Паша од Тајланд ја посети Македонија: „Бев на свадба кај најдобрата другарка Македонка, восхитена сум од ајварот“
- Детали
- вторник, 05 септември 2023
„Македонците навистина ги почитуваат и им помагаат на постарите луѓе. Тоа го направи нашето патување многу убаво. Мајка ми, која е постара и има патувано низ целиот свет, успеа сама да се шета низ Македонија и да оди на шопинг. Локалците ѝ помагале да оди и постојано се грижеле да ѝ помогнат“, вели Паша Паномван, која ја посети Македонија поради свадбата на најдобрата другарка.
Свадбата на најдобрата другарка е причината за која Паша Паномван ја посети Македонија и веќе планира повторно да се врати годинава.
Паша е академик и претприемач од Бангкок, Тајланд. Со Јелена од Скопје, се запознале додека и двете биле на докторски студии во Оксфорд. Пријателството продолжило и по завршувањето на студиите, па свадбата на Јелена бил одличен повод за посета на Македонија.
Паша е ќерка на дипломати и членови на кралското семејство од Тајланд, па има пораснато во Саудиска Арабија, Холандија и Јапонија.
На престижниот универзитет Оксфорд се здобила со титулата доктор на науки, а работи како професор по историја на економија и археологија.
Таа дошла на свадбата со нејзината мајка и вели дека и двете биле изненадени од љубезноста на македонскиот народ кон постарите лица. По свадбата и двете останале на одмор во Македонија и ги посетиле Скопје, Битола, Охрид, Маврово и Тетово. А она што ја оставило без зборови се македонските вина, а нејзино омилено е Темјаника.
На прашањето што ѝ се допаднало во Македонија таа одговора дека тоа е љубезноста на локалците.
„Македонците навистина ги почитуваат и проактивно им помагаат на постарите луѓе. Тоа го направи нашето патување многу убаво“ – вели таа, но додава дека македонската инфраструктура не е наменета за постарите и дека е потребно промени околу тоа.
„Мајка ми, која е постара и има патувано низ целиот свет, успеа сама да се шета низ Македонија и да оди на шопинг. За неа македонската средина е многу шармантна, локалците ѝ помагале да оди и постојано се грижеле да ѝ помогнат ако нешто и притреба“ – го сподели таа искуството на нејзината мајка.
Младата Тајланѓанка додава дека Македонија е забавно место да се посети ако, како и неа, сте љубители на културата, историјата и добра храна.
„Природната средина е сè уште многу чиста и мислам дека не сум видела поубава природа и не можам да се одлучам помеѓу Црниот Дрим или планините околу Охрид и Маврово“ – вели таа.
За неа, одговорот на прашањето која храна и пијалак им се допаднала додека ја посетувале Македонија, е навистина тежок.
„Македонија ги има едни од најдобрите вина, и тоа навистина нè изненади. Толку ми се допаднаа вината, што кога се вратив дома, контактирав една македонска винарија за да добијам информации за увоз на македонски вина во Тајланд“ – објаснува Паша, која ни открива дека неа омилено ѝ е виното Темјаника.
Одлуката да увезува македонски вина во својата татковина е поради две причини.
Првата е што палетата на македонските вина можат лесно да го победат европското средно квалитетно вино, па дури и поквалитетните вина како Сент Естеф (Saint Estèphe). А втората причина е нејзината филантропска страна и претставувањето земји кои навистина ја поседуваат историјата на вина и храна пред подемот на колонијализмот.
Таа и нејзината мајка уживале со шопска салата, охридска пастрмка, цирони – белвица посолена и исушена на сонце и бурек.
„Дефинитивно ајвар и лутеница се на мојата листа на омилени и од кога се вратив дома се обидувам да ги направам тие неверојатни вкусови“ – додава Паша која вели дека исто така ги чека рецептите од мајката на нејзината другарка за кифлички и погачи.
Уште едно место кое навистина ѝ се допаднало се македонските пекарници и нивната разновидна и превкусна понуда на слатки и солени печива.