Ангела од Скопје има само 6 години, а веќе е вистински мал готвач и потенцијална YouTube ѕвезда
- Детали
- среда, 24 февруари 2021
Ангела Божиновска од Скопје има 6 години и е прваче во ОУ: „Кирил Пејчиновиќ“. Неодамна, сосема случајно, барајќи рецепт за пица, наидов на нејзиниот YouTube канал, каде ова девојче со задоволство споделува рецепти и готви за вас.
На кратко, поразговаравме со нејзината мајка Јулијана за љубовта кон готвењето на малечката Ангела и за нејзините омилени рецепти:
„Ангела уште од нејзини 4 години, гледајќи ме мене, покажа интерес при спремањето на нашите оброци и секогаш сакаше да поминува време во кујната. Уживаше да ми помага и јас секако ѝ дозволував, бидејќи сметам дека со тоа ќе стекне доста животни вештини и самодоверба, ќе ја развие својата имагинација и фантазија, ќе се научи на одговорност, на правилна и здрава исхрана, а и ќе се релаксира.
На почетокот се разбира учествуваше во некои поедноставни работи, како на пример премачкување на кифличките со јајце, валкање на бомбици во кокос, вадење форми за колачиња со калапчиња и слично, а сега веќе знае и сама да работи со тесто, да сечка и да декорира.“
Ова е нејзиниот најгледан рецепт на YouTube од подготовката на пита со спанаќ:
Како изгледа кујната кога готвите заедно?
Секогаш кога подготвуваме заедно некој рецепт сака да проба сè да направи сама и потоа учествува во средувањето на кујната и садовите, сè треба да стои на свое место - така што немаме брашно насекаде во кујната.
Во суштина сака сè да и биде средено и организирано не само во кујна, туку и општо, во нејзината соба, играчките, книгите, алиштата и сл.
Кои се омилените рецепти на Ангела и што сака најмногу да подготвува?
Некако најмногу ја влече подготовката на десерти, палачинки и обожава да прави мафини, најпрво ставаме внатре вишни, цреши, сечкано чоколадо, украсуваме со слатка павлака, цветчиња, срценца, чоколадни трошки или правиме шлаг крема со прехранбени бои и сето тоа ѝ е забавно и примамливо.
За сега, Ангела вели дека сè уште се нема одлучено дали кога ќе порасне би сакала да биде готвач.
Колку ѝ помагате при подготовка на рецептите?
Секако дека има помош од моја страна, јас сум задолжена за делот околу шпоретот, сечкањето, ракувањето со миксер и слично, но ѝ оставам простор да биде креативна и самата да се изразува.
Како и сите оние кои уживаат во готвењето и Ангела сака да испробува од храната додека ја готви, за да види дали е на „прав пат“.
Мама Јулијана вели дека ќе продолжат да готват заедно и да ги усовршуваат техниките во кујната затоа што тоа е одлична можност за квалитетно поминато време со децата – особено во ова време на видео игри и брза храна.
Дополнително, ова е можност да научат повеќе за кулинарството, за правилната и балансирана исхрана, да бидат внимателни и да се грижат и самите за себе.
„Би напоменала и дека поттик за нашата понатамошна работа во однос на нашите YouTube видеа ни даде и позитивниот коментар од Jamie Oliver, на еден рецепт подготвен од Ангела.“ – вели Јулијана.
Рецептот за подготовка на пицата може да го погледнете овде:
Ангела може да ја следите и на Фејсбук и Инстаграм.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. П. | Црнобело / фото: приватна архива на Јулијана Божиновска