„Прљаво казалиште“ за CRNOBELO: „Во Прилеп скршив рака, тоа е ‘спомен’ од Македонија што ќе го памтам засекогаш“
- Детали
- петок, 08 ноември 2024
„Песната Marina е наша 'лична карта' последниве години. Уште пред концерт нè прашуваат кога ќе ја свириме, па кога ќе почнеме да ја пееме, луѓе снимаат, ѕвонат кај свои блиски со камера да вршат видео-пренос во живо“, велат за CRNOBELO.com Јасенко Хоура и Младен Бодалец од „Прљаво казалиште“.
Еден од најдолговечните ју-бендови, „Прљаво казалиште“, утревечер (09.11) ќе има концерт во Скопје.
По скоро 50 години, тие и понатаму настапуваат со голем жар и го оставаат своето срце на сцената.
На неколку дена пред настапот, Јасенко Хоура и Младен Бодалец, луѓето кои се душата и „гласот“ на бендот, дојдоа во Скопје - и за да се подготват за концертот, но и да се сретнат со некои свои пријатели од Македонија кои не ги виделе одамна.
Една од тие средби беше и за интервјуа. Разговаравме во опуштена атмосфера во која за CRNOBELO.com, Јасенко и Младен, се сетија на своите почетоци, на песните кои се „лична карта“ на бендот, на времето после короната кога им било тешко да се вратат на сцената.
Во разговор за CRNOBELO.com
Кога ги прашав за некоја анегдота поврзана со Македонија која нема да ја заборават, Младен ми рече:
„Во 2015 година ја скршив раката во Прилеп. Се сеќавам, тогаш спиевме во Крушево и не отидов веднаш на лекар, туку возевме 12 часа до Загреб, па таму ми кажаа дека раката ми е пукната, повредена.
Тоа ќе ми остане како едно сеќавање поврзано со Македонија, иако не е баш среќна анегдота. Ама се памти“.
Прочитајте го целото интервју со Јасенко и Младен од „Прљаво казалиште“:
На сцената сте скоро половина век... Дали по толку време, денес излегувате на сцената со истата страст, дали со истата страст снимате нова музика?
Јас мислам дека тоа го правиме со повеќе страст, иако тоа количински не е мерливо. Кога сте млади тогаш настапите ви се потполно поинакви.
И во тоа време не знаеш кој се плаши повеќе - дали публиката од вас или вие од неа.
Во оваа фаза само сакам да имаме уште многу „добри натпревари во нозете“, да уживаме во времето поминато на сцена или во студио, не сакаме да тече брзо.
Важно е да знаете да уживате во тоа што го правите, но и да го дадете најдоброто од себе во тие два часа, бидејќи ова што го работиме ние е вистинска привилегија.
Многу ваши песни се хитови, а ги пеат и старите, но и младите. Ако треба да бирате меѓу Crno bijeli svijet, Marina, Badnje vece, Tu noc kad si se udavala, Moj bijeli labude... која песна ќе ја одвоите како евергрин, лична карта, кој секогаш ќе биде асоцијација за Прљаво казалиште?
Ние имавме некој таков музички пат во сите овие години што ни даде не еден, туку неколку лични документи кои уредно ги сменивме низ годините. Прво беше тоа Sretno dijete, а потоа излезе Crno bijeli svijet.
Во нашата земја е тоа секако Ruža Hrvatska, тука нема дилема.
На некои песни им требаше време да се позиционираат како хитови, ете за Heroj ulice во прво време не се зборуваше, никој не ја знаеше, а потоа се случи турнејата Zaustavite zemlju и песната одеднаш стана уште една наша лична карта.
А сега е тоа песната Marina, па без неа не може да помине ниеден наш настап со години.
Уште пред концертот нè прашуваат кога ќе ја свириме, а како почнуваме да ја пееме, почнуваат да снимаат, да се вклучуваат „лајв“ или да ѕвонат кај свои блиски со камера и да вршат пренос во живо.
Какво е чувството кога во публиката ќе видите „некои нови клинци“, кои можеби и не биле родени во времето кога настанале вашите најголеми хитови?
Тоа се прекрасни моменти, посебно што сме ние луѓе од минатиот век.
Ние во тоа време кога се формиравме како бенд, мислам дека бевме најмлади, па можеби затоа и опстоивме толку долго време.
А денес е важна и биологијата - да сме во состојба да се носиме со годините и да одработиме концерт од два часа.
Ние може да имаме желба, ама ако телото не нè слуша, тогаш е џабе.
Е сега, мислам дека многу млади кои доаѓаат сега на концертите, прво нè запознале преку своите родители, тие им раскажувале за нашите настапи, а тие дури сега откриваат како тоа изгледа навистина, а не преку приказните на другите.
Тоа е интересно за гледање, навистина.