Давор Стојановски: „Сегашноста наликува на веќе започната партија шах“

„Доаѓањето во Скопје за мене има друго значење, затоа што е еден од моите два дома, и затоа што и овде станува збор за место, сочинето од семејни или блиски луѓе, кое не му ја враќа бојата на минатото, туку ти ја чува топлината што си ја изнел од него“, раскажува Давор Стојановски, автор на романот „Утеха за голите“ во издание на „Или-Или“.

Davor stojanovski segasnosta nalikuva na vekje zapocnata partija shah 5

Давор, пред самиот крај на 2018 година ја издаде твојата најнова книгата „Утеха за голите“, а твојот претходен роман „Собирачи на пепел“ ја доби наградата „Роман на годината“  за 2016 година на „Утрински весник“.  Постоеше ли некаков двобој помеѓу приказната што некогаш живееше во тебе и те издигна на книжевната сцена, и онаа што допрва требаше да го запоседне твојот внатрешен простор?

Постоеше само предизвик во поглед на намерата да се напише роман што според квалитетот ќе биде барем на рамниште на „Собирачи на пепел“, но гледав тоа да не ми биде препрека, туку дополнителна мотивација, и ми се чини дека успеав во целта. Всушност, „Утеха за голите“ и мојот претходен роман ги сметам за тематски и стилски слични.

Сепак, приказната од наградениот роман не ми пречеше во ниеден момент, затоа што откако ќе завршам со работата врз едно дело, светот што постоел во мене и за кој сум размислувал толку интензивно се затвора, штом книгата се отвора за читателите. Она што понатаму ме опседнува е само размислата околу аспектот што сакам да го опфатам во новиот роман, а тоа е сосема нов свет што го населувам и што ме населува.

Davor stojanovski segasnosta nalikuva na vekje zapocnata partija shah 2

„Утеха за голите“ ја раскажува приказна за Рајнер, еден од дваесетте најдобри играчи на шах во светот и неговото провлекување во животот. Неговите спомени со Анамарија и неговиот однос со Мина. Уште на самиот почеток од романот велиш дека понекогаш и од грешките може да испадне нешто убаво. Што те научија твоите грешки? Што променија во тебе?

Обично одбивам да ги поврзувам и да ги дискутирам темите и мотивите од романот, преведени низ призмата на мојот личен живот. Воопштено, сметам дека начинот на кој некој човек дефинира нешто како грешка и постапките што ги презема во врска со нивните последици, го обликуваат карактерот со одредени својства.

Во конкретниот случај на Рајнер, мотото што се провлекува е тоа дека понекогаш грешката може да донесе и нешто убаво; тоа е личното убедување на главниот лик, а наша должност како читатели е да ја порекнеме или да ја прифатиме оваа констатација во поглед на главните дејства што му се случуваат во професионалниот и во приватниот живот.

Davor stojanovski segasnosta nalikuva na vekje zapocnata partija shah 4

„Се запрашав дали е можно дека изминувањето на сите овие години ги изветвило боите и му го одзеле сјајот на пределот што некогаш ми беше познат“. Голем дел од луѓето што го следат твоето творештво се запознаени со фактот дека веќе неколку години живееш и твориш во Австрија. Што за тебе претставува враќањето во Скопје? Кои се нештата што на твоите спомени му даваат свежина и поголема живописност?

Секое одново враќање и соочување со градот, секое повторно гледање со луѓето, претставува некаква потрага по „старата боја“ или обид да се стигне до онаа свежа претстава на доживеаното, но дотаму се стигнува единствено кога минатите настани ги воскреснуваме низ зборовите. Дури сметам и дека интимната размисла за доживеаните настани е поживописна, отколку разговорот со другите луѓе за неа.

Доаѓањето во Скопје за мене има друго значење, затоа што е еден од моите два дома, и затоа што и овде станува збор за место, сочинето од семејни или блиски луѓе, кое не му ја враќа бојата на минатото, туку ти ја чува топлината што си ја изнел од него. За „Собирачи на пепел“ ми беше задолжително одново да го „преживеам“ Скопје одблизу, додека во „Утеха за голите“ ми помогна оддалечувањето од него и спомените на едно одамнешно и веќе непостоечко Скопје, кое ни јас не сум го искусил.

Davor stojanovski segasnosta nalikuva na vekje zapocnata partija shah 1

Ако минатите настани наликуваат на одиграна партија шах, која по завршувањето, бара одново редење на фигурите, тогаш на што наликува сегашноста?

Веројатно сегашноста наликува на веќе започната партија, во која го очекуваме потегот на противникот. И секогаш е придружена од надежта дека вториот играч ќе се појави, за да не останеме во вечно скаменетата положба на таблата без никаков исход.

Потребен ни е соиграч, макар и да изгубиме на крајот, зашто битно е да се одигра веќе почнатото. Токму истекувањето на времето (како што тече она на часовникот во текот на шаховската партија) ја прави сегашноста тоа што е во суштина – настан што еднаш ќе стане минато.

„Способноста однапред да се пресметаат потезите во шахот, всушност, наликува на гледање во иднината“. Ако во шахот може да ги пресметаме комбинациите, што станува со пресметување на животните ситуации? Може ли да гледаме низ нив, да ги преместуваме на друго поле, пред да повлечеме некој потег?

Рајнер во романот не успева да ги пресмета сите комбинации на животните ситуации, а верувам и дека ниеден човек не е способен за такво нешто. Можеме само да се водиме од интуиција, но несомнено е потребна и некоја морална и емоционална интелигенција.

Веројатно освен за играњето шах (или која било друга професија со која ќе се зафатиме), потребна е и дарба за постоење во склад со други животи. Можеби тоа резултира со нешто налик на способност за насетување.

А што понесува човекот кога се преместува, поточно преселува од едно на друго место?

Спомени и искуство.

Davor stojanovski segasnosta nalikuva na vekje zapocnata partija shah 3

„Шахот е можеби единствениот свет што навистина го разбирам. Само таму имам контрола над работите, па дури и над себе“. Давор, ако Рајнер го разбира светот на шахот, може ли да кажеме дека истото се однесува и на тебе?

Постои бариера меѓу мене и моите ликови, тоа е и предусловот на фикцијата, така што она што се однесува на ликовите, не може сосема да се однесува и на мене. Шахот е моја пасија, повремено му се посветувам повеќе или помалку во зависност од условите, можностите и другите обврски, а воедно членувам и во шаховски клуб во австриската корошка подлига.

Рајнер е сосема различен од мене во тој поглед. Доколку веќе морам да одберам одредено занимање или уметност (каква што е и шахот) за да го одговорам ова прашање, тогаш би рекол дека светот што најмногу го разбирам (иако не е и единствениот) е литературата, но сакам да се уверам дека за да се разбере овој свет, потребно е и разбирање на оној свет на кој литературата, барем мојата, реферира.

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Урбан лик: Ќазим Асотиќ од Скопје е кавалер од стар ков и маж со елегантен моден стил „Никогаш не излегувам од дома без часовник, машки голем прстен, вратоврска и мар...
Љубовната приказна на Јелена Спенџарска и Лукас: „Поради мене сакаше да се пресели во Скопје“ „Јас имав трема кога го запознавав со моите, тој беше опуштен. Си се спремаше, к...
Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...
Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Ивана Лескароски за тешката животна борба: „По двете загубени деца, посегнав по животот, но Бог ми г... „Моментот кога една жена наместо со бебе во рака завршува само со неговата облек...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg