Д-р Маја Врчаковска, кардиолог: „Тинејџер (16) доживеа срцев удар, мит е дека ако се удирате по градите може да спречите инфаркт“
- Детали
- четврток, 15 јуни 2023
„Операциите на отворено срце се едни од најкомплексните зафати во хирургијата, поради итноста на оперативниот зафат и не е исто како планирана операција на срце. А најмладиот пациент со срцев удар, кој за среќа преживеа, беше пред повеќе од 15 години, кога работев во тогашната Кардиохируршка болница, и беше на само 16-годишна возраст“, вели за CRNOBELO.com, кардиологот Д-р Маја Врчаковска и открива кои се симптомите за срцев удар.
Д-р Маја Врчаковска (43) е специјалист-интернист и супспецијалист-кардиолог во ПЗУ „Центар за внатрешни болести СРЦЕ”, каде што работи од 2012 година.
Средното медицинско училиште го завршила во „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје, на отсекот за медицински сестри. Со звањето доктор по медицина (степен на едукација – мастер) се стекнала на Тракискиот Универзитет, во Стара Загора, Бугарија.
Д-р Врчаковска, освен што е познат и стручен кардиолог, а времето го минува посветена на работата и пациентите, сака скијање, јавање коњи, велосипедизам, стрелаштво, хоби ѝ е изработка на модни креации, а за себе вели дека е посветен фан и познавач на филмската и драмска уметност.
Таа за CRNOBELO.com ни раскажа за својата професија, но и како да препознаете и спречите срцев удар и колку Македонците се грижат за своето здравје:
Колку Македонците страдаат од кардиоваскуларни болести споредено со другите земји?
Кардиоваскуларните болести биле и понатаму се главна причина за ран морталитет и продолжуваат да растат на глобално, светско ниво.
Социоекономските, кардиометаболните, бихејвиоралните и факторите на средината се главни промотори на овие заболувања. Земјите со низок и среден приход се најпогодени од болести на срцето и крвните садови.
Статистичките податоци покажуваат дека дури 58% од вкупниот морталитет во Македонија отпаѓа на кардиоваскуларните болести, кои заедно со малигните заболувања, се причина за речиси три четвртини за смртност во цела Европа.
Многу млади луѓе користат лекови за висок крвен притисок? Колку тоа му штети на организмот на долг рок?
Факт е дека возрасната граница за појава на покачен крвен притисок се намалува и сè почесто млади луѓе страдаат.
Помладите луѓе со лесен степен на покачен крвен притисок (хипертензија) првично ги третираме со промени во животниот стил како што се редукција на телесна тежина (доколку пациентот е со прекумерна телесна тежина), смален внес на сол во исхраната и рекреативен спорт (кардио фитнес), престанок на пушење, рационален внес на алкохол и редукција на стрес.
Доколку со овие мерки притисокот не се регулира под 140/90mmHg задолжително даваме лекови кои имаат заштитен ефект на целните органи како што се срцето, крвните садови, бубрези, мозок со цел да го намалиме ризикот од мозочен и срцев удар.
Така што, лековите за притисок не му штетат, туку напротив имаат позитивен ефект врз организмот и никако пациентите не треба да ги прекинуваат лековите без препорака од лекар.
Која е најголемата причина за кардиоваскуларните болести? Кој е поподложен на срцев удар – жените или мажите?
Причините се мултифакторијални. Фактори на кои ние не можеме да влијаеме се возраста, лошата генетика и полот.
Мажите порано страдаат од кардиоваскуларни заболувања, зашто нас, жените женските хормони (естрогените) нè штитат сè до десеттата година од менопаузата, кога се изедначуваме со мажите.
Факторите на коишто можеме да влијаеме и зависат само од нас се дебелината, покачените масти и шеќер во крвта, нездравата исхрана, физичката неактивност, пушењето, прекумерна консумација на алкохол (кај мажи повеќе од две чаши дневно, жени повеќе од една, или прекумерно пиење алкохол за викенди), стресот, ноќните смени на работа итн.
Колкав бил најмладиот пациент со срцев удар кај нас?
Најмладиот пациент со срцев удар, кој за среќа преживеа пред повеќе од 15 години кога работев во тогашната Кардиохируршка болница, беше на 16-годишна возраст. Немам податок за тоа дали ова е најмладиот пациент воопшто во Македонија.
Која е најкомплицираната операција на која сте присуствувале?
Операциите на отворено срце се едни од најкомплексните зафати во хирургијата. Комплексноста доаѓа и од итноста на оперативниот зафат и не е исто како планирана операција на срце.
Колку и да е комплициран зафатот, на пример корекција на валвула на срцето, тоа е помалку комплексно споредено со итна операција на аортата.
Најкомплексни операции во кардиоваскуларната хирургија на кои сум присуствувала се итните операции на аорта поради нејзино расцепување и кои се со висока смртност, но и планираните операции на аортата со гранките кои водат кон мозокот.