Столе Јовановски за сезонската работа во Дубровник: „Во Хрватска нè ценат, во мојот ресторан 9 од 11 вработени се Македонци“
- Детали
- понеделник, 19 јуни 2023
„Локалното население и работодавците доста позитивно зборуваат за работното искуство со Македонците. За нас велат дека сме вредни работници, скромни, кои разбираат многу јазици, што е многу важно за работа во угостителството. Доказ за тоа е и што работам во ресторан во кој од вкупно 11 вработени, 9 сме Македонци“, вели Столе Јовановски за CRNOBELO.com за работното искуство во Хрватска и открива како оди средување на документација и со колку Македонци отпатувал таму.
Столе Јовановски е Македонец кој работи во ресторан во стариот град во Дубровник. Сезонската работа во Хрватска му се случила непланирано, во време кога се подготвувал да замине во Шпанија.
Но, по три месеци на Јадранското приморје, вели дека донел вистинска одлука да замине таму.
Столе не крие дека е позитивно изненаден од реакциите на хрватските угостители, од кои често слуша дека Македонците се вредни работници, па затоа и ги ангажираат за своите локали.
Доказ за ова е и што во ресторанот во кој работи тој, 9 од 11 работници се од Македонија.
За своите искуства и првите впечатоци во Хрватска, Столе раскажува во разговор за CRNOBELO.com:
Колку долго си во Хрватска? Какви се првите впечатоци?
Во Хрватска сум веќе трети месец. Дојдовме првата недела од април, полн автобус работници заминавме од Скопје.
Првите впечатоци беа прекрасни - сончево време покрај море, а помеѓу локалното население се чувствував како дома.
Сè е некако познато, без јазична бариера во комуникацијата.
Што и каде работиш? Дали доби лесно работна дозвола или процедурата одеше полека?
Работам во Дубровник, во стариот град, на поранешната тврдина, која е центар на туризмот тука.
Работам во ресторан во кој од вкупно 11 вработени, 9 сме Македонци.
Работната дозвола се добива прилично брзо, а цела постапка трае помалку од 40 дена од апликација за работа која ја поднесува работодавецот до издавањето на документите во локалната полициска станица.
Како се снајде за работа – имаше однапред договорено или бараше таму?
За работата сè беше однапред подготвено - сместувањето, почетниот датум за работа.
Работодавецот ни обезбеди работни договори и сместување на сите уште пред да пристигнеме.
Вообичаено сите доаѓаат тука со однапред најдена работа, бидејќи граничната контрола на Хрватска бара договор за работа за да ти дозволат влез во земјата.