Марија од Скопје за ракот на дојка: „Не гуглав лекови, полесно ми беше да патувам по светот, отколку да седам дома“
Кој ви беше најголема поддршка за време на лекувањето и ви помогна да се изборите?
Во целиот процес најголема поддршка ми беа семејството и другарките.
Без нив, посебно без маж ми и брат ми, тешко дека ќе поминев низ целиот процес.
Уште од првиот ден им кажав што се случува и заедно одевме од „битка во битка“.
Лекувањето се состоеше од операција, хемотерапија и зрачење и траеше вкупно девет месеци.
Кој дел од лекувањето ви беше најтежок? Со што ви беше најтешко да се справите?
Најтешко ги поднесов последните хемотерапии, цело време бев уморна, како пола човек.
За цело време на лекувањето бев активна, одев на работа (скратено додуша) ама и многу патував зашто така ми беше полесно да поднесам.
Бев на скијање во Франција, па во Париз, во Токио и во Италија на одмор, февруари, март, мај и јули.
Сите патувања ги поднесов супер, дома ми беше тешко.
Дали освен традиционалната терапија воведовте и посебен режим на исхрана и почнавте ли да земате други алтернативни лекови… Се придржувате ли до овие правила и по завршената терапија?
Многу ја слушав докторката, ги следев само нејзините препораки и не „гуглав“ совети за лекување со алтернативни лекови.
Вежбав цело време (освен последните десет дена од хемотерапијата) и пиев многу вода.
Ништо специјално не сменив во исхраната и навиките. Кога контролниот пет-скен покажа дека немам знаци на малигнитет, си реков: ’Ете, тоа е тоа, оваа битка помина во моја корист. Сега остануваат редовните контроли (првата ми е во ноември, три месеци од последниот третман) и надежта дека нема да се повтори.
Колку дијагнозата ви го промени размислувањето за животот и што би им порачале на жените што сè уште се борат со некој вид рак или со слична болест?
Дијагнозата само ми ги изостри сетилата за уживање во животот.
Не знам дали со мојава неортодоксна борба сум пример за другите жени, ама знам дека секој што се соочува со каква било болест, или друга тешкотија во животот, треба да си го најде својот начин на борба, и при тоа, во борбата нема погрешни одговори, сè што ни помага да сме помирни во главата, да сме поистрајни во битките, сè е точен одговор.
Некој се врти кон себе, некој кон верата во Бог, секој е во право.
Јас одбрав да се борам со одредена доза на хумор и добро расположение.
Погледнете уште неколку фотографии од Марија во продолжение:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело