш својот пат и на македонскиот, но и на светскиот пазар. Но, како се случи да дојдеш во Македонија?
Имав понуда од кошаркарскиот клуб „Пелистер“ од Битола. Решив да ја прифатам, не само поради добрата зделка, туку и поради фактот што не сум бил во Македонија досега, па сето тоа беше нешто ново за мене што сакав да го искусам.
Кошарката ми ја овозможува мојата кариера од соништата и можност да посетам нови места во Европа и да научам за нивната култура, надвор од Америка, на што навистина сум благодарен.
Што знаеше за Македонија пред да дојдеш тука?
Пред да пристигнам во Македонија не знаев многу работи, освен дека е држава на Балкан. Знаев каде се наоѓа… Среќен сум што сум овде и што можам да видам како луѓето живеат и отворен сум да научам сè за оваа држава.
Што ти изгледаше необично кога за првпат пристигна во Македонија?
Разбирањето на валутата и претворањето на долари во денари. Кога еднаш прашав нешто за цена и ми рекоа 4.000 денари, јас си реков: „штооооо“ … заборавајќи на математиката.
Како ти е организирано секојдневјето во Битола?
Секојдневно вежбам. Најмалку трипати во недела имам по 2 тренинзи. Еден натпревар за викенд и најчесто недела ми е слободен ден.
По првиот тренинг обично се враќам дома и се опуштам или понекогаш излегувам на ручек со жена ми. Во слободното време работам на различни патики и смислувам нови цртежи.
Исто така, кога сум слободен често одиме на некое авантуристичко патување да видиме што се крие во Македонија.
Кои места досега ги имаш посетено во Македонија?
Досега единствени места што ги посетив се Охрид и Скопје. Уживав и на двете, а Охрид ми е омиленото место. Наскоро планирам да видам што друго може да ни понуди Македонија и едвај чекам да дознам.
Што ти остави најголем впечаток од она што го виде?
Сè уште ми е тешко да одговарам, поради тоа што тука сум само 3 ипол месеци. Но досега тоа е Охрид каде езерото е посебно убаво.
Што имаш да кажеш за македонската кујна?
Јас сум голем љубител на храна и секогаш сакаш да откривам нови оброци. Досега храната е одлична и не очекувам тоа да се промени.
Тука може да го завршиме разговорот. Но, имам уште едно прашање, какви се Македонците како народ?
Кога дојдов во Македонија со луѓето кои зборував беа многу добредојдени кон мене, што навистина го почитувам. Поради тоа што цело време сум со моите соиграчи тие се претворија во семејство што ми значи и што и да ми треба тие секогаш се тука да ми помогнат. Сите што досега ги запознав беа пријателски расположени.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Е. Х | Црнобело