Интервју со мајката на најпопуларното девојче на Инстаграм во регионот: „Ники е природно зборлеста, не ја форсирам на ништо“
- Детали
- четврток, 10 декември 2020
Андријана живее во САД 13 години, а иако се навикнала на животот, станува носталгична за Србија, нејзината ќеркичка Николија (4) е хит на Инстаграм со видеата од изјави кои на сите им го разубавуваат денот. За CRNOBELO.com, мајката на Ники одговара на прашања за животот во Америка и секојдневието со ќеркичката.
Веројатно се ретки оние кои не виделе видео од малечката Ники како зборува со нејзината мајка и се жали за секојдневни работи - од храна до желба за играње и шетање.
Нејзината мајка Андријана уште во карантинот почна да ја снима ќеркичката, а за кратко време Ники стана вирален хит на социјалните мрежи и на сите им го разубавува денот со видеата во кои зборува како возрасна личност, а имаше само 3 години во тој период.
Ники живее во САД, но покрај англискиот, го зборува одлично и српскиот (иако понекогаш ги меша зборовите, што е преслатко), обожава храна и секогаш на сладок начин се обидува да добие некое слатко задоволство, сака да шета и да се дружи со нејзините другарчиња Пајо и Вук, ужива во готвење и играње со нејзината мајка, а може да се пофали и со разни општи познавања уште од мала возраст.
Сега Николија има 4 години, таа има огромен број на фанови во регионот, а нејзините видеа ги чекаат сите со нетрпение на Инстаграм и YouTube профилите кои ги води нејзината мајка Андријана.
Поразговаравме со Андријана за животот во Америка, за нивното секојдневие и за малечката Николија, а таа открива интересни детали за CRNOBELO.com...
Кога се преселивте во Чикаго и како се снајдовте на почетокот?
Во Чикаго дојдов пред 13 години. Не беше лесно на почетокот, како и на сите, но јас бев млада, полна со живот и сето тоа го гледав како ново искуство.
Каков е животот во Америка во споредба со Србија? На што ви беше најтешко да се навикнете?
Каде и да живеете има и добри и лоши страни. Тоа зависи од вас и што вие сакате. Најтешка е можеби разделеноста од родителите и блиските. Америка е економски посилна земја, подобро уредена, има многу предности, но мене лично ме влече носталгија како што годините минуваат повеќе.
Се навикнав лесно на оваа земја, на подобро човек лесно се навикнува, но исто така обврските и одговорноста се нешто со што се соочив овде, бидејќи тука сфатив дека морам сѐ сама, бидејќи овде немав ни родители ниту никој друг.
Сега после толку години, имам многу пријатели и семејство и сѐ поинаку. Секако дека животот е многу поразличен од Србија.
Како ви изгледа секојдневието таму? Што најмногу ве нервира, а што најмногу сакате?
Кога се работи за секојдневието, можам да кажам само дека многу се работи (ако ја исклучиме ситуацијата со корона) и дека има многу малку време за дружење.
Она што најмногу го сакам во Америка е тоа што е огромна земја, луѓето не се интересираат многу за вашиот живот, послободно се живее, секој си гледа за себе.
Исто така имате и многу различни можности, посебно во Чикаго, што е мултинационален град, има големи можности да успеете ако тоа го сакате.
Колку е скап животот таму, во споредба со Србија?
Животот во Америка е скап. Многу поскап од Србија, но стандардот е многу подобар. Има работи кои се поевтини, на пример горивото (мислам дека е 3 пати поевтино).
Колку често ја посетувате Србија и дали би се вратиле да живеете таму?
Србија ја посетувам еднаш годишно. Постои можност да се вратиме, но не знам кога. За сега ќе бидеме на релација Чикаго-Белград, почнуваме еден проект сега, а уште еден на пролет, па често ќе морам да бидам физички присутна во Србија.
Патувате ли низ Америка? Што имате посетено и кое е вашето омилено место?
Пред короната многу патувавме. Обожавам да патувам, скоро цела Америка ја обиколив (мислам на сите интересни дестинации). Се надевам дека ова ќе се смири и дека пак ќе можеме да патуваме.
Ники е прекрасно дете што им го разубавува денот на сите. Но, колку е реално лесно/тешко вашето секојдневие со неа?
Ники е дете што е многу активно, зборлесто, бара внимание, разговор, играње. Не е лесно секогаш, но улогата на мајка е една од најубавите и неизмерно сум благодарна на Бог за овој дар.
Дали Ники го имаше тој „талент“ за зборување како возрасна личност уште од мала или вие многу работите со неа?
Откако се роди Ники, многу време поминуваме заедно, ја учам на сѐ, никогаш не одела во градинка. Но, таа природно си е таква. Не ја форсирам на ништо и не мислам дека треба да се форсираат децата. Секое дете е поразлично и има различни интереси.
Знае ли Ники дека ја снимаш додека зборува? Свесна ли е дека илјадници луѓе обожаваат да ја гледаат? Како реагира на тоа?
Ники некогаш знае дека ја снимам, некогаш не, но не реагира на камера. Кога ќе одлучи нешто да каже не ја интересира што имам телефон кај мене.
Дали се соочувате со негативни критики за тоа што ја објавувате ќерката на социјални мрежи? Како реагираат блиските? Како се справувате со нив?
На почетокот, со обѕир на тоа дека не сме јавни личности не беше лесно да се носиме со сето тоа. Сега е многу полесно, не ме интересираат лошите коментари, луѓето секогаш ќе коментираат, тоа е нормално, не можеме сите исто да размислуваме.
Не читам лоши коментари ниту ме интересираат такви луѓе, бидејќи има толку прекрасни пораки кои ги добиваме и толку поддршка, што немам време за негативци.
Што најмногу сака да прави Ники, а што најмалку?
Ники сака сѐ што сакаат и другите деца на нејзина возраст. Обожава да излегува надвор, во парк, кај пријатели, каде било, бидејќи вели дека дома ѝ е здодевно.
Имате ли многу фанови од Македонија и дали сте ја посетиле нашата земја некогаш?
Во Македонија не сум била, само сум поминувала оттаму, но никогаш не сум се задржувала. Мојата најдобра другарка е Македонка. Бранче, често ја гледате на снимките со малиот Вук, кој е нејзин син. Ја сакам Македонија и со задоволство ќе ја посетиме. Голем бакнеж за сите луѓе во Македонија кои нѐ сакаат и следат.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело / фото: Инстаграм