Натали, археолог од Франција: „Македонците се многу гостопримливи, помалите градови ми се поубави од Скопје“
- Детали
- вторник, 17 октомври 2023
„Македонците генерално се со отворен ум и секогаш пријателски настроени, дури и постарите генерации кои не зборуваат странски јазици навистина се трудат да бидат гостопримливи со странците. Мислам дека македонската историја не е доволно претставена во светот“, вели археологот Натали од Франција за CRNOBELO.com.
Натали дел Сокоро е археолог со француско и бразилско потекло, која ја избра Античка Македонија за тема на нејзините магистерски и докторски студии.
Првпат ја посетила Македонија во 2011 година како дел од тимот за археолошко ископување во Битола, а потоа уште неколкупати.
40-годишната Натали, која е родена во Рио де Жанерио, а во моментот живее и работи во мал француски град во шампањскиот регион, вели дека во Македонија ја воодушевиле природните пејсажи и гостопримливоста на Македонците. На 18-годишна возраст, по живеење на различни локации низ светот, ја одбира Франција за свој дом каде студира археологија. Нејзиниот татко е Французин, а мајка ѝ од Баиа во Бразил.
За CRNOBELO.com, Натали раскажува дека студирала археологија во Франција, а потоа за магистерските студии и докторската дисертација ја одбрала Античка Македонија како тема за истражување. Поради тоа ја посетила нашата држава, за која вели дека сè уште го нема доживеано својот потенцијал во однос на богатата историја и археологија.
Вели дека секој, барем еднаш во животот, мора да ги посети Хераклеа и Заливот на коските. А, од нашата кујна најмногу ѝ се допаѓаат полнетите пиперки и локалните слатки.
Прочитајте го интервјуто со Натали:
Колку пати ја имаш посетено Македонија?
Македонија ја имам посетено четирипати. Првиот пат jа посетив во 2011 година, како дел од археолошки тим на ископување.
Потоа, во 2015 година бев на одмор во Македонија, а минатата година ја посетив двапати, за конференција и за свадба на моја пријателка во Скопје.
Што најмногу ти се допадна во Македонија?
Пред сè, ми се допаѓаат природните пејзажи со кои изобилува Македонија, а исто така ми се допаѓаат Македонците, кои се навистина гостопримливи и покрај јазичните бариери.
Кои македонски градови ги имаш посетено досега и кој од нив ти има има оставено најсилен впечаток?
Најмногу го имам посетено Скопје, потоа Охрид и Битола и некои помали градови. Искрено, повеќе ми се допаѓаат помалите градови од главниот град.
Што најмногу ти се допадна од македонската кујна?
Ми се допаѓа скоро сè што вкусив, но ако мора да изберам, полнети пиперки, а посебно сум „слаба“ на локалните чоколатца од Европа.
Што мислиш за македонскиот народ?
Македонците генерално се со отворен ум и секогаш пријателски настроени, дури и постарите генерации кои не зборуваат странски јазици навистина се трудат да бидат гостопримливи со странците.
Според твоето професионално искуство, како археолог, дали македонската историја е добро претставена во светски рамки?
Мислам дека македонската историја не е доволно претставена во светот. Повеќето од луѓето кои јас ги познавам воопшто немаа слушнато за Македонија.
Исто така, веројатно и јас немаше да знам постоењето на оваа земја ако не го одбрав тој предмет во моите студии.
Зошто ја избра Македонија како поле за твоите студии?
Ја избрав Античка Македонија бидејќи имав можност да студирам во странство за време на еден семестар, на Солунскиот Универзитет во рамки на програмата „Еразмус".
Сметав дека ќе биде добра можност да се избере субјект поврзан со овој регион. Исто така, сакав тема која не беше многу популарна.
Што е полето на твојата експертиза?
Моето истражување се фокусираше на погребните практики во регионот на Античка Македонија во архаичниот период (6-5-ти век п.н.е.). Главната цел беше да се проучуваат овие практики преку создавање база на податоци која овозможува да се идентификуваат заедничките особини и локалните карактеристики.