Марко Блажевски: „Скапо е да се биде возач на тркачки автомобили, но ми се исполни сонот - триумфирав на Twingo CUP“
- Детали
- вторник, 21 септември 2021
Интервју со Марко Блажевски, прв македонски возач во историјата што освоил FIA CEZ натпреварување на Twingo CUP... „Просечната брзина на најбрзиот круг ми беше 130км/ч, трката беше многу убава и динамична. За мене добра трка е кога има многу престигнување и фер плеј борба до крај“, раскажува 29-годишниот Марко, кој од 5 години вози картинг.
Марко Блажевски, 29 години од Скопје, по професија економист, триумфираше на FIA CEZ трката на Twingo CUP на тркачката патека Гробник, Хрватска.
Професионално се занимавал со картинг од 6 до 16 години и е најмлад освојувач на златна кацига со освоени три титули по ред во македонски шампионат, а подоцна и 5 години по ред шампион на Македонија.
За CRNOBELO.com тој споделува какво е чувството да се триумфира на еден ваков настан:
Tриумфираше на трката од Twingo Cup... Какво е чувството? Долови ни ја атмосферата на настанот?
Трката беше многу напорна, имаше често менување на позициите, едно време бев седмопласиран, на четири круга пред крајот го преземав водството и со помош на мојот тимски колега, Давид направивме „еден-два“.
Што значи за тебе добра трка? Која е максималната брзина со која возиш?
Просечната брзина на најбрзиот круг ми беше 130км/ч, трката беше многу убава и динамична. За мене добра трка е кога има многу престигнување и фер плеј борба до крај.
Колку време се тркаш? Како започна?
Се тркам од мојата 5-та година, но направив пауза од 13 години, во меѓувреме рекреативно се занимавав со мотокрос и пред две години учевствував на две трки во српски шампионат. Ова ми беше втора трка оваа година во Twingo Cup.
Дали и колку ова е скап спорт?
Може да се каже дека ова е најскапиот спорт. За овие две трки имав помош од моите спонзори, за што сум им многу благодарен. Се надевам дека и во иднина ќе продолжат да ме поддржуваат.
Како се подготвува еден автомобил за трка?
Возилата ни ги подготвува Automotive Group, имаме тим којшто ни ги спрема механичките работи, а брендирање на истите си правиме сами.
Твоите најголеми достигнувања досега...
Првпат Македонец освојува прво место FIA/CEZ трка во Twingo Cup. Што е вооедно и мое најголемо достигнување.
Си имал ли некоја незгода?
На моја 11-годишна возраст додека се натпреварував во картинг во Нови Сад се имам превртено со мојот картинг. Други поголеми незгоди сум немал досега.
Во кои земји се имаш натпреварувано досега? Каква е ситуацијата во Македонија, има ли настани од овој тип често?
Цело време возиме надвор од Македонија бидејќи немаме тркачка стаза кај нас. Следна година ќе се вози во Австрија на А1 Ринг, Серес-Грција, Гробник-Хрватска и Словачка Ринг.
Идол од светски рамки ти е..
Идол уште од 5-годишна возраст ми е Михаел Шумахер, бидејќи е перфекционист и борец.
Успех кој си го посакуваш на ова поле е...
Да продолжам да уживам додека возам.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело