Мукадес Ислам од Битола за турските свадби: „Во кафето на младоженецот се става сол, невестата се дарува со злато”
- Детали
- среда, 13 септември 2023
„Младоженецот заедно со неговите родители со букет цвеќе и слатко, најчесто локум ја посетува куќата на девојката. Додека тие разговараат девојката подготвува кафе за сите гости, додека во кафето на младоженецот, место шеќер, става сол...”, открива Мукадес Ислам од Битола за CRNOBELO.com, која детално нè запознава со најинтересните обичаи кои се дел од турските свадби.
Секоја земја има свои свадбени обичаи, кои се еден од највпечатливите примери на нејзината култура.
Македонија е земја која е лулка на голем број народи и култури. Секој народ уникатен и свој го прави традицијата и големиот број на обичаи.
Пронајдов уште една многу интересна приказна, во која станува збор за културните одлики на Турците. Односно за обичаите на турските свадби.
Со цел да дознаеме како изгледа една турска свадба во Македонија, тука е битолчанката Мукадес Ислам (21), која детално ни раскажа за сите обичаи кои се прават на турските свадби.
Ја имате можноста да „бидете дел“ од гостите на една турска свадба. Уживајте во забавата...
Во интервју за CRNOBELO.com Мукадес раскажува за најважните обичаи и за тоа како изгледа една турска свадба во Македонија:
Без кои обичаи не може да започне една турска свадба?
Една турска свадба не може да започне без барање на раката на невестата од нејзиниот татко, и секако пиењето на турско кафе со сол од страна на зетот.
Свршувачката е доста среќен и возбудлив момент за двете семејства. Младоженецот заедно со неговите родители со букет цвеќе и слатко, најчесто локум ја посетува куќата на девојката.
Додека тие разговараат девојката подготвува кафе за сите гости, додека во кафето на младоженецот место шеќер става сол.
Откако младоженецот ќе го испие цело кафе остава ружа или некој друг мал подарок за неговата девојка на маса, тогаш неговиот татко, или некој постар член од семејството, најчесто дедото, ја бара раката на девојката од нејзиниот татко.
Тоа го прави трипати, и откако третиот пат таткото по желба и одобрение од неговата ќерка прифаќа, сите си честитаат, ставаат бурми на младоженците и ја даруваат невестата со злато.
Како интересен обичај кој е дел од турските свадби би ја издвоил моминската вечер или к’на вечерта... Честопати можеме да го видиме овој обичај на турските серии и е навистина впечатлив, почнувајќи од облеката на невестата, па сè до песната која се пее. Раскажи ми нешто повеќе околу ова...
Моминската вечер се прави една вечер пред свадбата, односно последната вечер во куќата на родителите. На неа учествуваат само жени, и оваа ноќ е доста емотивна, но и толку забавна.
Невестата обично е облечена во традиционална црвена носија, а исто така и присутните гости. Вечерта е исполнета со многу забава, музика и разновидна храна. Сите немажени девојки со свеќа на рацете вртат околу невестата пеејќи ја традиционалната песна за к’на вечерта и ред други песни.
К’на најпрво ѝ се става на невестата од страна на свекрвата и тоа на нејзината десна рака, ставајќи и еден златник и врзувајќи ја раката нежно со шамивче.
К’ната има црвена боја, која за нас симболизира бериќет. Откако сите ќе стават к’на на нивните раце забавата продолжува во полн ек.
Постои стар турски обичај каде жените заедно со невестата пред свадбата посетуваат амам и многу се забавуваат. Дали се практикува и денес овој обичај?
Овој обичај бил доста атрактивен во изминатите години. Сите жени се собирале и оделе во амам, каде што се капеле и си правеле забава свирејќи на дајре и пеејќи песни.
Денес за жал, овој обичај се помалку се практикува од страна на нас младите.
Храната е доста специфичен момент особено на свадбите. Се прават голем број на специјалитети и декорации со цел да се воодушеват гостите. Без која традиционална храна не може да започне една турска свадба?
Турските свадби знаат да бидат доста раскошни и забавни. Турската кујна е доста разновидна, шарена и вкусна.
Покрај главниот оброк, вообичаена глетка се и апетисани, салати, овошни купови и задолжителните ориентални десерти – баклава или шеќерпаре.
За секоја невеста нејзината свадба е денот кога таа треба да изгледа како принцеза и тоа да биде денот од нејзините соништа. Дали би можела да ни доловиш дали постојат одредени обичаи кои за време на свадбата треба да ги направат?
Покрај барањето на невестата и к’на вечерта се прави и свршувачка која најчесто се прави во кругот на најтесната фамилија, и двете семејства си разменуваат подароци за сите членови што го сочинуваат тоа семејство.
Најчесто пред свадбата младите покрај општинскиот брак, вклучуваат и брак во џамија.
Семејството на невестата за новиот дом на нивната ќерка подготвува мираз, кој често знае да биде обемен и раскошен, составен од постелнини, мебел, кујнски прибор, теписи, односно сè она што е потребно за една куќа.
Музиката е пред сè, па според тоа без која традиционална музика или танц не почнува една турска свадба?
Една турска свадба не започнува без невестата и зетот да одиграат зејбек – турски традиционален танц, кој според мене е еден од најубавите.
Иако денес сè помалку млади знаат да го играат, сепак сè уште се практикува.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Б. | Црнобелo / фото: freepik.com