„Ги учам моите деца дека луѓето не се делат по етничка група, верска припадност, социјален статус“ - Интервју со Давид Берат, доктор на науки

 „Кога ќе имате пријатели од сите етнички заедници, сите религии, економски послаби и економски супериорни, кои ќе ги посетувате во нивните домови и тие во вашите, кога ќе ги запознаете нивните културни, традиционални и верски разлики, само тогаш Македонија ќе биде спремна за подобро утре. Тоа се некои од работите кои ги имам научено за време на живеењето низ општините Карпош, Чаир и Шуто Оризари“.

gi-ucham-moite-deca-da-veruvaat-vo-dobrinata-na-lugjeto-i-sekogash-da-pomagaat-intervju-so-david-berat-doktor-na-nauki-01.jpg

Давид Берат е роден 1987 година во Загреб, Хрватска, и потекнува од семејство на интелектуалци каде двајцата негови родители се првите Роми доктори на медицина во Македонија, а од неодамна и тој самиот е доктор на науки. 

Неговата животна приказна е инспиративна и покажува колку е важно да работиме напорно за да го постигнеме она што го сакаме, но и колку е важно да направиме место за еднаква можност за секого за да го видиме неговиот вистински потенцијал. „Сакам да ги поттикнам сите, не само ромската заедница, да вложуваат во своето образование“.

Во борбата за еднаквост помеѓу луѓето, потребно е да се одберат вистинските механизми кои ќе нѐ доближат поблизу до целта. Давид Берат, како и неговите родители пред него, го одбра образованието како алатка за индивидуален и општествен прогрес, кое му дава платформа и можност да им пристапи на секојдневните предизвици од поинаков аспект.

gi-ucham-moite-deca-da-veruvaat-vo-dobrinata-na-lugjeto-i-sekogash-da-pomagaat-intervju-so-david-berat-doktor-na-nauki-03.jpg

Давид дали можеш да споделиш со нас што те инспирираше да тргнеш на ова едукативно патување? Што те одржуваше мотивиран и фокусиран на твоите цели и покрај уникатниот пат по кој требаше да чекориш?

За мојот интерес по политичките науки најзаслужен е мојот татко д-р Бајрам Берат. Тој од 90-те години беше активен на политичката сцена, првично како претседател на најстарата ромска политичка партија во Македонија – ПЦЕР, подоцна и како претседател на ПИР – Партијата за интеграција на Ромите.

Следејќи ги неговите политички активности почнаа да ме интересираат политичките науки и поради тоа решив да се запишам на факултетот за јавна администрација и политички науки.

Од самиот почетокот на моето студирање, открив дека сакам да се бавам со наука и дека еден ден сакам да станам универзитетски професор за да го пренесувам моето знаење на следните генерации.

Главната инспирација и мотивација беа моите родители, кои се првите лекари Роми во Република Македонија, чии стапки доследно продолживме да ги чекориме јас и мојата сестра Афродита. Моите родители ме воспитуваа уште од најраното детство дека образованието е клучна алатка за интегрирање во општеството и постојано вложуваа во моето образование.

Веруваа во важноста на следењето на технолошките трендови па веќе во 1996 година ми беше купен и првиот персонален компјутер. Мотивиран бев и од страна на професорите за време на сите три циклуси на студии. Верувам дека доследноста ми е една од силните карактерни особини бидејќи настојувам се она што ќе го започнам успешно и навремено да го завршам.

Верувам во многу работа и помалку спиење, верувам во многу труд и учење. Останав мотивиран до крајот на докторските студии бидејќи знаев дека тоа е последниот услов кој морам да го исполнам доколку сакам да станам универзитетски професор.

gi-ucham-moite-deca-da-veruvaat-vo-dobrinata-na-lugjeto-i-sekogash-da-pomagaat-intervju-so-david-berat-doktor-na-nauki-02.jpg

Во твоето пионерско патување во високото образование, кои беа клучните лекции и искуства кои го обликуваа твоето разбирање и ценење на различноста и заедницата од која доаѓаш?

Првите 25 години од животот ги поминав живеејќи во Карпош, следните 11 години во Топанско Поле во општината Чаир. Често од слободното време го поминувам посетувајќи ги пријателите и роднините во општина Шуто Оризари. Значи постојано се движам во три различни средини каде различно сум гледан како поединец. Во овие средини и дружењето е различно. Некои ве сакаат повеќе, некаде ве почитуваат помалку, некогаш сте непожелни, некаде сте добродојдени.

Јас ги учам моите деца да практикуваат само една поделба на сите луѓе. Да разликуваат добри и лоши луѓе. Да не ги делат луѓето по етничка група, верска припадност, социјален статус и сл.

Ги учам да веруваат во добрината на луѓето, секогаш кога можат да помагаат на постарите, послабите, помалку среќните. Да сакаат повеќе, да покажуваат емпатија, да прават добрини и да се дружат со сите. И во докторската дисертација пишувам дека научниците кои се бават со односите меѓу мнозинството и малцинството тврдат дека во просек потребни се од 500 – 700 години за да малцинството биде прифатено од страна на мнозинството.

gi-ucham-moite-deca-da-veruvaat-vo-dobrinata-na-lugjeto-i-sekogash-da-pomagaat-intervju-so-david-berat-doktor-na-nauki-01_1.jpg

Тоа значи дека сме на самиот почеток кога станува збор за меѓуетничките односи во Македонија. Чуда не се случуваат преку ноќ. Потребно е секој од нас да другарува со сите.

Кога ќе имате пријатели од сите етнички заедници, сите религии, економски послаби и економски супериорни, кои ќе ги посетувате во нивните домови и тие во вашите, кога ќе ги запознаете нивните културни, традиционални и верски разлики, само тогаш Македонија ќе биде спремна за подобро утро. Тоа се некои од работите кои ги имам научено за време на живеењето низ општините Карпош, Чаир и Шуто Оризари.

Какви возбудливи планови и аспирации имаш за иднината? Како замислуваш да го користиш твоето достигнување за да ги инспирираш и поттикнеш и другите во твојата заедница, но и пошироко?

Моментално завршувам со пишување на неколку трудови кои ќе бидат објавени во меѓународни списанија. Се надевам дека во блиска иднина ќе станам дел од академскиот кадар на некој од универзитетите во Македонија.

gi-ucham-moite-deca-da-veruvaat-vo-dobrinata-na-lugjeto-i-sekogash-da-pomagaat-intervju-so-david-berat-doktor-na-nauki-04.jpg

Сакам да го пренесам стекнатото знаење на новите генерации и интелектуално да се надоградувам. Размислувам и за постдокторски студии, но ќе видиме како ќе се одвиваат работите.

Сакам да ги поттикнам сите етнички заедници не само ромската заедница да вложуваат во своето образование, да не се откажуваат на првите препреки со кои ќе се соочат, секојдневно да учат, да се трудат, да бидат најдобра верзија од самите себе. Да веруваат во себе и да бидат спремни да се борат за да бидат успешни во животот.

Да разберат дека учењето секогаш вродува со плод, некогаш порано, некогаш подоцна.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. 

Поттикнати од пораката на новата иницијатива на Македонски Телеком „Да направиме место за вистински да се поврземе“, којашто поттикнува отвореност и меѓусебно разбирање, за што говореше и Горан Стефановски, редакцијата на CRNOBELO.com ќе направи повеќе место за добри вести и приказни кои инспирираат.

Би можело да ве интересира:

Вирџинија од Скопје е девојка со уникатен моден стил – шарени стајлинзи, сина коса и нокти во сите б... „Косата ми е сина веќе 7 години и е ‘морето во мене’. Облекувањето за мене е заб...
Милица Павловиќ за CRNOBELO: „Немам емотивен партнер, можеби Македонец ми е судбина“ „Да не беа моите баба и дедо, немаше да сум толку решителна. Нивните крилја ми б...
Саша Матиќ за CRNOBELO: „Кога сопругата не е дома, со ќерките секогаш правиме ‘фешта’“ „Сите овие години балансирам меѓу семејството и музиката. Се навикнаа и тие и ја...
Теа Трајковска за CRNOBELO.com: „Предизвик е да се живее само од музика кај нас“ „Од Златно славејче ги носам едни од најубавите детски спомени. Уште како м...
Миро Кацаров за родниот град: „Старата чаршија во Штип ме научи на 'школо' кое нема цена“ „Роден сум во Штип и растен сум во бивша Југославија, каде сите маалски детски и...
Стефан Миленковиќ за CRNOBELO: „Секогаш со задоволство се враќам во Македонија, го сакам вашиот ајва... „И понатаму свирам на виолината изработена во 1783 година. Таа била во сопствено...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg