Хелена Роза по 4 години се врати од Нов Зеланд: „Заминав на 39 години, завршив факултет и сега со сопругот имаме успешен бизнис“
Веќе 8 години живеете на Нов Зеланд. Требаше ли храброст да се решите на таков чекор со Игор?
Секако дека треба храброст. Не е лесно. Јас таму отидов на 39 години, ама мене ми беше дојдено преку глава од сè – корупции, непотизам, да не можеш да мрднеш една скала погоре ако не си нечија „швалерка“, ако не си нечија тетка, сестра, во некоја партија.
И си реков, подобро ќе жртвувам уште 5 години од мојот живот и ќе знам дека ќерка ми нема да минува низ истото, бидејќи тогаш го немавме Тиан.
Планиравме да имаме дете, ама јас не сакав да го родам тука – од загаденост до некултура, до еден куп работи што лично ми пречеа.
А има луѓе од Нов Зеланд што викаат: „Јас ќе се пензионирам и ќе се вратам во Македонија, како Македонија нема“. Тоа е нивен став, го почитувам, но јас не се чувствувам така.
Со режисерот Таика Ваитити, сопруг на Рита Ора
Јас имам претприемачки дух. Во Македонија пробав 100 бизниси, ништо не ми успеа. Дури и почнав да се сомневам во себе, да мислам дека не ме бива.
Од друга страна, имам завршено ПР и маркетинг и знам дека сè правам „по книга“, дека треба да успее, ама не ми успева.
Сега, по 8 години таму ние имаме наша фирма. Пред да дојдеме во Скопје ни стигна мејл од Оукландската стопанска комора дека сме номинирани за наградата за една од најбрзорастечките компании.
Ние постоиме некои 3 години, па ова е прекрасна вест.
Каков е животот во Оукленд?
Прво да кажам дека ова што го зборувам е лично мој став и тоа не значи дека и другите го доживуваат исто.
Мојата перцепција за Нов Зеланд и перцепцијата на еден куп Македонци кои живеат таму е тотално различна. Животот таму пред сè зависи од тебе како личност – што сакаш и кои ти се приоритетите.
Идеална држава нема. Но, ако морам да кажам што ми пречи најмногу, тоа е преголемото влијание на woke културата.
Баш пред некој ден ѝ кажав на Кјара – не ми се верува дека одам по продавници и конечно гледам убави луѓе.
Во Нов Зеланд нема убави луѓе на рекламите. Знам дека ова што ќе го кажам ќе биде критикувано, но, таму на билборди за долна облека има дебели жени, со стрии.
Не викам дека не треба да постојат, но мислам дека местото не им е таму. Рекламите се со обични луѓе, дури и со луѓе без заби. Јас сум естета, сакам да гледам убави работи. Апсолутно треба да има и дебели луѓе, но таму е тоа премногу присутно.
Нов Зеланд е земја на која ѝ недостига луксуз.
Има настани, луксузни случувања, но тие се одржуваат 3-4 пати во годината. Кога излегуваш нема луксуз.
Нема all inclusive ресорти, нема плажи со барови, туку плажите се диви. Нема лежалки, нема музика, пијалаци. Е тоа се тие некои работи кои најмногу ми пречат.
Но, од друга страна, пред локдаунот шетавме до Бали, Фиџи и беше океј.
Како ти е денес таму во споредба со времето кога се пресели? Тешко ли беше да се снајдеш на почетокот – и за работа, и за дом?
Првите три години беа многу тешки. По 2 години го добивме Тиан. Немавме никого и не познававме никого.
Во првата година уште не знаевме кај сме. Бркавме да се снајдеме со работа што ќе може да ни донесе резиденцијален статус. Знаевме англиски, ама кога отидовме таму, сфативме и дека не знаеме, посебно што нивниот акцент е многу специфичен.
Не можеш да го фатиш редот. Праќаш апликации за работа, никој не ти дава одговор. Беше предизвик додека не се средивме.
Кјара дојде по некои 6 месеци, се запиша на факултет, зедовме резиденцијална виза и тогаш тргнаа работите по нагорна линија. Јас сменив неколку работи, за во 2018 година да почнам да работам во Eye Magazine како маркетинг-менаџер.
Списанието, кое е луксузно и на 300 страници и излегува двапати годишно, е дел од компанијата Multimedia Magazines. Не оди во продажба, туку се дистрибуира во луксузни хотели, авиокомпании, на аеродромите во Кина, во Сиднеј, Оукленд.
Компанијата го прави и Chinese Eye, кое е на кинески јазик и е наменето за азискиот пазар.
Дел од компанијата е и Panic PR, ПР агенција, преку која организираме настани. Таму бев вработена до пред околу 6 месеци, а сега работам на договор.
Кога на газдарицата Ванеса, која е прекрасна жена, ѝ кажав дека со нашата фирма имам многу работа и дека сакам да се посветам на тоа, таа ми рече: „Не, ќе останеш кај нас, нема да бидеш на плата, но ќе работиш на договор. Многу си добра, многу ми требаш, ги знаеш работите“. И така останав.
Со Ванеса, сопственичката на Multimedia Magazines
Денес веќе имаш свој бизнис, кој го работиш заедно со твојот сопруг Игор. Колку долго постои вашата компанија?
Бизнисот го почнавме во април 2020, фирмата ја отворивме баш во време кога земјата беше во локдаун. Имавме план, и решивме дека иако е ковид, нема да отстапуваме од планот.
Во првите 9 месеци Игор паралелно работеше и во компанијата каде што работеше како електричар, а за викенди и секој ден по 17 часот работеше за нашата фирма. Си даде отказ пред вториот локдаун и почнавме.
Прво имавме еден вработен. Иако во локдаунот изгубивме многу проекти поврзани со државата, бидејќи не бевме вакцинирани, сè уште имавме многу работа.
Во тоа време вработивме уште еден човек, колега на Игор од поранешната фирма кој имаше притисок да се вакцинира, а тој не сакаше, па ни се јави да не праша дали може да работи кај нас. Му кажавме дека може, ама дека ќе мора да стисне заби, бидејќи не можевме да му ветиме ништо посебно.
Сега имаме и трет вработен, а најверојатно ќе вработиме и нов човек.
Имаме многу проекти, остваруваме задоволителен профит, растеме и се етаблираме како една од подобрите компании за услуги поврзани со електрика за комерцијални и станбени објекти. Работиме претежно со нови градби.
Хелена и познатиот писател Џордан Петерсон
Неколкупати го спомна локдаунот, па, како го преживеавте тој период, бидејќи мислам дека Нов Зеланд беше една од најзатворените земји со најстроги правила во светот?
Да, ние имавме многу строги рестрикции. Имавме „ниво 1, 2, 3 и 4“ за движење во локдаунот, имавме семафори „црвен“, „портокалов“ и „зелен“, имавме зони со различна можност за движење.
Бидејќи живееме во Оукленд, ние некои 6 месеци не можевме да го напуштиме градот.
Скоро 2,5 години беше забрането да се патува, никој не можеше да дојде ни да си оди од земјата, освен што во еден момент почнаа да дозволуваат во земјата да влегуваат државјани на Нов Зеланд, но со задолжителен тринеделен карантин.
Во еден период кога беше стапено „ниво 4“ на сила, не смееше да се оди никаде, освен во супермаркет. Беше зона на самракот. Се чекаше по 2 часа да се влезе во маркет, касиерките беа во пластични кабини ставени, не смееше да се плаќа во кеш.
Јас се пријавив да волонтирам во една област, да купувам намирници за стари луѓе, за мајки со деца кои не можеа да одат да пазарат и им ги носевме производите до пред врата. Продавниците отвораа 2 часа порано само за волонтерите, некаде околу 6 наутро, за ние да испазариме што треба.
Инаку мора да кажам дека маската ја вадев секаде каде што можев, бев една од тие што „забушаваа“, веројатно затоа што сум од Македонија, не знам.
Јас, Игор и Кјара сме едни од ретките на цел Нов Зеланд што не се вакцинираа. Беше тешко, особено што имаме приватен бизнис, па изгубивме многу работа бидејќи не бевме вакцинирани.
Но, бевме и една од ретките фирми која им остави слобода на вработените дали ќе се вакцинираат, а сите тие одлучија да не се вакцинираат.
Е потоа, кога заврши локдаунот долго време не смеевме да одиме во кафулиња, ресторани во кино. Беше тешко, ама издржавме.
И од оваа дистанца сум многу горда на себе и на мојата фамилија што не потклекнавме.