Две сестри од Прилеп се породиле речиси во исто време: „Бевме заедно во соба во болница, му благодариме на Господ за овој дар“
- Детали
- петок, 06 декември 2024
„И двете се породивме спонтано во градската болница во Прилеп. Нè сместија во иста соба, па многупати ќе се случеше да дојде некој вработен во одделението во нашата соба само да се увери кои се тие сестри што се породиле заедно“, вели Стефани Пишмановска Ристеска (28) за CRNOBELO.com.
Стефани Пишмановска Ристеска (28) и Елена Пишмановска Ристеска (30) се сестри од Прилеп со уникатна приказна. Биле бремени во исто време и се породиле во рок од 5 дена една по друга.
Нивните сопрузи се презиваат исто, па така имаат дури и иста комбинација од презимиња.
Стефани по професија е кредитен референт, а Елена сметководител.
Бебето на Стефани се вика Нина (родено е на 31 октомври 2023), а на Елена се вика Ена (родено е на 26 октомври), секако и двете бебиња се презиваат Ристески и од старт се веќе како сестрички.
Стефани лево, Елена десно
Инаку, презимето Ристески е многу често во Прилеп, и нивните сопрузи не се ниту далечни роднини, иако носат исто презиме.
Стефани и Елена имаат уште една сестра (близначка на Стефани).
Инаку, Стефани има две дечиња, а Елена едно.
За CRNOBELO.com Стефани вели:
„Кога остана Елена бремена со Ена бевме пресреќни што моето прво дете Бојан ќе си има друштво, но само по недела и пол после нејзиното соопштување дознав дека и јас сум бремена.
На цела фамилија ова ѝ беше буквално позитивен шок. Бевме пресреќни, но од друга страна и малку уплашени што некако нема да може 100% да си помагаме.
Но, животот не е секогаш црно-бел, нè изненадува и со некоја розова боја.
Буквално секој настан го поминувавме заедно, славевме откривање на полот заедно, одевме на прегледи заедно, безбројни шопинзи, правевме планови заедно да ги облекуваме, споделувавме искуства (иако имав веќе искуство, како секоја мајка што има веќе родено, детално не можев да ѝ опишам на сестра ми како ќе изгледа, но максимално ѝ бев поддршка).
Мојата бременост беше прилично лесна, а на Елена на почетокот на осми месец ѝ беше кажано да не движи премногу, па го помина периодот во одмор.
Толку си бевме поддршка една на друга што јас ја испратив утрото на породување, а таа веќе породена ме пречека вечерта во 22 часот за да одам на породување.
И двете се породивме спонтано во Градската болница во Прилеп, со една реченица: Врвни доктори и одличен цел тим.
Нè сместија во иста соба, па многупати ќе се случеше да дојде некој вработен во одделението во нашата соба само да се увери кои се тие сестри што се породиле заедно.
Велат дека немале сретнато сестри во исто време да се породат.