Ивана Балабанова и Леонардо Хусеини: Сакаме да ги охрабриме оние кои живеат во тишина
- Детали
- недела, 10 јуни 2018
Танцовото студио Битрикс од Скопје секогаш знае да изненади со нови и интересни проекти. Максимално посветени допираат до голем број на луѓе и создаваат приказни од кои многумина се пронаоѓаат.
Во продолжение прочитајте го интервјуто со Ивана Балабанова и Леонардо Хусеини и нивниот проект Тишина.
Дечки здраво! Знаев дека повторно ќе нé изненадите со уште еден нов проект. Веќе почна да се зборува дека на 20 јуни на големата сцена на Македонска опера и балет ќе може да ја проследиме вашата најнова танцова претстава Тишина. Насловот звучи привлечно, но за каква тишина станува збор?
Како што спомена, на 20.06.2018 на големата сцена на Македонска опера и балет ќе се изведе премиерата на танцовата претстава Тишина каде како кореографи се појавуваме Ивана и јас. Тишината за која зборуваме во овој перформанс го претставува начинот на кој ги опишуваме жртвите на семејно насилство.
Имено, речиси сите жртви на семејно насилство поминуваат низ сите тешкотии сами и молкум, што од страв, што од недостаток на финансии и зависност од партнерот, а што од срам. Идејата е токму тоа, да дадеме охрабрување на сите оние кои живеат во тишина, да променат нешто во својот живот и да се охрабрат да преземат акција.
Значи така, вашиот аудиовизуелен перформанс ја обработува тематиката на семејното насилство. Од која перспектива ќе ги пренесете непријатните искуства и колку истите се блиски до вас и вашите членови?
Ова е проект којшто веќе две години стои во фиока и го чека вистинското време да се реализира. Причината за тоа не беше ништо друго туку токму нашата блискост до самата тема. Пренесуваме наши реални приказни, можеби не на начинот кој се случиле, но повеќе од тоа, на начинот на кој сме ги доживеале.
Неверојатно е колку од нас поминале низ некое такво искуство и какви последици има тоа за секој човек. Претставата е еден начин на наше ослободување од стегите на минатото и наше лекување.
Колку сметате дека танцовата претстава Тишина ќе влијае во охрабрување на луѓето гласно да проговорат за семејното насилство?
И еден чекор значи промена. Визијата за проектот е голема. По премиерата целиме кон повеќе активности и се надеваме на некаква поддршка за да можеме сето тоа да го пласираме и надвор од Скопје, во другите градови од Македонија.
Што повеќе луѓе чујат и видат, толку се поголеми шансите навистина да се случи промена. Тешко е да промениш насилник, но се надеваме дека некој кога ќе се види одблиску на сцената ќе се разбере подобро. Исто така, веруваме дека жртвите ќе најдат охрабрување и ќе престанат да се чувствуваат сами.
Ивана и Леонардо, знам дека листата на учесниците е голема, но кои сé поединци се вклучени во проектот?
Претставата подразбира еден аудиовизуелен перформанс во кој повеќе нешта заедно создаваат една целосна слика. Вклучени се различни танцови техники, но најмногу хип-хоп со примеси на модерен балет во одредени сцени. Исто така, во одредени сцени музиката ќе биде отпеана во живо (акапела), а ќе бидат вклучени и интересни моменти со видео-бим.
Како кореографи во претставата се појавуваме јас, Ивана Балабанова и Леонардо Хусеини. Во проектот се вклучени голем број на лица кои на различен начин ќе учествуваат во реализацијата: Тина Васков (психотерапевт), Марсебен (нашата видео продукција), Ѕвонко Петровски (фотограф), Ана Стојановска (графички дизајн и медиа концепт), јас како креативен директор и заедно со Лео (кореографи), Наташа Бабулова (костимограф), Томислав Балабанов и Ивона Попчевска (техничка поддршка), вокалната група каде како членови се појавуваат: Матеј Петров, Полина Тасева, Стефан Манасиевиќ, Дамијан Каранфилов Гулев, Маја Јанковска, Јулија Трајковиќ и Искра Мицковска под раководство на Иван Петровски, Кристина Леловац (професорка по актерска игра), Владо Караев (активист и едукатор) како и цели тимови на лица одговорни за озвучување и светло. Претставата ја изведуваат напредниот јуниорски и сениорски тим на Битрикс, а брои вкупно 31 танчар. За самата реализација и за се дополнително што се планира ќе бидат вклучени и активистите од организацијата Надеж кои нудат помош и згрижување за жртвите.
Тоа е навистина голема екипа. Какво е вашето искуство, дали е тешко да се искоординира толкав број на луѓе?
Постојано и секојдневно работиме со голем број на деца и родители во нашето студио. Секој проект вклучува најмалку дваесетина луѓе, па така, веќе се навикнавме. Сепак, не е лесно, особено кога голем дел се надворешни соработници и е потребна соодветна координација. Но, за среќа, сите оние кои се вклучија во проектот се со отворени срца и вистински нé поддржуваат, па кога има желба, ништо не е проблем.
После премиерата на кои активности ќе работите летово?
Летово ќе имаме доста активности, меѓу кои танцовиот натпревар во Бар, Црна Гора каде ќе земеме учество со почетните групи на Битрикс. Потоа ќе го посетиме кампот на Коузон во Скурас каде ќе одржиме танцови работилници, а на крајот од јули и самите ние ќе одиме на доедукација на еден од најголемите кампови ОМГ во Варна, Бугарија.
Во меѓувреме секако има дополнителни активности и подготовки на перформанси, танцови видеа и музички видеа со нашите соработници артисти. Секое лето е активно, па така и ова, но си ветивме дека после толку години овој пат во август ќе земеме мал одмор, за да собереме сили за новата сезона и да започнеме подготовки за Битрикс Танцовата Лига.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело