Александар Петрушевски: „Живеам во Валенсија, Шпанците се прекрасни, само слабо знаат англиски“
- Детали
- среда, 25 август 2021
Александар Петрушевски (22) од Пробиштип е уште еден млад човек кој во моментот се наоѓа на пракса во Валенсија во специјализирана агенција за издавање на сместување на студенти, истовремено осознавајќи ги убавините на градот и дружејќи се со луѓе од целиот свет.
Уште на своите 15 години заминал да живее во Скопје, а со тоа што живеел надвор од својот роден град се стекнал со многу искуства, се изградил во личност што сакал да стане и тоа го мотивира да продолжи по патот и да се открива себеси уште повеќе.
Во 2017 година запишал да студира Бизнис администрација во Скопје, повторно одлучувајќи се да го искуси студентскиот живот во Студентскиот дом „Кузман“. Во слободно време, Александар сака да шета, да планинари и кампува во природа, да вози велосипед, да чита книги, да игра пинг-понг, а како дел од хобито му е водењето на Инстаграм профилот @magnetchasers, каде што ги документира своите патувања и ги има споделено сите магнети од места што до сега ги има посетено.
Животот на Александар му се има сменето кога за прв пат заминал на студентска размена во Литванија, каде што живеел 6 месеци. Се решил и аплицирал на Еразмус+ програмата, благодарение на другарка му Диана која го запознала со концептот и го мотивирала да ја пополни првата апликација. Сега тој е оној што ги мотивира младите и студентите од Македонија да се вклучат во различни студентски размени, тренинг курсеви и младински размени во проекти во рамки на државите од Европа.
По тоа заминал на два месеци во Романија да волонтира на проект за организација и промоција на маратон – Arad Marathon. Меѓу земјите кој ми се омилени и кој досега ги имам посетено се: Германија, Холандија, Литванија, Полска, како и Шпанија. Додека имам живеено во Германија, Литванија, Романија и Италија.
„Одлучив да заминам за Валенсија на практична настава која е поддржана од Еразмус+ програмата, а постојат неколку причини зошто Шпанија ја избрав како крајна дестинација: сакав да го научам шпанскиот јазик бидејќи ми е еден од најубавите јазици што се зборуваат, сакав да сум во преубавиот град Валенсија, да ги почувствувам летните вибрации, да се дружам со интернационални студенти што ги претставуваат своите држави и култури… Мора да ги додадам и супер климата, палмите, сонцето, предобрите плажи, песокта, летните разладувања, добрата храна, музика и многу журки“, раскажува Александар.
Откако аплицирал во многу компании од различни држави за надополнување на своето знаење, речиси изгубил надеж, кога половина месец пред почетокот на пракса, добил известување дека е примен во flats2enjoy.
„Моментално работам како практикант во специјализирана агенција за издавање на сместување на студенти во Валенсија. Мојата пракса е во насока на комуникација, продажба и маркетинг. Jас треба да комуницирам со студенти кој доаѓаат во Валенсија да студираат и да им обезбедам сместување според условите кои тие го бараат, како и во делот на маркетинг да ги уредуваме социјалните мрежи и да креираме маркетинг стратегии“, зборува Александар за неговите работни обврски во агенција со околу 20 вработени, сите од различна држава.
За викенди, Александар времето го поминува во шетање и запознавање на Валенсија, редовен е на плажите каде што плива, игра одбојка или фудбал на песок. Таму има и свој велосипед, па често знае да вози низ паркот и да го обиколува градот. Петок и сабота му се резервирани за одење на журки во некое студентско барче, на плажа или во парк.
„Сега за сега, сè уште немам посетувано места надвор од Валенсија, бидејќи има скоро еден месец откако дојдов од Македонија и ми треба малку повеќе време за да го откријам градов, ама во следните викенди дефинитивно планирам да посетам неколку места надвор од Валенсија“, додава Александар.
За Шпанците вели дека се срце народ. Толку многу топли во душа, љубезни, пријатни, насмеани, комуникативни и интерактивни. Голем дел од нив не зборуваат англиски јазик, што за него претставува уште една причина за да го усоврши шпанскиот. Исто така, според она што го увидел до сега, Шпанците сакаат да уживаат во животот на големо и може да се каже дека постојано се излезе, грижејќи се за стилот, каде модата е на високо ниво. Има забележано дека Шпанците доцнат на работа и имаат паузи од по час до час и половина.
„Многумина со коишто се запознав тука во Валенсија ми кажаа дека ја обожаваат Македонија и се импресионира од нашата земја. Дел од луѓето ја имаат посетено Македонија и се баш воодушевени. Кога имам можност секогаш ги прашувам каде бевте, што видовте, како поминавте, што пробавте…
А, одговори што ги добивам се дека Охрид, Скопје и Битола се преубави градови, дека има многу вкусна храна: тавче гравче, шопска салата, ракија, како и добра музика, со пријатни и дружељубиви луѓе и е доста евтино“, раскажува Александар.
Тој дошол во Валенсија за време на Европско првенство во фудбал и со голем број на луѓе што ги запознал, кога им кажал дека е од Македониjа, добивал интересни реакции: „Македонија за првпат на Европско, толку добро за земјата“, „Горан Пандев е легенда, покрај сите споменици што ги имате во Скопје да му се изгради и на него еден“, „Македонци, Албанци, Турци играат во репрезентацијата, баш сте мултикултурна земја. Секоја чест“… Кога и да слушнал некои од овие коментари, секогаш пријатно му доаѓало на душата.
„Мора да кажам дека Валенсија има прекрасна храна како на пример: paella valenciana, кој е еден од најдобрите шпански специјалитети којшто се приготвува, paella се смета дури и како симбол на Валенсија со кој мештаните во Валенсија се гордеат. Овој специјалитет е составен од ориз, пилешко месо, зеленчук и шафран…
Во Валенсија се зборува шпански и валенсија, а тоа е јазик кој е различен од шпанскиот и сите луѓе кој зборуваат шпански не го разбираат овој јазик. Валенсија го има најголемиот урбан парк во Шпанија кој до 1957 година поминувала реката Турија, но поради чести поплави во градот архитекти и стручњаци направиле промени во паркот, кој денес е преубав и долг 10 километри. Градот има прекрасна архитектура и преубави градби кои воодушевуваат со својот автентичен и уникатен лик…“, раскажува Александар.
На неговите желби и амбиции не му се гледа крај. Чекор по чекор, тој е подготвен да го следи сопствениот пат, знаејќи дека постојаното движење и осознавањето на непознатото го прави исполнет.
„Кога ќе завршам со праксата во Шпанија имам приоритети кои треба да ги завршам во Македонија, како и факултетот бидејќи сакам да дипломирам и сум на крајот од студиите. На крајот на јули ќе одам на Сицилија на Еразмус reunion со пријателите кои ги запознав на во Литванија“, раскажува Александар и ги разгледува можностите да работи римоут, зашто не може да се гледа себеси на едно место подолг период.
Откако ќе го среди овој важен дел од неговиот живот и кога ќе обезбеди доволно финансии, одреден период сака да живее надвор од Европа, како во Јужна Америка и Азија. Исто така, има огромна желба да ги посети Куба, Мексико, Филипините, Јапонија, Тајланд, Виетнам и други светски дестинации.
Автор: Е. Х | Црнобело