Го наслика муралот на Конески, ги разубавува ѕидовите низ Македонија и светот – Дејвид од Куманово, уличен уметник и тату-артист
- Детали
- среда, 13 октомври 2021
Муралот на Блаже Конески и извадок од песната „Тишина“ насликани на Кинотеката на Македонија се негово дело, а освен што ги разубавува ѕидовите со мурали, работи и како тату-артист - Дејвид Стоилковски – Молерај за CRNOBELO.com открива детали за неговата пасија.
Дејвид Стоилковски – Молерај од Куманово е уште еден млад човек кој сака да црта мурали, графити и да слика на платна, но и одвреме-навреме да испробува други техники и правци кои ги нуди уметноста.
Дипломирал на Академијата за ликовни уметности, отсек графика во класата на професорката Славица Јанешлиева, а денес работи како тату-артист.
Бил учесник на повеќе групни изложби во Македонија и Хрватска, а исто така е коорганизатор и учесник на „Графити фест“ во Куманово.
Освен што има сликано мурали во градови низ Македонија, неговите мурали можат да се видат и во Америка, Австрија, Црна Гора и Србија.
На својот Инстаграм профил можете повеќе да се запознаете со неговите дела, a во продолжение тој за CRNOBELO.com одговара на интересни прашања...
Со муралот на Конески и извадок од песната „Тишина“ насликани на Кинотеката на Македонија, на Скопје му даде уште едно уметничко дело кое ќе биде видливо за сите. Колку требаше да се внесеш во творештвото и животот на Конески за да можеш најверодостојно да го пренесеш неговиот портрет на ѕид?
За муралот на Конески во Скопје на Кинотеката на Македонија ми требаше кратко време да го смислам концептот и композицијата затоа што веќе од порано имав читано за него и неговиот богат творечки живот, како песните, така и другите ангажмани кои ги имал во професионалната кариера.
Но, секако морав да бидам крајно сериозен за изработка на такво нешто за да биде претставено она што е највредно од неговото постоење и мислам дека опфатив убав дел од сето она што е видливо за него.
Муралот на Блаже Конески содржи различни елементи, од неговиот автентичен ракопис на кирилица, до традиционалните шари на носии и други детали… Што ти беше најголемиот предизвик додека го сликаше муралот?
Најголемиот предизвик ми беше да го добијам неговиот лик сразмерно со димензиите на ѕидот за да на еден реалистичен начин стои и ја краси фасадата од Кинотеката на Македонија.
Со уличната уметност првпат се запозна преку графити културата, а потоа се префрли на цртање мурали, а еве сега и тетовираш. Како реагираш кога на улица ќе видиш некои твои графити што си ги нацртал пред неколку години?
Секогаш кога ќе видам свој графит ме потсетува на доброто време и добрата дружба со екипата со која тоа го имам правено. Со тоа и ја одржуваме таа култура којашто секој град треба да ја има.
Некогаш и сум самокритичен за тоа дека сум можел некако поинаку да го сработам, но баш ми е мило што скоро сите графити стојат како кога биле нацртани и нема некои глупости испишано врз нив или целосно да се прекречени.
Се случувало и тоа, ама велам многу ретко. Се надевам дека и така ќе остане. Понекогаш си велам дека секогаш сум можел да бидам поактивен на сцената, но од време на време се навраќам на почетоците затоа што сè почна преку графитите.
Со која помисла ги црташе графитите на времето, а со која цел и намера им пристапуваш на твоите дела денес?
Најискрено кога цртав почесто графити имав само желба да го правам тоа и крај, друго ништо не ме интересираше. Само сакав сè повеќе и повеќе да се редат, да го стилизирам мојот таг, односно графити-име и да направиме галерија под отворено небо на графити во мојот град.
Денес можеби само концептот, медиумот и местото на претставување на мурал се различни, а идејата за комплетно разубавување на градот со мурали и графити воедно останува иста.
Како што кажав, сакам галерија под отворено небо со дела од мене и другите уметници, артисти, односно да го преплавиме градот со нешто корисно за сите кои живеат таму.
Ќе ми биде задоволство сите градови да бидат таква галерија на отворено.
Со оглед на тоа што потекнуваш и живееш во Куманово, кои локации од градот би ги разубавил со мурали и како би изгледале тие?
Имам многу идеи и замисли за кои нели нормално треба време да се изреализираат.
Можеби централното градско подрачје би го земел како едно од местата во градот кои сакам да се средат со мурали, графити, но немам никаков проблем да се опфати целиот град, во која било населба, село, место.
Тие би сакал да изгледаат со стилови на изразување типични за артистите кои работат мурали и графити како од Куманово, така и од цела Македонија, Балкан, Европа, свет.
На кој твој мурал си посебно горд?
Сите ми се на некој начин драги и сум горд на нив, но ако ептен треба да се издвои би го издвоил првиот посериозен и во површина и во времето на изработка, муралот со шолјите и драперијата на училиште во центарот на градот, каде што со некои импровизации во материјалите потребни за нормално работење, доста трпеливост и пот го направив и бев многу горд на себе и на луѓето кои ми помогнаа.
Во последен период работиш како тату артист во Скопје. Што е она што луѓето кас најмногу сакаат да тетовираат?
Најмногу сакаат да тетовираат тоа што го имаат други луѓе. Фотографии веќе видени на интернет, сакам да кажам дека мора креативноста да се зголеми во бирање, осмислување на дизајн за тетоважа, зашто сите сме различни единки на земјава и тоа го носиш цел живот на твоја кожа.
А, според мене секој би требал да има своја единствена тетоважа осмислена во кој било стил и секогаш е добредојдено кога некој би примил некоја идеја од артистот што го тетовира или сосема да му направи свој дизајн, ама реално тоа малку потешко во нашава држава.
Која е најчудната тетоважа што некогаш си ја истетовирал на некого?
Немам некоја посебно да кажам чудна, сите можеби значат нешто на некој или скроз немала значење, а имал/а желба да ја има на телото што исто доста почитувам.
А, најинтересната и најпредизвикувачката?
Најпредизвикувачката ми е дефинитивно првата која ја имам правено затоа што првпат се сретнував со нов медиум и не знаеш како ќе излезе, дали ќе сакаш да го работиш тоа и понатаму.
Најинтересна ми беше последната посериозна тетоважа, тоа е нож со цветови во old school правец во тетовирањето.
Што е она што повеќето луѓе не го разбираат за животот на еден тату-артист?
Можеби не разбираат дека е напорна и тешка работа и некогаш со многу временско ограничување и времетраење.
Како за крај, си размислил ли како би изгледал светот без графити или уличната уметност генерално?
Не, затоа што мислите ми водат во правец сè повеќе и повеќе да има улична уметност, графити, уметнички дела и секакви правци на уметничкото изразување.
Повеќе фотографии од делата на Дејвид-Молерај:
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело