Стефан (26) од Градско ја запознал саканата во Софија и живеат во Полска: „Таа ми предложи да се венчаме“

„Таа ми предложи да се венчаме низ муабет и јас прифатив, тоа беше најлесно решение за да останам таму. Направивме мала пикник забава во природа за свадбата“ – Стефан раскажува за љубовната приказна со саканата од Полска, но и за патувањата низ Европа, каде свирел на свирки и работел како уличен музичар.

stefan-26-od-gradsko-ja-zapoznal-sakanata-vo-sofija-i-zhiveat-vo-polska-taa-mi-predlozhi-da-se-venchame-01.jpg

Стефан Аризанов (26) од Градско израснал во своето родно место, а потоа поради фудбалот се преселил во интернат во Велес и учел за физиотерапевт.

После средно образование почнал да патува, бил во неколку земји низ Европа -  Холандија, Германија, Скандинавија, Шпанија, Франција, Хрватска и други...

За себе тој вели дека е неверојатен авантурист кој што обожава да е во непознато, а решил да се проба со „фул тајм“ патување и свирење на различни места.

„Патувањето на нови места ми дава можност да се спознавам себеси сѐ повеќе, да живеам радосно, но исто така и да служам на што е можно повеќе луѓе ширум светот. Сакам да им го направам животот на луѓето малку посветол, да донесам позитивна енергија во нивните животи“ - вели за CRNOBELO.com Стефан. 

Токму на едно од овие патувања, ја запознал својата сакана од Полска, со која од неодамна се венча и живеат во Краков. 

За нивната љубовна приказна, но и за авантурите и патувањата низ Европа, Стефан раскажува подетално за CRNOBELO.com... 

Како, каде и кога се запозна со сопругата од Полска?

Со сопругата се запознав во Софија (Бугарија). Јас се враќав за Македонија од Канарски Острови, бев 40 дена во Тенерифе и 40 дена во Гран Канарија и одлучив последните 10 дена од 90 дена што ги имаме во ЕУ да ги истрошам до последен во Бугарија.

Се најдовме на интернет и бидејќи и двајцата сме музичари се договоривме да свириме и да се запознаеме, но немавме договорено точно термин ниту место.

Па така јас враќајќи сè со трамвај накај една другарка кај што ми стоеја работи, одлучив да се симнам од трамвај неколку станици порано и да скратам пешки преку пазарот.

И така пешачејќи низ пазарот таа буквално изникна пред моите нозе, бидејќи седеше на земја со скрстени нозе, буричкајќи во нејзината торба па и да сакав не можам да ја одминам бидејќи ќе ја згазнев.

Па затоа и на момент не си верував на очите па ја прашав дали тоа е таа.

Потоа наредниот ден јас отидов да ја посетам бидејќи имаше некој етно/фолк фестивал во селото Бов каде што таа волонтираше (нешто како workaway) и се грижеше за градината и животните.

Потоа патувавме малку низ Бугарија на неколку дена и јас морав да се вратам за Македонија бидејќи ги искористив сите 90 дена.

Но, по неколку денови таа дојде во Македонија да ме посети, па потоа отиде во Хрватска бидејќи беше учесник на една работилница за пеење.

Потоа се врати во Македонија, а јас веќе почнав со свирење во Охрид бидејќи сезоната беше почната и потоа од Охрид се врати во Полска.

stefan-26-od-gradsko-ja-zapoznal-sakanata-vo-sofija-i-zhiveat-vo-polska-taa-mi-predlozhi-da-se-venchame-03.jpg

Колку време траеше вашата врска пред да ја запросиш и како одлучивте да живеете во Полска?

Ова е малку комплицирано да се одговори бидејќи ние се запознавме во мај 2023 во Бугарија, па таа дојде во Македонија и можам да кажам дека на некој начин тогаш започна врската, но во јуни таа се врати во Полска.

Практично тогаш не бевме во врска, но бевме во секојдневен контакт наредните 5-6 месеци додека таа беше во Полска.

И во тој период ние се запознаваме многу повеќе отколку за тој месец дена додека бевме заедно и едноставно станавме најдобри пријатели.

Во тој период после Охрид јас заминав во Холандија, потоа Германија и на крај завршив во Малта каде што таа дојде да ме посети и можам да кажам дека нашата врска вистински започна таму.

Тоа е така бидејќи после Малта веќе баравме решение како јас да дојдам во Полска за да живееме заедно и откако јас дојдов во Полска благодарение на неа, бидејќи ми најде работа и ја заврши целата документација, јас дојдов и почнав со работа.

Па една вечер додека баравме решение како да останам без да морам да работам, таа низ муабет ми предложи да се венчаме како би можеле да останеме заедно да живееме во Полска без да бидам јас обврзан со работен договор, како би можеле да патуваме заедно како низ Полска, така и низ другите држави.

Па така јас немав можност да ја запросам бидејќи како што кажав таа ми предложи да се венчаме низ муабет и јас едноставно прифатив бидејќи тоа беше брзо и најлесно решение како би ги избегнале сите непосакувани последици.

Најголемиот предизвик ни беше како што кажав тоа што не можевме да патуваме низ Полска и Европа бидејќи јас морав да имам работен договор како би можел да живеам (престојувам) во Полска.

stefan-26-od-gradsko-ja-zapoznal-sakanata-vo-sofija-i-zhiveat-vo-polska-taa-mi-predlozhi-da-se-venchame-02.jpg

Каде се венчавте и правевте ли свадба? Има ли некакви традиции кои ги практикувавте?

Се венчавме тука во Полска и направивме само мала забава/пикник во природа со нашите фамилии.

Од некои специфични традиции не практикувавме ништо бидејќи ниту јас ниту таа не сме по тоа.

Едноставно само уживавме во природа со овошје и зеленчук заедно со нашите фамилии, од традиции можам да кажам дека им свиревме и им пеевме по некоја македонска и полска песна.

Таа веќе знае да пее десетина македонски староградски песни.

stefan-26-od-gradsko-ja-zapoznal-sakanata-vo-sofija-i-zhiveat-vo-polska-taa-mi-predlozhi-da-se-venchame-04.jpg

Колку сте слични или различни со сопругата со оглед на тоа што потекнувате од различни земји? Влијае ли тоа некако на вас?

Па можам да кажам дека сме доста слични со сопругата и дека тоа нè прави уште поблиски.

Тргнувајќи од тоа што и двајцата сме музичари, со исхраната двајцата сме на овошје и зеленчук (иако јас знам често да направам пица, паста, грав, леќа итн) таа се држи само на овошје и зеленчук периодов.

Но секако имаме и различности, иако се многу поретки и поситни и влијаат баш позитивно на нас.

Највеќе што сакаме да правиме заедно се разбира тоа е да свириме и пееме, исто така да спортуваме, многу често одиме да трчаме заедно.

Во нешто што никако не се сложуваме се шеќери, јас знам често летоска да земам сладолед и не гледам дека тоа е страшно, а таа баш не обожава шеќери и за неа тоа е нешто најлошо.

Таа си прави за неа сладолед од банани бидејќи дома имаме машина за правење, па сепак наоѓаме баланс.

stefan-26-od-gradsko-ja-zapoznal-sakanata-vo-sofija-i-zhiveat-vo-polska-taa-mi-predlozhi-da-se-venchame-34.jpg

Колку време си во Полска? Си бил ли претходно таму? Какви ти се првите впечатоци? Како си прифатен од семејството и пријателите на сопругата?

Во Полска сум од почетокот на март и тогаш дојдов за првпат. Првите впечатоци ми беа одлични и сè уште се држам на тоа.

Живееме во Краков и мене баш ми се допаѓа градот.

Често знаеме да отидеме некаде околу, најчесто поради фестивали бидејќи таа има два нејзини бендови за коишто е композитор на текстовите и некои од мелодиите.

Секогаш кога и да одиме некаде јас се воодушевувам од местата, можам да кажам дека Полска сама по себе е преубава земја.

Од нејзиното семејство сум од самиот старт прифатен и почитуван и често знаеме да ги посетиме бидејќи тие живеат на 3 часа од Краков.

Еве од неодамна дедо ѝ ни ја поклони колата (Volkswagen Sharan) како би ја конвертирале во комбе за да патуваме и живееме во неа.

Пријателите нејзини веќе се и мои пријатели и баш се разбираат со мене и мило ми е што често знаеме да се дружиме.

stefan-26-od-gradsko-ja-zapoznal-sakanata-vo-sofija-i-zhiveat-vo-polska-taa-mi-predlozhi-da-se-venchame-27.jpg

Дали твојата сопруга била во Македонија? Што мисли за нашата земја и нашиот народ? Ја пробала ли македонската традиционална кујна?

За првпат дојде во Македонија само неколку дена откако јас се вратив од Бугарија.

Дојде прво во Градско, ги запозна моите и потоа замина за Хрватска на работилница за пеење па се врати, јас веќе бев во Охрид па дојде, го посети и Охрид за прв пат и да, баш ѝ се допадна.

Баш беше позитивно изненадена од нашиот народ бидејќи немала никаков контакт претходно со Македонци, а за Македонија има доста позитивен став и ѝ се допаѓа многу, самото тоа што веќе неколкупати ми има напомнато дека би сакала да одиме и да живееме на одреден период во Македонија.

Храната за неа беше доста интересна бидејќи нормално за првпат проба гравче тавче подготвено од баба Ленка кое многу ѝ се допадна, а од друга страна нешто што не ѝ се допадна беше тараненик.

stefan-26-od-gradsko-ja-zapoznal-sakanata-vo-sofija-i-zhiveat-vo-polska-taa-mi-predlozhi-da-se-venchame-05.jpg

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Милица Павловиќ за CRNOBELO: „Немам емотивен партнер, можеби Македонец ми е судбина“ „Да не беа моите баба и дедо, немаше да сум толку решителна. Нивните крилја ми б...
Саша Матиќ за CRNOBELO: „Кога сопругата не е дома, со ќерките секогаш правиме ‘фешта’“ „Сите овие години балансирам меѓу семејството и музиката. Се навикнаа и тие и ја...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Вирџинија од Скопје е девојка со уникатен моден стил – шарени стајлинзи, сина коса и нокти во сите б... „Косата ми е сина веќе 7 години и е ‘морето во мене’. Облекувањето за мене е заб...
Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg