Петар Тутунџиев - раскажувачот на приказни преку луѓето што ги фотографира
- Детали
- петок, 23 март 2018
Фотографија и информатика за Петар Тутунџиев (27), кој живее на релација Велес-Скопје, се главните професионални окупации со кои ги поминува деновите.
Планински велосипедизам, како негово хоби, му овозможува духовно да се воздигне по остварениот контакт со природата. Несебична љубов искажува спрема германските овчари – Бона и Ото, што лесно може да се забележи од неговиот инстаграм профил @tutundziev.
Токму поради перфекционизмот што го носи во себе често знае да заглави во делкање на ситници, и да се оптоварува со часови, посветувајќи многу повеќе време отколку на суштинските проблематики и предизвици.
„Можеби ова е клише одговор, но на Инстаграм сум затоа што сите го користат“, открива Петар Тутунџиев.
„За разлика од повеќето платформи Инстаграмот е поедноставен и поприфатлив за широката маса на луѓе и е социјална мрежа баш намената за споделување на фотографии. Без разлика дали станува збор за професионални фотографи или луѓе кои едноставно сакаат да споделат интересни моменти“.
Можноста да се научат нови работи, да се запознаат нови „фаци“, да се откријат работи и места претходно невидени се дел од причините зошто Петар е дел од оваа социјална мрежа.
Гласно потенцира дека сака да добива негативни, поточно конструктивни коментари и сугестии од поискусни фотографи, затоа што за него тоа на некој начин претставува бесплатно образование.
„Се трудам да бидам што е можно поактивен, но немам поставено некоја граница. Понекогаш се случува дневно да објавам една фотка, некогаш две или три, а понекогаш и правам паузи по неколку дена“, споделува инстаграмџијата, кој на располагање ја има следнава опрема: Canon EOS 7D Mark II, Sigma 18-35mm f1.8, Canon EF 50mm f1.8, Sony R1 и телефонот Xperia Z5 J
Кога ќе го отвориме профилот на Петар Тутунџиев ќе забележиме дека портретите се најмногу застапени во неговото портфолио. Во буквална смисла на зборот неговите фотографии раскажуваат приказни за фотографираните луѓе.
„Секој човек си има своја особина, свој отисок. Овој дел е најбитниот во секој портрет. Пред секое фотографирање разговарам со моделот, за неговото секојдневие преку кое учам за него од крупни работи до детали. Ова е најважниот момент, мора навистина да се слуша не само да се глуми заинтересираност.
Со самиот разговор се обидувам да си дадам одговор на некои прашања или спонтано да ги извлечам како на пример - што им претставува задоволство и ги исполнува, што ги тера да го прават тоа што го прават, кои им се соништата, итн. Со тие прашања приказната сама си се развива, а мое е само да го зграпчам точниот момент“, споделува инстаграмџијата.
Петар нема посебно дефинирани критериуми по кој ги бира своите модели, освен во одредени ситуации кога има некоја строго дефинирана идеја и истата сака да ја реализира. Во принцип, тој гледа личноста да носи некоја уникатност во себе, да има нетипичен стил и необично хоби.
„Портретите се на некој начин посебни или поспецифични за разлика од другите стилови на фотографија. Бидејќи учествуваат двајца, фотографот и моделот. Ниту едниот ниту другиот немаат целосна контрола еден врз друг. Па целиот процес на некој начин е преговарање, народски кажано 'повуци потегни'.
Е сега во тој момент реакцијата што ќе излезе од двете страни, тој момент е тоа што го прави портретот да биде квалитетен“, открива Петар Тутунџиев, кој во моментот е посветен да ги реализира идеите заглавени во неговата глава поврзани со екстремни спортови.
Поради специфичноста на замислата, самиот процес оди бавно, но гарантира успех.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело