Васил Шемкоски: Извадете ги боичките и дајте му свои бои на нашето старо-ново Скопје
- Детали
- вторник, 15 мај 2018
Ако сакате да го разубавите Скопје или да го доживеете на еден поразличен начин, тогаш боенката за возрасни Скопје 091 на Васил Шемкоски ќе ви го овозможи тој благодат.
Васил Шемкоски, за многумина сте познат со вашето виртуелно портфолио Shemko Illustrations, токму за годинешниов Саем на книга ја издадовте вашата прва боенка за возрасни, насловена како Скопје 091 во издание на издавачката куќа ТРИ и која освои прво место во категорија најкреативно издание што ја доделува Македонската асоцијација на издавачи. Со доза сатира и гротеска, оваа боенка ќе им го смени погледот на луѓето за главниот град, можеш ли повеќе да ни објасниш за концептот и за целата идејата што се прикрива во заднината?
Едноставно смачено ми беше да ги слушам луѓето од мојата околина кои велеа и сé уште велат дека Скопје е тажен и депресивен, дека ќе се селат, дека не можат да го поднесат градот, дека ги гуши итн.
Тоа ми беше причината поради која ја создадов боенката, stress relief за да олабават малку.
Oколу концептот, сакав Скопје да го доловам од една нова перспектива, всушност боенкава е само почеток од еден поголем проект што ќе следува, кој, се надевам ќе им се допадне на моите драги скопјани па и пошироко, а особено на оние sci-fi љубители. Sci-Fi приказна за Скопје, звучи лудо, нели?
Велите дека боенката Скопје 091 е увертира за неотсонуваниот сон на Кензо Танге и со овој проект сакате да најавите нешто поголемо што ќе следува во блиска иднина. Зошто баш Кензо Танге?
Пред две години имаше натпревар во цртање кој беше дел од Скопје Стрит Фестивал. Другарка ми Ина ми спомна дека ќе се случува некаков натпревар, дека ќе се црта на сурф-даски и прифатив. Го нацртав Кензо Танге, па си реков, „Oваа приказна мора да продолжи”. Еве сега таа приказна ќе си тече. Бидете спремни!
Овој урбан омаж несомнено ќе ја разбуди носталгијата по едно изгубено, но не и заборавено време. Какви илустрации посветени на Скопје се наоѓаат од страниците на боенката што луѓето ќе треба да ги обојат по свој мерак?
Со доза сатира, носталгија, но и Скопје од една необична страна.
Сега би сакал да се навратиме на творечкиот процес, на периодот кога ја создаваше боенката. Колку напор, а пред сé креативност, треба да се вложи за да се добие една боенка за возрасни?
Околу 3 месеци активно работев на боенката. Имав моменти кога трескав маси и станував импулсивно од столче не знаејќи што ново да нацртам. Цело време ми летаа мисли, си ги запишував и пред спиење замислував како утредента ќе го направам новото артче.
Благодарен сум што издавачката куќа ТРИ ја препозна идејата и веруваа во мојата приказна, па сега целосно можам да се посветам на реализирање на сопствените идеи.
Освен тоа што создаваш боенки, дали имаш навика да седнеш и да обоиш некоја слика?
Па, многу одамна немам цртано со четка ако правиме за тоа муабет. Стриктно хартија, лист и цртање со рапитограф, молив, акрилни фломастери, особено моето таблетче за цртање. Спреј и четка поретко, но периодов планирам да зачестам и со тоа.
Кога ќе погледнеш во наредниот период, кои проекти и приоритети ти се наоѓаат на врвот од листата што сакаш да ги реализираш?
Ги има многу, не сакам да ги откријам уште, нема да биде интересно. Еј и не заборавајте Make Skopje Great Again.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело