Дарко Димковски, дресер на кучиња: „Дресерот нема моќ да го смени кучето, може само да го научи на послушност“
- Детали
- среда, 01 декември 2021
Дарко Димковски (23) од Куманово е комуникативен дечко кој обожава спорт и животни. Неговото хоби е ракометот и почнал да тренира од своите 11 години, а сонот да игра во РК Вардар му се исполнил на 15 години. Поради повреди, морал да направи пауза и моментално игра во МРК Куманово.
Уште од кога знае за себе, Дарко бил опкружен со кучиња, а скоро година дена професионално се занимава со дресура.
Покрај тоа подготвува кучиња за на изложба низ Македонија и Балканот и се појавува како нивен дресер и хендлер.
Во продолжение следува разговор со Дарко, кој отворено зборува за својата професија и искуствата кои ги има со различни раси на кучиња.
Од кога почна да се занимаваш со дресирање на кучињата?
Пред две години вдомив едно кученце. Со девојка ми бевме на патување низ Македонија и така еден ден се искачивме во едно мало планинско село во близина на Охрид и таму налетавме на неколку мали кутриња оставени на милост и немилост.
Без размислување, решивме да си земеме едно и како планинско куче му дадовме име, Бак. Го чувам како сопствено дете и токму Бак е причината поради која почнав да дресирам кучиња, тоа веќе го правам скоро година дена.
Најважно од сè е тоа што тој ме научи како да комуницирам со кучињата, како полесно да ги разберам нивните потреби и како да бидам грижлив за нив.
Досега стекнав искуство со различни раси и карактери, како што се лабрадор, ретривер, кане корсо, ротвајлер, американски булдог, германски овчар…
Како изгледа еден твој работен ден покрај толку многу кучиња?
Покрај дресура направив мал пансион за капацитет од 3 кучиња. Обично дресирам по три кучиња месечно.
Секој ден им давам различни активности и ги водам на различни места.
Еден мој ден почнува во канцеларија, попладневните часови го поминувам со кучиња, а во вечерните часови тренирам ракомет.
Која опрема за воспитување на кучиња најчесто ја користиш?
Од опрема за дресирање користам различни ремчиња за кучиња и поводници, различни играчки, многу награди, секаков вид на месо, бисквити и многу љубов.
Како постапуваш кога кучето реагира онака како што посакуваш ти?
Кога кучето ќе биде послушно секогаш го наградувам со галење, играње и храна.
А, што се случува во моментите кога кучето реагира спротивно за време на тренинзите?
Во моментите кога кучето не сака да ги слуша моите команди обично го менувам тренингот, го водам на шетање и дружење. Или едноставно пробувам да им го направам тренингот позабавен.
Сите грешиме, па така и кучињата. Дарко, како се поставуваш спрема кучето кое направило некоја грешка или неговото однесување не ти се допаѓа?
Секако сите грешиме, за лошото однесување секогаш гледам да сум смирен, но и строг истовремено. Не им давам казни, ниту пак имам удрено некогаш куче.
За секоја команда си треба трпение, работа и одреден период. Кучињата не секој ден се расположени за работа и концентрација исто како и ние, нели?
Но секогаш гледам да ги исправам сите грешки што ќе ги воочам во секое куче. Секое нивно однесување е со некоја причина, а јас се обидувам да ги разберам максимално и да ги научам паралелно.
Може ли да препознаеш дали некое куче е под стрес за време на обуките?
Секако дека да. Нивното однесување покажува дали се весели, исплашени, гладни, уморни…
Кога некое куче чувствува страв или тага му оставам доволно време и простор за да ме запознае и да се навикне на новата средина.
Никогаш не се обидувам да ги форсирам бидејќи ќе го добијам само контра ефектот од тоа што го очекувам.
Си имал ли некои необични случки со кучињата кои ги дресираш?
Една понеобична случки ми е кога добив повик да дресирам Америчка акита за изложба за само две недели. Искрено не верував дека ќе постигнам нешто за толку краток период, но се случи чудо.
Тоа беше моја прва изложба за кучиња во Кавадарци како хендлер, и со две недели дресура освоив трето место.
Бев пресреќен и со ова искуство добив многу мотивација за понатамошна работа и поголем труд. Секогаш треба да веруваме во она што го работиме од срце!
Кое е најчудното барање од страна на клиентот, а се однесувало на нивниот миленик?
Искрено немам некои чудни барања до сега. Имам само неколку клиенти што сакале кучето да ги биде дресирано на албански или англиски јазик, но тоа не го сметам за чудно.
Иако немам знаење за јазици секогаш се трудам да ги задоволам своите клиенти колку што можам најмногу.
Можеби некои имаат преголеми очекувања дека кучето после дресура ќе биде целосно сменето, но всушност јас немам моќ да го сменам, можам само да го научам на послушност како: седи, легни, чекај, поред (нога) итн…
Како за крај, како е најлесно да се спријателиш со куче?
Кога станува збор за кучиња за мене не постои тежок начин на спријателување. Тие имаат чисто срце и душа, доволно е да им пружиме малку љубов и внимание и ќе бидат верни до крај.
Покрај дресура и пансиони исто ги спремам и водам на изложби низ цела Македонија и Балканот како нивни дресер и хендлер.
Автор: Е. Х | Црнобело