Елиф Елмас ексклузивно за CRNOBELO: „Пред првиот натпревар за репрезентација ми потекоа солзи радосници“
- Детали
- вторник, 04 јуни 2024
„На 17 години ме викнаа да играм за Македонија. Во хотел стигнав по полноќ, па ми кажаа дека Џани Алиоски ќе ми биде цимер и ми дадоа картичка од собата. Не влегов, туку чукнав на вратата - Џани бил легнат, па ја отвори вратата поспан. ‘Кој си ти?’ ме праша. ‘За репрезентација сум викнат, ми рекоа да дојдам во оваа соба’. Ништо не ми рече, само ми ја тресна вратата во фаца“, вели Елиф Елмас во ексклузивно интервју за CRNOBELO.com.
Елиф Елмас (24) веќе неколку години е еден од предводниците на македонската фудбалска репрезентација.
Скромен и насмеан, Елиф не остава впечаток на фудбалска ѕвезда, иако е, особено во Турција, каде што ги направи првите големи фудбалски чекори.
Таму фановите го почитуваат и денес, а има и такви кои се надеваат дека еден ден пак ќе се врати во Fenerbahce.
Елиф, пак, кој го носи прекарот „македонскиот дијамант“, живее и дише со фудбалот. Зборува дури 5 странски јазици и веќе го учи шестиот, германскиот, бидејќи пред 4 месеци кариерата од Италија ја продолжи во Германија, во Liepzig.
Во интервјуто за CRNOBELO.com, кое го правевме додека репрезентацијата се подготвуваше за пријателските натпревари со Хрватска (03.06) и Чешка (10.06), овој млад скопјанец, ни раскажа за кариерата која ја почна во „Работнички“, за мирот кој го наоѓа во селото Јеловјане на Шар Планина, за блискоста со семејството...
Елмас во интервју за CRNOBELO.com
Зборувавме и за првата средба со репрезентативците, кога имал само 17 години, но и за моментот кога излегол од тимскиот автобус пред првиот меч, а пред него биле некои од најголемите шпански фудбалски ѕвезди.
„Кога ги видов Пике, Серхио Рамос, Бускетс, бев шокиран, ми потекоа солзи. Јас во тоа време играв во „Работнички“, бев дете“, се сеќава Елмас.
Опуштено разговаравме за многу работи, кои можете да ги прочитате во интервјуто:
Веќе неколку месеци си во Германија. Како се навикнуваш на животот таму?
Се навикнувам полека. Малку е тешко, сè ми е ново - нови луѓе, нов менталитет, друга држава, малку и јазикот е потежок. Пробувам да научам по нешто, ама не ми оди баш лесно, искрено.
Поминаа 4 месеци откако сум таму и во овој период малку ми беше тешко бидејќи живеев сам во хотел, без моите, кои останаа во Италија. Но, во овој краток период, сè е позитивно, од секој можен аспект.
Како те прифатија во клубот?
Уште првиот ден кога стигнав почувствував некоја позитивна енергија којашто одамна ја немав осетено. Сите ме прифатија одлично, многу брзо се зближив и со играчите и со тренерите и со вработените во клубот.
Секој клуб има свој начин на работа, па нормално е да треба да се навикнеш на некои работи и да се одвикнеш од некои стари навики. Но, среќен сум што ме прифатија.
Чудно ли ти беше кога излезе таму на терен? Колку беа различни атмосферата и навивачите во Германија во однос на она што беше во Италија?
Ми беше малку чудно, да, но навикнат сум на промени, зашто претходно кога заминав од Fenerbahce во Napoli бев уште помлад.
Од навивачите сум многу изненаден, бидејќи се многу смирени, не се толку напнати како во Турција или Италија.
Поради тоа и можеш да живееш помирно, да излегуваш кај сакаш, да се шеташ, слободно да си го живееш животот и никој ништо нема да ти каже, не се замараат многу.
На првиот натпревар ми беше малку чудно, но потоа ме облеа убаво чувство. Нормално, не ги разбирав што скандираат, што зборуваат, но позитивни се, не се толку ладни како што мислев.
Го спомна Fenerbahce. Имаш чувство дека навивачите на клубот те сакаат и денес иако оттаму си отиде уште во 2017 година?
Да бидам искрен, иако поминаа повеќе од 6 години, јас и денес гледам дека ме почитуваат и ме сакаат.
Кога пред некое време бевме со репрезентација во Анталија, ми приоѓаа да се сликаат.
Секогаш кога ќе слетам на аеродром во Истанбул луѓето ме препознаваат, добро ме пречекуваат и мило ми е што е така, што сум оставил некаков печат. Среќен сум што ме почитуваат.
Почна ли да го учиш германскиот јазик?
Почнав да. Прво гледам да ги научам фудбалските термини, работи што ми се потребни, а потоа ќе го учам и другото.
Во моментов најважно ми е да разберам кога зборува тренерот, што очекува од мене. Дури потоа ќе пробам да научам нешто повеќе.
Во клубот имаме неколку преведувачи, иако многу го користат англискиот јазик. Дури и тренерот понекогаш објаснува на англиски, но и тогаш имам преведувач кој секогаш е покрај мене.
Колку странски јазици зборуваш и кои?
Зборувам турски, албански, италијански, англиски, знам и српски, иако го сметам за наш јазик, и еве, по малку германски.