Бранко од Скопје за времето во ЈНА: „Служев во Титова гарда во Белград, таму ја запросив сопругата“
- Детали
- четврток, 24 април 2025
„Беше голема одговорност, но и чест да се служи во гардата на Тито. Кога одевме во град се разликувавме од другите војници, имавме поинакви униформи и капи, а кога се шетавме низ Белград, цивилите со восхит нè гледаа“ - се сеќава со носталгија Брако од Скопје за времето поминато во ЈНА.
Бранислав Јовановски од Скопје (70) е роден во времето на Југославија. Тоа значело и задолжително служење воен рок, што за повеќето мажи, освен обврска, била и голема чест.
Обуката ја имал во Краљево, каде што бил одреден во автоединица, да вози камион, но потоа, преку еден од првите луѓе на маршалот Јосип Броз Тито, бил регрутиран во касарната на Дедиње, за да го заврши воениот рок во Титовата гарда.
Додека служел војска, токму во Белград, ја побарал за сопруга својата тогашна девојка, Цвета, со која е во брак 47 години.
За времето поминато во војска, југоносталгијата, средбите со Тито, но и зошто никогаш не ставил тетоважа ЈНА, Бранислав ни раскажа во разговорот за CRNOBELO.com:
Како изгледаше повикот за во војска? Дали пред да одите имавте лекарски прегледи, психоанализи и слично, како евалуација за тоа дали сте способен за служење воен рок и ракување со оружје?
На моја 21 година, во февруари 1976, добив покана од Министерството за одбрана на СФРЈ да се јавам во регрутниот центар во Воена болница (денешна 8 Септември) на лекарски преглед.
Кога пристигнав таму, имаше можеби 100 регрути. Ни поделија здравствени картони и почнаа проверки за висина, тежина, вид, слух, а имаше и психолошки анализи - комплетен здравствен преглед.
Кога завршивме со сè, нè известија кој е способен за служење воен рок. Имаше такви кои правеа сè за да го избегнат служењето војска.
Во тоа време служењето „копнена“ војска беше 15 месеци, а во морнарицата 18 месеци.
Секој од нас потоа одеше да поразговара со воени лица, кои нè прашуваа дали имаме некоја желба во кој род од армијата би сакале да служиме.
Јас избрав да бидам во автоединицата, како возач на моторни возила.
Иако запознав многумина кои сакаа да служат токму во овој дел, немаа среќа, туку ги испратија во пешадија, во морнарица, во тенковски единици, во единиците за врска или да бидат инженери…
Јас добив можност да бидам во родот во којшто сакав, но морав да полагам тестови за да ме примат таму.
Каде бевте на обука и како стигнавте дотаму?
При крајот на март добив покана во која пишуваше дека на 2 април треба да се јавам во касарната во Краљево, во автоединицата во местото Рибница.
Дотаму стигнав со воз, а од Министерството за одбрана ми дадоа потребни упатства како да стигнам до крајната дестинација, но и билет за возот.
Дали имаше испраќање со воз? Како изгледаше тоа?
Да, како сите војници во тоа време и мене ме испратија до железничката станица во Скопје.
Со некои војници доаѓаше семејството, а мене ме испратија другарите.
Беше интересно - некои регрути ги носеа на раменици до возот и го извикуваа нивното име додека ги испраќаа, а потоа секој од нас застануваше на прозорецот од возот и им мавташе на оние што дошле да ги испратат.
Се сеќавате ли на првите денови - пристигнувањето, преземањето униформи, оружје, вежбите, собите во кои спиевте, по колку луѓе бевте?
Во Краљево стигнав со еден ден задоцнување, па никој не ме пречека на станицата (како што го правеа тоа со војниците за кои знаеја кога доаѓаат).
Во касарната стигнав рано изутрина, во време кога сите веќе ги почнале своите активности, па морав да чекам да дојде некој од офицерите за да ме примат.
Дежурниот војник ме одведе во една од зградите, каде што ме пречека стар водник Николовски (исто така Македонец), кој прво ме праша од каде сум и зошто доцнам цел ден.
Кога се средија документите, ме одведоа во еден шатор за да задолжам опрема.
Магационерот ми фрлаше маици, кошули, чорапи, чевли, чизми и две униформи - една за обука, а една за излегување во град.
Потоа ме одведоа да ме потстрижат и ми кажаа во кој вод сум и во која чета.
Кога ве будеа, во колку си легнувавте? А како изгледаше еден ден додека бевте во тренинг фазата?
Во спалната соба бевме 38 војници, а креветите беа на кат.
Будењето беше во 5 часот наутро - нè будеа со труба, а дежурниот војник ќе влезеше во собата и на цел глас ќе викнеше „Диж се војско!“.
Кога ќе станевме, прво мораше да си ги наместиме креветите, а дури потоа одевме да измиеме лице, да се избричиме.
По ова следеше утринска гимнастика, па оттаму се враќавме во собата за да се спремиме за дневните активности.
Бидејќи бевме автоединица, одевме на настава која беше поврзана со учење за тестови, историја, географија и слично.
Кога имавме практична настава за возење камион, одевме на полигон.
Таму имаше 2 ленти за полигонско возење и уште еден дел кој беше „претворен“ во градски сообраќај, односно улици, знаци, семафори - за да имаме чувство дека навистина возиме камион низ град.
Инаку, навечер си легнувавме во 21 часот.
Стекнавте ли пријатели? Дали можеби сте и денес во контакт со некој од нив?
Мојот вод беше како Југославија во мало - имаше Срби, Црногорци, Хрвати, Босанци, Словенци, Македонци и со сите се сложував одлично. Одевме во град, се дружевме во касарната.
За жал, низ годините го изгубивме контактот, но се сеќавам на многу прекрасни луѓе од Тузла, Титоград (денешна Подгорица), Сараево, Пула, Љубљана…
Како ве избраа да служите во гардата на Тито? Што значеше тоа во однос на обврските, униформата, слободата на движење?
Во периодот кога полагав за воен возач, пред да ја добијам прекомандата, не само јас, туку сите се прашуваа каде ќе ги испратат или имаа желби, ама не знаеја дали ќе им се исполнат.
Јас цело време велев дека ќе одам во Белград.
Неколку дена пред прекомандата, ми кажаа дека треба да се јавам кај командирот на четата.
Кога стигнав кај него, таму веќе имаше други офицери и еден капетан ме праша што сум работел пред да дојдам во армијата.
Му кажав дека работев на бензинска пумпа во Скопје.
Кога го слушна ова, ме повика да излеземе од зградата и пред неа стоеше паркиран автомобил Застава 101.
Ми ги даде клучевите од колата и ми рече: „Вози“. Прашав каде, а неговиот одговор беше: „Кај сакаш“.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





