Димче Ацков си изгради еко-село во близина на Велес: „Живеам во куќа од кал, без довод на струја, а пијам вода од свој бунар“
- Детали
- недела, 31 октомври 2021
„Секојдневието не ми е организирано, туку е спонтано, ама е исполнето најчесто со здрава физичка работа и дружење со природата...“, раскажува инспиративниот Димче Ацков кој излегол од шаблонот на живеењето и времето го минува во природа, се грее на дрва, се дружи со своите миленици и воопшто не му недостига урбаната џунгла.
Во друштво со животни и во куќа од кал и глина, животот на Димче е пример во кои многумина можат да се препознаат.
Во продолжение следува разговор со Димче, кој за CRNOBELO.com ни открива за условите и начинот на живот, како и за големиот сон што се стреми да го оствари.
Избегавте од градот зашто таму сè е нездраво – ова го имате кажано во едно ваше интервју. Димче од што поточно заминавте од урбаниот хаос и каков спокој најдовте во еко-селото среде Македонија што го изградивте сам, меѓу куќите од кал и глина, меѓу животните и растенијата…?
Па, заминав од градот затоа што сфатив дека таму ги немам основните работи за живот, а тоа се здрава храна, чист воздух, и жива вода и нормалност која мене би ми одговарала за да растам духовно.
И се преселив на дедовината каде што најдов спокој ама пред сè најдов едноставност. Едноставност во животот која до тогаш ми беше непозната.
На неколку стотина квадратни метри изгради сопствено живеалиште од природни материјали, глина и земја, од каде го научи овој занает и потребните техники што ти беа потребни да создадеш едно еко-село?
Техниката за изградба ја научив како дете кога го имав првиот контакт со кал. Се шегувам затоа што забележав дека секое дете ја има таа способност. При контактот со кал тоа почнува да гради, што значи дека имаме вградена способност да градиме со земја.
И јас тргнав токму од таму од внатрешното потиснато знаење и почнав да истражувам на интернет, и ги посетив нашите села каде што се употребувала природната градба и го комбинирав сето тоа. И почнав, прво си изградив едно мало куќиче во кое живеев некое време, а подоцна поголема куќичка во која сега живеам.
На оние што успеваат да го слушнат гласот на природата, никогаш не им е здодевно. Димче, како ви е организирано секојдневието?
Секојдневието не ми е организирано, туку е спонтано, ама е исполнето најчесто со здрава физичка работа и дружење со природата.
Како ги задоволуваш основните услови? Струја, вода за пиење …? Тешко ли е да се живее на таков начин или секој може да се избори со себе и своето место да го најде во едноставноста на постоењето?
Основните услови ми се пред сè воздухот тој го добивам од дрвјата со кои ја делам земјата. А од луксуз имам струја која ја добивам од мал соларен комплет и жива вода која ја добивам од сопствен бунар.
Не е тешко секој може затоа што тоа ни е во нашата природа. Само треба да се осмели.
Летото и пролетта можат лесно да се издржат, но како се справуваш со зимите, со ниските температури и снегот?
Куќите од земја се енергетско ефикасни објекти кои имаат голема изолација и затоа не ми е тешко да се стоплам во зима. Тоа го правам со греење на суви дрвја кои ги собирам преку целата година.
Оние што лично те познаваат ќе кажат дека многу сте поврзани си вашите кучиња. Кажи ми како ви се вкрстија патиштата со кучињата Хироу и Миси?
Патиштата со Хиро и Миси ми се вкрстија така што ги пронајдов напуштени покрај пат и ги зедов. Вилин слично го најдов напуштен полн со рани, бил користен за борби.
Спирит овенот го спасив, периодот кога највеќе се убиваат, а тоа е пред големите религиозни празници. А мачињата Милица и Хикару се потомци од улична мачка и сите заедно формираат една весела игрива дружина полна со живот.
Димче ти си еден од оние сонувачи кои постојано се трудат своите соништа да ги остварат и во реалноста. Еден таков сон ти е да создадеш вечна шума, што сè презеде за оваа иницијатива еден ден да биде реализирана?
Мојот Сон е на просторот на централна Македонија да создадам вечна шума и така да влијаам на животната средина во целата држава. Планот ми е да купам поголема количина на земја да создадам шума која ќе ја оставам на идните генерации со аманет никогаш да не се сече.
За таа цел основав и фандрејзер на кој собирам средства за остварување на овој сон, прочитајте повеќе ТУКА.
Интересно е тоа што пред пандемијата постојано имавте странски гости на кои им го пренесувате знаењето. Дали постои интерес кај Македонците за ваков начин на живот? Ве контактираат ли, бараат ли совети, сакаат ли да дознаат како е да се живее во еко-село …?
Да, имав гости од секаде, но тоа продолжи и ова лето каде организирав десетина работилници кои ги посетија стотина луѓе пред сè од цела Македонија, но и од соседна Србија, Бугарија, Португалија и дури и од Русија. Ова лето бев пријатно изненаден од интересот на луѓето за природната градба, а и за мене и мојот еколошки стил на живот.
И иако имам услови за посета на овие работилници, а тоа се нејадење на месо, неконсумирање на алкохол, забрана за било какви опојни супстанции и користење пцовки, сепак многу луѓе присуствуваа на што сум прилично горд и многу благодарен.
Како за крај, што е потребно за долг живот?
Не знам што е потребно за долг живот можеби прифаќање на сè што носи животот и секако здравата храна, чистиот воздух и живата вода. Меѓутоа би ги советувал сите да застанат малку, да погледнат наоколу и да размислат на каде се движиме.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело