Славица Ангелова по победата во „Ѕвездите на Гранд“: „Никаде не одам без знамето, јас сум горда Македонка“
- Детали
- вторник, 04 јули 2023
„Уште во првиот круг од шоуто ја добив првата осмица од жирито и тоа беше впечатлив момент за мене. Во текот на целото натпреварување имаше и падови и изненадувања, а сум била и критикувана. Имавме и 96 проби со Ѓорѓе и нормално беше да имаме несогласувања, но тој е вистински пријател“, вели во интервју за CRNOBELO.com Славица Ангелова, победничката на шоуто „Ѕвездите на Гранд“ 2023.
Славица Ангелова (21) од Струмица на 24.07.2023 победи во шоуто „Ѕвездите на Гранд“ и животот како да ѝ се смени преку ноќ. Студентката по медицина, која учи на факултетот во Софија, стана вистинска ѕвезда за која зборува целиот регион.
Славица беше и првата кандидатка во „Ѕвездите на Гранд“ што оваа сезона освои 8 гласа од жирито. Тоа што го покажа на својот прв настап, на крајот го плени и жирито, но и публиката од Македонија и од регионот, кои гласаа за неа во големото финале.
За сето тоа време Славица имаше неизмерна поддршка од својот ментор Ѓорѓе Давид. Па, во разговор за CRNOBELO.com, таа вели дека Ѓорѓе е прекрасен човек и пријател со големо срце.
Познатиот рокер ѝ е толку голема поддршка, што денес (04.07) ќе биде со неа во Струмица, на пречекот што на Славица ѝ го организираат струмичани по победата во „Ѕвездите на Гранд“.
За впечатоците, шоуто, менторите и идните планови, прочитајте го целото интервју:
Како се чувствуваш по победата во „Ѕвездите на Гранд“? Успеа ли да ги средиш впечатоците?
Да се стигне до крајната цел, требаше многу труд, напор, време и жртва. Победата за мене е остварување на целта.
Еуфоријата сè уште е присутна меѓу нас. Но, полека се стабилизирам и почнувам да сфаќам што всушност ми се случи овие денови.
Посакувам секој млад човек да ја почувствува таа радост.
Се изненади ли кога те прогласија за победник? Искрено, очекуваше ли толку поддршка и победа?
Искрено, сето тоа беше едно изненадување и во моментот не бев ни свесна што всушност ми се случува. Би било лага ако речам дека не сакав да стигнам до врвот. Сите ние ја имавме таа цел.
Среќна сум, но и изненадена колку всушност нашите Македонци ми дадоа огромна поддршка, ме направија да се чувствувам среќна Македонка.
Чувствувам еден товар и долг кон мојот народ. Ви благодарам од срце за несебичната поддршка, зошто без вас сигурно не ќе ја имав ова титула.
Брзо по победата некои босански медиуми тврдеа дека победата е наместена и дека сте знаеле и ти и Ѓорѓе дека ќе бидеш победничка. Како реагираше на овие коментари? Те повредија ли?
Во суштина многу ретко читам коментари, но секој има право на свое мислење. Се разбира, ние бевме многу добро организирани. Без знамето никаде не тргнувам, посебно кога треба достојно да ја претставувам мојата земја. Го носев без разлика дали ќе победам или не.
Негативни коментари секогаш има и ќе има, но вистината е дека Македонија победи благодарение на несебичноста, сплотеноста на Македонците и сите балкански народи.
Освен твојот ментор Ѓорѓе Давид, кој се израдува најмногу на твојата победа? Ти честитаа ли останатите членови на жирито?
Покрај мене беше моето семејство и дел од роднините. Но, радоста и честитките пристигаа од целиот Балкан.
Се разбира, сите членови од жирито ме поддржаа и ми ја честитаа победата. Иако не беа мои ментори, сепак се радуваа на победата.