Елиф Елмас ексклузивно за CRNOBELO: „Пред првиот натпревар за репрезентација ми потекоа солзи радосници“
Знам дека многу го почитуваш Горан Пандев. Што научи за фудбалот најмногу од него?
Горан ми даваше многу совети. Јас имав 17 години кога дојдов во репрезентација, а тој веќе беше долго тука. Горан е вистински пример за сите фудбалери во Македонија. Ме воодушеви и како човек кога го запознав подобро приватно.
Тој беше одличен и како капитен на репрезентацијата, а од него сфатив како треба да се однесува еден капитен, да ги почитува соиграчите и како треба да се однесуваш кон другите колку и да си „голем“.
Тоа што го направи Горан за Македонија, но и за европскиот фудбал е неверојатно. Да освоиш 3 скудета, Лига на шампиони, Копа Италија и Серија А не е лесно, така што за него секогаш ќе речам: „Секоја чест и капата долу“.
Кој ти е фудбалски идол?
Мене ми е идол Роналдињо. Мислам дека во 2006-та тој ја освои Златната топка, а јас тогаш имав 7 години и почнував поактивно да се занимавам со фудбал, па пробував да играм во стилот на Роналдињо.
Тој секогаш за мене бил и останал број 1.
Ти се случило ли некогаш да се здрвиш на терен затоа што пред тебе бил некој што многу го сакаш и почитуваш како фудбалер?
Не никогаш. На терен нема имиња. На терен сме само „јас“ и „тој“. Толку.
Која е првата личност што сакаш да ја видиш откако ќе победиш на некој натпревар? Со кого сакаш да ја споделиш радоста?
Не сум тип кој многу сака да споделува такви чувства. Повеќе сакам да уживам во моментот, но и да ги видам моите дека се среќни.
Не живеам за една утакмица, туку секогаш гледам и следната да е добра и јас да изиграм добро. Не споделувам многу.
А како се справуваш со поразите?
Реално, тешко. Кога ќе изгубам натпревар многу ми е тешко, но тоа зависи и од каков тип на утакмица сум изгубил.
Како ќе изиграш, каков тип на грешка ќе направиш, дали тоа може да те „кошта“ гол. И да, понекогаш си мислам дека јас сум виновен за поразот.
Кога си во Скопје, можеш ли слободно да се движиш по улица, или те застануваат фанови да се сликаат со тебе, да бараат автограм?
Скопје ми е дома и тука можам да си излезам каде сакам.
Ретко ме застануваат за фотографии, најчесто тоа се дечиња или некој поголем фудбалски фан. Се случува да ме загледаат, ама тоа е нормално.
Секое лето одиш во родниот крај на твоите родители, во селото Јеловјане на Шар Планина... Дали таму те гледаат како ѕвезда, или си само Елиф и можеш да се опуштиш?
Искрено, таму одам во време кога селото е попразно и никогаш немам отидено кога се сите таму.
Не знам како би ме гледале, но би сакал да ме гледаат само како Елиф, затоа што секој спортист е нормален човек, а секој човек е ист како другите луѓе.
Кога сум таму секогаш гледам да правам нешто забавно со моите или со другарите - јаваме коњи, правиме скара, се шетам низ планината - тоа ме прави среќен, спокоен и убаво ми доаѓа кога сум таму.
Што сакаш да правиш во слободно време?
Немам многу слободно време искрено, иако сега ќе имаме слободен период штом заврши собирот со репрезентацијата.
На пример, не сакам да одам на море на подолго време. Секогаш одам на 2-3 дена, затоа што кога сум подолго тоа повеќе ме заморува отколку што ме одмара.
Кога си на море ќе излезеш некаде, ќе седиш на сонце, тоа ме заморува.
Повеќе сакам да поминувам време со моите, да одам на места каде што ќе се чувствувам спокоен.
Кога почна да тренираш фудбал? На колку години? Дали отсекогаш си бил добар или требаше многу да работиш за да стигнеш до ова ниво?
Почнав на 6 години. Во тоа време бев темпераментно дете, а топката ме влечеше уште од мал. Талент некаков имав, се гледаше дека има нешто во мене, но тоа не беше на некое завидно ниво, нешто wow.
Кога му кажав на татко ми дека сакам да тренирам, имав 5 години и тој не беше сигурен, ама јас инсистирав: „Сакам да играм фудбал, сакам да ме запишеш, кога ќе ме запишеш?“ и така теравме едно 4-5 месеци.
Ми велеше дека сум млад, а беше и тешко во тоа време, зашто немаше кој да ме носи на тренинзи, плус бев мало дете. Но, во еден момент, прифати и ме однесе кај Сетко, а Сетко е школата Fenerbahce и Tefeуuz.
Таму сфатив дека знам нешто малку, но многу работи научив од него. Кога почнав со тренинзи сфатив треба да учам отпочеток.
Сетко виде нешто во мене и секој ден работевме сè повеќе и повеќе, па така почнав да се развивам како фудбалер.
Но, ти не си единствениот во семејството со фудбалски талент...
Да, брат ми игра фудбал, братучед ми исто така, но не знам како ќе се развиваат нивните кариери.
Брат ми игра во младите категории на Napoli, а братучед ми е во првиот тим на Гостивар.
Ти на почетокот спомена дека во Германија живееш сам. Твоето семејство остана во Италија?
Да, родителите и сестра ми останаа во Неапол со брат ми, зашто тој е помлад, па и учи и игра таму во исто време.
Тој сега наполни 17 години. Сестра ми, пак, има 21 година, а и таа живее во Италија.
Имаш ли неостварен фудбалски сон?
Да, многу, но јас сум во фаза на развивање, па сè додека играм фудбал, ќе пробам да си ги остварам соништата.
Ако успеам - добро, ако не успеам, да сум здрав и жив. Ќе речам фала и за ова што ми го има дадено Господ до сега.
Тоа е животот, но ако сакаш да ти се остварат соништата, мора да трчаш по нив, а јас ќе се борам до крај.
За крај, кога не би бил фудбалер, што би сакал да бидеш?
Кога не би бил фудбалер, мислам дека би бил или ultimate fighter или војник.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело