Марија од Скопје за ракот на дојка: „Не гуглав лекови, полесно ми беше да патувам по светот, отколку да седам дома“
- Детали
- вторник, 29 октомври 2024
„Дијагнозата само ми ги изостри сетилата за уживање во животот. За цело време на лекувањето бев активна, одев на работа ама и многу патував зашто така ми беше полесно да поднесам“ – раскажува за CRNOBELO.com Марија Даниловска од Скопје, која успеа да се избори со ракот на дојка.
Марија Даниловска (53) од Скопје е фармацевт, која работи во сопствена аптека, а во последните месеци успеа да се избори со ракот на дојка.
За CRNOBELO.com раскажува како изгледала нејзината битка, со што сè се соочила во изминатите месеци и како успеала да си обезбеди душевен мир додека траела битката.
За разлика од голем број други жени коишто се соочиле со ваква дијагноза, Марија одлучила дека со болеста ќе се избори на нозе, постојано ќе патува и ќе ужива во животот, а како што вели, не постои погрешен начин на борба, секој треба да си го најде тоа што му треба.
Во продолжение целото интервју со Марија:
Колку години имавте кога ја добивте дијагнозата за рак на дојка и можете ли да се присетите на првите емоции што ве обземаа кога дознавте дека сте болни?
Дијагнозата ја добив на 52 години, во декември 2023.
Нормално дека првото чувство е шок, првото прашање е зошто баш јас, ама решив брзо дека нема да дозволам „мојот непријател“ да мрдне понатаму и веднаш ќе се справам со него.
Правевте ли редовни прегледи претходно, или на лекар отидовте дури откако ги почувствувавте првите симптоми? Кои беа првите симптоми на болеста што ги почувствувате?
Од својата 40-та година одам редовно на контрола, секоја година ехо, секоја втора година-мамографија и секогаш резултатите биле уредни.
Уреден резултат имав и на последната контрола кон крајот на април 2023, ама во декември си напипав грутче на левата страна и како одма да знаев дека не е во ред, брзо закажав ехо-преглед, на кој докторката веднаш ми ја постави дијагнозата, не се ни посомнева дека е канцер и ме советуваше да направам биопсија, а потоа и да го отстранам канцерот оперативно.
Кажете ни нешто повеќе околу дијагнозата, какви беа прогнозите на лекарите… Колку време помина од првите испитувања до операцијата? Колку хемотерапии ви беа препорачани?
Операцијата бидна десет дена после првичната дијагноза.
Хистопатолошкиот наод укажа дека се работи за тројно негативен канцер на дојка, без метастази во лимфните јазли и следна препорака беше превентивна хемотерапија, вкупно осум циклуси.