Александра Ристовски од Црвен крст: „Загубивме 4 наши волонтери во Кочани, сите веднаш излегоа на терен“
- Детали
- петок, 28 март 2025
„Нашите професионалци и волонтери беа на терен уште истиот ден кога и беше пожарот. Дел од нив беа во дискотеката, дел од нив беа излезени со своите пријатели... така што веднаш се вклучија во давање на поддршка. Како минуваа минутите така се воспоставуваше и системот за помош“, вели Александра Ристовски од Црвен крст за CRNOBELO.com. Браво хумани луѓе со срце планина!
Александра Ристовски e национален координатор за програмата „Промоција на хумани вредности“ (ПХВ) - програма за регрутирање и задржување на волонтери во редовите на организацијата Црвен крст.
Волонтерите се луѓе со срце планина, кои без никаква финансиска корист, туку само од хумана побуда, неретко го ставаат доброто на другите пред своето сопствено добро и се трудат на секој можен начин да помогнат.
Александра за CRNOBELO.com споделува детали за работата на волонтерите на Црвениот крст за време на трагедијата во Кочaни:
Што значи да се биде волонтер во Црвен крст? Кој сè волонтира?
Волонтер на Црвениот крст е лице кое доброволно, со личен придонес, ентузијазам и заложба извршува работи за Црвениот крст, но и помага во подобрување на животот на ранливото население, пред сѐ на локално ниво, без материјална корист.
Во Црвен крст на РСМ има околу 5.000 активни волонтери и 20.000 членови кои се вклучени во различни дејности како работа со млади, лица во трето доба, лица со попреченост, социјално ранливи лица, односно во социјално- хуманитарните активности, во подготвеност и дејствување при катастрофи и здравствено- превентивни дејности.
Преку волонтирање како начин на дејствување, личноста има општествена и индивидуална полза.
Волонтерството помага при градењето кохезивни заедници, при што се поттикнува поголема доверба меѓу граѓаните и развива норми на солидарност и реципроцитет, кои се неопходни за една стабилна заедница.
Кога пристигнаа првите волонтери во Кочани, по трагедијата, и како помогнаа?
Кочани е колективна трагедија за целото наше општество. Ќе мораме сите многу да работиме да им помогнеме да младите и на граѓаните да излезат од оваа ситуација.
Во Кочани имаме канцеларија на Црвен крст која е една од 33-те наши локални канцеларии низ земјата.
Нашите професионалци и волонтери беа на терен уште истиот ден кога и беше пожарот.
Дел од нив беа во дискотеката, дел од нив беа излезени со своите пријатели... така што, да, веднаш се вклучија во давање на поддршка.
Како минуваа минутите така се воспоставуваше и системот.
Во канцеларијата на Црвен крст во Кочани пристигнуваа професионалците и волонтерите и даваа поддршка на различни начини. Пристигнуваа и тимови од други градови за да им дадат поддршка на тимовите од Кочани оти за нив ова беше претешко, тоа се нивни сограѓани, другари, нивни браќа и сестри...
Црвен крст даваше поддршка и пред болниците со дистрибуција на храна и вода за семејствата кои чекаа информации за своите блиски.
60 психолози од Центарот за ментално здравје на Црвен крст и Комората на психолозите пружаа психо-социјална поддршка на граѓаните.
Дадовме поддршка при мобилизација на заедницата за прибирање на финансиски средства наменети за семејствата, но бевме и дел од организација на самите погреби.
Дел од волонтерите и професионалците сè уште се на терен и остануваат како поддршка на сите оние кои имаат потреба од помош.
Волонтерите беа дел и од извлекувањето на телата, идентификација на телата, на последно збогум во капелата, на погребите... Колку оваа хумана работа е тешка и болна на моменти? Можат да ја работат само лица со срце планина, зарем не?
Кризите и катастрофите настануваат наеднаш, неповикани и ненајавени. Но, ние треба да имаме систем и како држава и како Црвен крст.
Во тие моменти се активира тој систем и се гледа подготвеност, големината и силата на една организација или институција.
Целокупната помош и поддршка немаше да можеме да ја реализираме без тие 165 волонтери и професионалци во црвените униформи.
Луѓе кои беа фокусирани на својата работа, да помогнат и да го ублажат страдањето во заедницата. Тие се нашата сила и позитивни двигатели. Без нив ништо немаше да се направи или пак сè ќе беше потешко.
Тоа се луѓе кои се ставаат во функција многу брзо, кои мислат на другите понекогаш и пред на самите себеси; тие ја градат солидарноста во нашата земја и враќаат верба дека заедно сме посилни и дека заедно може да стигнеме подалеку.
За жал, во трагедијата и 4-ца наши млади волонтери го загубија својот живот. Болката и тагата е уште поголема. За никого работите веќе нема да бидат исти.
Како организација остануваме присутни во Кочани и во другите градови пред сè со тимови кои пружаат психо-социјална поддршка, но исто така психо-социјална поддршка ќе им биде овозможена и на нашите волонтери бидејќи и за нив е ова една голема траума, пред сè заради искуството кое го доживеаја.
Зошто луѓето треба да волонтираат во Црвен крст?
Преку волонтирањето се излегува од комфор зоната во која често пати се наоѓаме.
Kога ќе се излезе од таа зона, започнува процес на развој, раст и учење преку реализирање на активности кои често немаме можност да ги правиме или никогаш досега не сме ги правеле.
Учиме нови нешта, стекнуваме нови вештини и усвојуваме нови знаења и нови животни вештини. Често за другите, но и за самите себеси.
Преку волонтирањето се поврзува формалното и неформално образование, односно теоријата и праксата, а едно без друго не оди.
Преку волонтирање на една индивидуа се отвора можност за запознавање нови луѓе, се интензивира комуникацијата, се развиваат лични и професионални вештини и се поттикнува активен пристап кон животот.
Во Црвениот крст волонтерите имаат можност да работаат со целни групи со кои обично немаат допир во секојдневието, лица со посебни потреби, лица во трето доба, самохрани родители... лица заради кои сме подготвени да направиме повеќе, да ги кренеме сопствените sидови и да смениме одредени лични ставови.
Преку волонтирањето луѓето имаат можност да станат најдобра верзија од самите себеси, но и најдобри амбасадори на општеството.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





