Александра од Скопје 4-ти пат беше на финалето на Вимблдон: „Билетите се од 250£ нагоре, аплицирав уште во октомври“
- Детали
- среда, 17 јули 2024
„Доаѓањето на Кејт, принцезата од Велс, предизвика бран на возбуда меѓу публиката. Нејзиното присуство само го нагласи гламурот што е дел од традицијата на турнирот. И изгледаше прекрасно“, вели скопјанката Александра, која веќе 25 години живее во Лондон и која беше на финалето на Вимблдон.
Александра Георгиевска Рорт, која е родена во Скопје, веќе 25 години живее во Лондон, со сопругот и дете ќерки.
Таа е голем вљубеник во тенисот - почнала да тренира како дете, но и денес игра активно, рекреативно, во тенискиот клуб Chesham Bois.
Александра, заедно со сопругот, минатиот викенд беше на машкото финале на Вимблдон, што е нејзина четврта посета на едно финале на овој Гренд слем.
За нејзиното искуство од 2024, но и по нешто за претходните години кога била на Вимблдон, Александра раскажа за CRNOBELO.com:
„Четири години по ред, мојот сопруг и јас уживаме во искуството што го нуди Вимблдон и во привилегијата да бидеме дел од најзначајниот меч на турнирот, машкото финале.
Мора да признам дека ни годинава не беше многу поразлична од претходните - сите бевме во исчекување на мечот, се чувствуваше возбуда во воздухот.
Доаѓањето на Кејт, принцезата од Велс, предизвика бран на возбуда меѓу публиката. Нејзиното присуство само го нагласи гламурот што е дел од традицијата на Вимблдон.
Во текот на целото финале таа беше расположена, а потоа со насмевка им ги даде трофеите на победниците и долго време разговараше и со главниот, и со линиските судии.
Беше многу блиску до местото каде што седевме и изгледаше прекрасно.
Славните личности кои доаѓаат на овие натпревари му даваат друга димензија на целото спортско искуство.
Годинава меѓу присутните беше Том Круз, кој седеше неколку реда над Кејт. Него го забележавме на неколку натпревари во последните четири години.
Но, ѕвезда која ми остави најсилен впечаток е Бред Пит минатата година.
Мислам дека повеќе гледав во него, отколку на теренот и буквално не можев да го следам мечот. Сличен впечаток ми остави и Џулија Робертс.