„Сѐ уште има многу родители кои веруваат дека 'ќотекот е излезен од рајот'”– Интервју со Елена Граматикова, едукатор за родители

„Доколку ви дојде гостин дома и истури вино на тепих, како ќе реагирате? Сигурно нема да почнете да му викате, да го нарекувате трапав или, пак, да го избркате во соба. А, како реагирате кога вашето дете ќе истури/скрши или згреши пред вас? Со што заслужува гостинот подобар третман од вашето сопствено дете?“ – споделува Елена Граматикова, едукатор за родители според методот на „Позитивна дисциплина“.

se-ushte-ima-mnogu-roditeli-koi-veruvaat-deka-kjotekot-e-izlezen-od-rajot-intervju-so-elena-gramatikova-edukator-za-roditeli-001.jpg

Елена (41) е сопруга и мајка на две момчиња - Калин (5 години) и Илин (1 година) - дипломиран економист, специјалист за маркетинг и комуникации, и едукатор за родители.

„Како специјалист за маркетинг и комуникации работам речиси 16 години, од кои во последните 5 години активно се квалификувам и како едукатор за родители. Од 2021 година сум сертифициран едукатор за родители според методот на 'Позитивна дисциплина' на Џејн Нелсен и Лин Лот.

Во таа насока станав и коосновач на платформата 'Позитивна дисциплина' за едукација на родители по овој метод во Македонија. Истата, 2021 година се стекнав и со интернационално акредитиран сертификат за 'NLP' практикант.

Во 2023 година, завршив двегодишна едукација во Школата за семејна и системска психотерапија во рамки на институтот 'Алтернатива', Европски Акредитиран Тренинг Институт за Системска Психотерапија (EAPTI) каде се стекнав со сертификат за семеен и системски советник.

Најнов проект на кој сум особено горда е книгата за деца која ја напишав инспирирана од приказните за емоциите кои си ги раскажувавме со мојот син Калин.

Книгата е наменета за дечиња на претшколска возраст со цел да се поттикне препознавање и разбирање на емоциите. Книгата моментално е во фаза на изработка на илустрациите и очекувам да ја видиме на полиците во книжарниците во втората половина од 2024 година“.

sе-ushte-ima-mnogu-roditeli-koi-veruvaat-deka-kjotekot-e-izlezen-od-rajot-intervju-so-elena-gramatikova-edukator-za-roditeli-09.jpg

Елена своето знаење и искуства ги споделува и на Инстаграм профилот „Прегратка“. Во интервјуто за CRNOBELO.com, таа ни раскажа малку повеќе околу концептот за „позитивна дисциплина“:

Објаснете ни во кратки црти, што точно значи позитивна дисциплина? Што ве натера да се занимавате со неа како кариера или област на експертиза?

Методот на позитивна дисциплина е практичен, лесно применлив и во основа долготраен начин како да го насочиме детето. Откако го завршив курсот за родители, веднаш ги применив стекнатите вештини кај нас дома.

Методот се покажа како многу успешен, па затоа решив да се запишам на едукација за сертифициран едукатор по овој метод.

Во основа, позитивната дисциплина е насочување на детето со почит. Родителите се тие кои треба да работат на себе, преземајќи ја одговорноста со цел да го променат односот кон детето, што следствено ќе резултира и со промена на односот на детето со родителот.

Позитивна дисциплина е начин на воспитување заснован на позитивно поттикнување, разбирање, охрабрување и конструктивна комуникација меѓу родителите и децата. За разлика од традиционалното поимање на дисциплината, позитивната дисциплина не подразбира казнување.

sе-ushte-ima-mnogu-roditeli-koi-veruvaat-deka-kjotekot-e-izlezen-od-rajot-intervju-so-elena-gramatikova-edukator-za-roditeli-04.jpg

Можете ли да споделите конкретен пример за предизвикувачка ситуација каде што вие ефективно сте примениле стратегии за позитивна дисциплина во вашиот дом?

Секој родител се соочува со повеќе од еден предизвик во секоја развојна фаза на детето. Јас не сум исклучок.

Со Калин сме работеле на рутини наутро и навечер пред спиење по методот на позитивна дисциплина и тоа ни донесе многу голем успех кога тој имаше 3 години.

Научи точно што правиме кога стануваме од спиење, а што пред да легнеме и, едноставно, си се потсетуваше од сликите кои ги имавме направено со цел да воспоставиме ред.

sе-ushte-ima-mnogu-roditeli-koi-veruvaat-deka-kjotekot-e-izlezen-od-rajot-intervju-so-elena-gramatikova-edukator-za-roditeli-08.jpg

Сега веќе не му требаат потсетници, а на нас не ни треба вишок енергија за повторување и потсетување за секој чекор.

Најефикасната алатка на позитивна дисциплина е семејниот состанок, каде секој член од семејството (над 4 години) седнува рамноправно на маса и донесува одлуки за одреден предизвик.

Преку овие состаноци ние имаме договорено ограничено време на гледање телевизија, 20 минути во денот; јадење благо само во сабота и на роденден (ова беше и пред да наполни Калин 4 години); алиштата ако не се ставени во корпа за перење нема да бидат испрани...

Која е улогата на емпатијата во позитивната дисциплина и нејзината важност во негувањето здрави односи со децата?

Емпатијата е основа за добро родителување. Со позитивната дисциплина работиме токму на она што стои позади експресијата на емоциите и верувањата на детето. Всушност, работиме со потпалувачот на пожари наместо со постојано гасење на пожарите.

Па така, доколку детето се однесува агресивно, ние не работиме само со моменталниот „излив на емоции“ и моменталната ситуација, туку, со она кое го мотивирало детето така да се „изрази“.

Во основа на позитивната дисциплина стои психологијата на Алфред Адлер.

Адлеровата теорија и практика се покажаа особено продуктивни во однос на растот и развојот на децата.

Адлеријците веруваат дека „детето што се однесува лошо е обесхрабрено дете“ и дека помагањето на децата да се чувствуваат ценети, значајни и компетентни често е најефективната стратегија за справување со тешките детски однесувања.

Според Адлер, кога се чувствуваме охрабрени, се чувствуваме способни и ценети и, генерално, ќе дејствуваме на кооперативен начин. Кога сме обесхрабрени, може да дејствуваме на нездрави начини со натпреварување, повлекување или откажување.

Изнаоѓањето на начини на изразување и прифаќање на охрабрувањето, почитта и социјалниот интерес ни помагаат да се чувствуваме исполнети.

Наидувате ли на коментари од типот: „Која позитивна дисциплина, додека не викнеш или се заканиш нема да реагира детето“?

За жал, да. Традицијата, па и неадекватно протолкувана религија играат голема улога во родителувањето кај нас.

Сѐ уште има многу родители кои веруваат дека „ќотекот е излезен од рајот“ и „стравопочитувањето“ го ставаат на местото на „почитувањето“.

Имаме многу изреки и традиционални верувања кои мора да се променат и среќна сум што гледам сѐ поголем број родители кои ја прават промената.

sе-ushte-ima-mnogu-roditeli-koi-veruvaat-deka-kjotekot-e-izlezen-od-rajot-intervju-so-elena-gramatikova-edukator-za-roditeli-02.jpg

Дали реално дете кое било воспитувано на традиционален начин (во дом во кој е нормално и да се искара, и да се викне), може да се навикне на променет начин на воспитување т.е. доколку родителот почне да применува позитивна дисциплина, да речеме, по 5-тата година?

Да, секако дека можеме да се промениме и да го промениме начинот на родителување. Децата се деца до 25 години ако го земеме како основа развојот на мозокот, кој дури на 25 години е целосно оформен.

Родителите се тие кои треба да се навикнат на поинаков начин на воспитување и може да има промена доколку сакаат да се променат. 

Кога веќе знаеме дека докажано физичката казна носи со себе долгорочни психолошки последици и креира агресија и антисоцијално однесување кај детето, тогаш зошто не би ја замениле со нешто друго?

Закани, викање, казнување, омаловажување и слично се методи кои докажано ја напаѓаат самодовербата и автономијата на детето и не креираат никакви позитивни последици освен срам, страв, чувство на вина, чувство на неадекватност, неспособност, како и агресија и гнев.

Методот на позитивна дисциплина има за цел да се развие однос на меѓусебно почитување, ги учи возрасните да бидат нежни и цврсти во исто време, да не казнуваат, но и да не бидат попустливи.

sе-ushte-ima-mnogu-roditeli-koi-veruvaat-deka-kjotekot-e-izlezen-od-rajot-intervju-so-elena-gramatikova-edukator-za-roditeli-07_copy.jpg

Може ли да споделите некоја анегдота или приказна од работилниците со родителите?

Можам да споделам една анегдота која ја слушнав на предавање. Ова ми помага на мене, како родител, да ја сменам перспективата во одредени ситуации и истово го раскажувам на работилниците за позитивна дисциплина.

„Доколку ви дојде гостин дома и истури црвено вино на тепих, како ќе реагирате? Сигурно нема да почнете да му викате, да го нарекувате трапав или пак да го избркате во соба.

А како реагирате кога вашето дете ќе истури/скрши или згреши пред вас? Со што заслужува гостинот подобар третман од вашето сопствено дете?“

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

Елена Поповска, сликарка: „Не сум фрлила платно, но знам да го преработам ако не ја гледам истата ем... „Сите мои досегашни слики сами се насликале и најчесто маратонски ги 'раѓам' пор...
Љубица Димовска, дефектолог: „Родителите тешко прифаќаат дека се виновни за екранизмот на децата“ „Она што им паѓа најтешко на родителите е дека мора да го исклучат екранот, а со...
Иван Босиљчиќ за CRNOBELO: „Јелена ме научи да бидам романтичен, порано не бев како ликовите што ги ... „На 6 години добив брат, а многу сакав сестра. Родителите ми велеа дека ќе имам ...
Елена Јовческа, естраден уметник: „Свирам 4 инструменти, но гајдата ме прави препознатлива“ „Освен гајда понекогаш може да засвирам зурли и пијано. Салонот за убавина ми е ...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Љубовната приказна на Јелена Спенџарска и Лукас: „Поради мене сакаше да се пресели во Скопје“ „Јас имав трема кога го запознавав со моите, тој беше опуштен. Си се спремаше, к...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg