Роки од бендот на Тоше: „Со него не ни требаа проби, без грешка пееше од прва - ќе беше светска ѕвезда да не загинеше“
Каков беше кога работевте на пробите, на подготовките за концертите?
Многу малку имавме проби. Кога имаше нова песна, му баравме да ни ја даде за да ја слушнеме и да извежбаме ние, а тој потоа да дојде на една проба за да видиме како ќе звучиме заедно.
Секогаш од прва ќе ја испееше, спремен без грешка, па по некое време сами си ги спремавме песните, а него не го ни викавме на проба, немаше потреба.
Само пред настапи имавме тонски проби за да се „подесиме“ за во моментот и ние и тој.
Па како се справувавте тогаш со неговите импровизации, со промените на песните што ги правеше во живо, зашто не ја пееше секогаш секоја песна исто, туку понесен од моментот…?
Верувај, неговото пеење често беше изненадување и за нас.
И секогаш беше најспонтано, верувала или не, па кога ќе сфатиме дека оди во друг правец – решава да повтори рефрен, да испее долго тон, го следевме во тоа што го правеше на лице место, се прилагодувавме на моментот.
После неколку месеци свирење заедно, веќе и имавме осет кај може да смени нешто, да импровизира, па и со поглед се разбиравме, си дававме знаци.
Дали имаше нешто што Тоше го бараше од вас како бенд?
Не, никогаш не ни кажал усно дека нешто не е во ред, дека нешто треба да е поинаку.
Ама, ние си ја сакавме работата. Ете и ти имаш доаѓано на нашите свирки уште пред да почнеме да свириме со Тоше и знаеш дека секогаш сме си ја сфаќале работата сериозно.
Секогаш доаѓавме спремни, не остававме да не знаеме песна, да грешиме, да касниме.
Плус, Тоше успеа да се пробие на екс-ју пазарот, што е многу тешко за некој од Македонија.
Тоа зборува за неговата посебност и талент, за неговото пеење и за целата негова личност.
И сега, не ја делиш бината само со него, туку со некои од најголемите бендови од овие простори, со кои сме растеле како деца.
Одеднаш доаѓаш во дискотека каде што пред тебе свирел и пеел Оливер Драгојевиќ, „Парни ваљак“, Џибони, Бајага, „Рибља чорба“.
Одговорност е. Мора да се стегнеш малку, да не се избрукаш, кога ќе дојдеме на сцената да „летаат партали“, да грмиме, а не циу-циу, зашто тие момци не се зафркаваат кога свират.
Од тој аспект, Тоше немаше што да ни кажува, сами знаевме што мора да правиме за да сме на тоа ниво, зашто настапите со него не беа играчка.
А имаше ли нешто што вас ужасно ве нервираше кај него? Сте се скарале ли некогаш?
Во нашиот контакт со него никогаш немаше нервоза. Секогаш беше љубезен, насмеан, добро воспитан, беше добро момче.
Секогаш сме се разбирале со убаво, со смешка. Верувај, караници никогаш немало, немало потреба.
Тој не беше нервозен, не беше конфликтна личност, најмногу си разговаравме околу музиката.
Тоше беше крајно нетипична ѕвезда. Беше скромен, премногу, не глумеше.
Ние како бенд и не многу притискавме да се дружиме со него.
Особено кога ќе отидевме некаде надвор од Македонија на настапи, го остававме да се повлече, да се одмори, бидејќи цело време имаше настапи, интервјуа, фанови околу себе, обврски, а ние сакавме да му овозможиме малку мир.
Знаеш, тој има направено многу, но и Љиља беше многу заслужна за неговиот успех.
Знаеше како да му ги отвори вратите, да го пробие, да направи терен… тоа е многу работа.
И види, од 2002-ра кога почнавме со работа заедно, до несреќниот ден, Тоше успеа да наполни 3 стадиони, Белградска арена, да пее на Евровизија, а да не ги спомнувам и сите успеси што ги имаше и претходно.
Гледајќи наназад, сфаќаш дека навистина било нешто посебно.
Заедно одевте на патувања низ регионот, ти беше со него и на Евровизија. Раскажи ми некоја случка што секогаш ти враќа убави спомени...
Самите патувања не ни беа некое посебно уживање, нас ни беше работа. Не се жалам, само кажувам како беше.
Секаде одевме со цело комбе опрема, па треба да застанеш на секоја граница, да ги пријавиш инструментите, да ги одјавиш на излез, па пак да ги пријавиш на следната граница.
Документи, царини, тоа понекогаш траеше вечност, ах, саати и саати патување, „труцкање“ што не е баш пријатно.
Но, кога ќе се случи концертот, кога ќе добиеш таков наплив на енергија, е тогаш си велиш: „Е, стварно вредеше ова“.
Точно, како спомени ќе останат полните концерти на стадионите, кога си викаш „вау“ и не можеш да останеш рамнодушен, но има неколку случки кои ќе ги паметам засекогаш.
Една од нив е во Словенија, кога Тоше пееше во Љубљана, тоа беше негов прв концерт таму.
Беше тоа во „Крижанке“, познат простор за концерти и беше преполно.
Ние на крај, на бис, ја свиревме „Тајно моја“. Повеќето песни имаа српски верзии и луѓето си ги знаеја.
Но, „Тајно моја“ си ја отпеаја од А до Ш на македонски.
Слушам и си велам: „Можно ли е?“. Јас бев сведок дека во Љубљана 3.000 луѓе пееја на наш јазик.
Тоа зборува за неговата популарност - Словенци да пеат на македонски за мене е голема работа, не ми се веруваше.
Втора работа која ќе ја паметам е на една групна свирка во Белград, каде што беа гости и пееја најголемите ѕвезди од регионот. Пееја еден по еден, правеа дуети, се забавуваа.
Ама кога Тоше се качи да пее, и отпеа песна од некој од гостите, ни тој ни некој друг не застана со него на бината - кого го болело грло, бил зарипнат, кој имал концерт, а всушност, не можеа да му парираат во пеењето и во споредба со него немаше да изгледаат баш добро.
Третото сеќавање ми е од Њу Џерси, САД. Не знам што му текна, ама реши да пее стари македонски песни кои не ги пееше често.
Ја отпеа „Зајди зајди“ и за таа песна сите знаеме како звучеше кога ја пееше, ама почна да ја пее „Параходот“.
На таа песна нема придружни вокали, па се тргнав на страна и уживав во изведбата. Додека пееше се наежив.
А тој, не ја викна за да покаже каков глас има и што може, туку опуштено, непретенциозно, природно. Се смрзнавме сите.
Тоше имаше способност да се снајде во секој стил на музика - дај му народна музика, ќе се наежиш, ќе те откачи. Дај му рок - на свое е. Дај му босански севдалинки - ќе растури. Дај му опера - ќе се тресе собата од моќта на гласот.
Имаше многу планови, никој не очекуваше да се случи тоа што се случи.