Александра Добреска живее 15 години на Миконос: „Сопругот е Грк кој го запознав овде, пливаме преку цела зима, но нема болница, ниту тротоари“
- Детали
- четврток, 31 август 2023
„На Миконос првпат отидов во 2008-ма на мои 19 години. Истата година се запознав и со мојот сегашен сопруг и нашата врска ме враќаше секоја година назад на островот. На Миконос престојував главно во летните месеци, работев туристички работи, келнерка, во бутик, во агенција за менаџирање на јахти. Откако ни се прошири семејството не бевме толку флексибилни и требаше да се стационираме на едно место. Имаме две ќерќички - Калиники има 4 години и е родена во Ларнака на Кипар, Зои Анатоли е 10 месеци, родена во Ермополи на Сирос. Моментално, како мајка, развивам бизнис како фотограф на угостителски објекти, хотели и вили“, вели Александра Добреска за CRNOBELO.com.
На Александра Добреска од Скопје грчкиот остров Миконос ѝ е дом веќе години наназад. Таму живее со сопругот Грк и нивните ќерки.
Таа сè уште се презива Добреска затоа што во Грција жените немаат практика да го менуваат презимето кога стапуваат во брак, а потоа за децата се бира кое презиме ќе го земат, но најчесто го земаат тоа од таткото.
За тоа како изгледа да се живее на еден од најпосакуваните и најскапите острови на светот, Александра открива во разговор за CRNOBELO.com:
Вашиот сопруг е од Грција, може ли да ни раскажете малку повеќе за вашата љубовна приказна имаше ли традиционална грчка свадба со кршење чинии?
Да, мојот сопруг е Грк, по потекло е од Драма, мало гратче во близина на Кавала.
Се запознавме на работа во познатиот ресторан Намос. Јас таму бев на работа една недела и тој беше првиот на кого налетав кога почнав со работа. Кога го видов имав некакво претчувство, ама не знаев што точно ми навестуваше.
Нашата романса започна на Паранга, според мене една од најубавите плажи тогаш, но сега е полна со лежалки и гласни музики што се мешаат.
Свадбата беше многу мала и присуствувавме само јас, тој и сведоците. Претпоставувате дека немаше кршење чинии.
Во план ни е да направиме голема свадба. Иако звучи чудно кај нас, во Грција се прави свадба и по пет родени деца.
Живеете на еден од најпосакуваните острови за луди забави во светот – како изгледа да се биде жител на Миконос? Дали е животот скап за локалците – бидејќи од аспект на туристи речиси сѐ е прескапо? Како изгледа островот во зима – дали е студено, мирно и тивко?
Да се живее на Миконос е сосема различно од тоа да си турист на Миконос.
Секако дека ги живееш истите работи како туристите, одиш на истите места, пливаш на истите плажи, достапни ти се сите журки кои можеш да ги замислиш ама сѐ тоа има рок на траење.
Со Џорџ Мајкл
Јас Миконос го изживеав во првите 10 години од кога отидов. Одев на секоја можна забава, излегував скоро секој ден. Сега може да излезам еднаш до двапати во летото.
Цените за туристите и локалците веќе се исти. Порано имаше различни цени за луѓето кои работат на островот, сега е за сите исто.
Лежалки не плаќавме, пијачките ги плаќавме по симболична цена, сега тоа не постои. Се сѐ плаќа.
Во зима Миконос е сосема спротивно од тоа што се случува во лето. Се претвора во село, неколку отворени локали, Хора, главното гратче, е како град на духови од ноември до март.
Пред да имам семејство веќе во октомври си одев од островот, ама сега многу ми се допаѓа и во зима.
Пливаме преку цела зима, температурите не се симнуваат под 0°C, ама и 8°C степени со ветер и влага изгледаат како -10°C.
Мирно е и нема стрес како животот во град.
Населението во зима е околу 15.000 жители, познавам неколку Македонци кои живеат преку цела година, има Италијанци, Холанѓани и доста Албанци.
Кои се позитивните и негативните страни од животот на островот?
Позитивните страни се тоа дека 7 месеци во годината животот е со многу малку стрес, сѐ ти е достапно на 20 минути, имаш море и плажи насекаде, во лето запознаваш луѓе од целиот свет со разни приказни, запознаваш познати личности, времето е прекрасно 340 дена во годината.
Со Ерос Рамацоти
Со Нина Кравиц
Од негативните страни, прво и основно нема болница! Има нешто како приватни клиники и ординации ама нема болница.
Секаков вид на здравствени услуги се наплаќаат. Нема тротоари. Сообраќајот на лето е опасен.
Ветрот не знам дали да го ставам во позитивна или негативна страна. На лето ако нема ветер не се живее, а од друга страна кога дува премногу не можеш да одиш на плажа. Зимно време кога дува подобро да си останеш дома.
Грците го викаат островот на ветриштата „Το νησί των άνεμον“.