Д-р Маја Врчаковска, кардиолог: „Тинејџер (16) доживеа срцев удар, мит е дека ако се удирате по градите може да спречите инфаркт“

Која е разликата меѓу бајпас и стент?

Овие две процедури се применуваат во случај на значително стеснување на крвните садови на срцето.

Стентирањето е нехируршка процедура каде што се спроведува специјална жица низ стеснетиот крвен сад и низ него се поставува мала метална спирала (стент) со цел да го држи крвниот сад прооден.

Коронарниот бајпас (премостување) се изведува во хируршка сала на отворено срце каде сопствени крвни садови (вени од нозете или артерии од градниот кош или раката) се користат како премостувања со тоа што се шијат пред и по стеснувањето со цел да се обезбеди нов проток на крв.

Постои ли разлика помеѓу срцев удар и срцев застој?

Срцевиот удар настанува при комплетно блокирање на протокот на крв низ крвниот сад, а срцевиот застој настанува кога срцето не може ефикасно да ја испумпа крвта.

Понекогаш срцевиот удар доведува до срцев застој затоа што доведува до слабеење на пумпната сила на срцето.

d-r-maja-vrchakovska-kardiolog-najmladiot-pacient-so-srcev-udar-imashe-16-godini-mit-e-deka-ako-se-udirate-silno-po-gradite-mozhete-da-sprechite-infarkt-05.jpg

Колку често треба да се доаѓа на редовни контроли? Колку се Македонците ажурни во тој поглед?

Превентивните прегледи започнуваат со мерење на крвен притисок во домашни услови и лабораториски анализи еднаш годишно кога човек станува работоспособен, и затоа се годишните задолжителни систематски прегледи. Често луѓето не мерат крвен притисок зашто сметаат дека не е потребно доколку немаат тегоби.

Покачениот крвен притисок е „тивок убиец“ токму затоа што некогаш не дава тегоби, особено ако постепено се покачува низ годините и организмот веќе е адаптиран на висок притисок. Доколку притисокот е покачен и се започне со терапија или пациентот веќе зема терапија, препорачливо е ехо прегледи да се прават еднаш годишно, а во меѓувреме да се прават и редовни контроли зависно од тоа дали притисокот е под контрола.

Истото важи и за пациентите со дијабетес и покачени масти во крвта, со цел да се спречат кардиоваскуларните болести. За секундарна превенција пак, доколку пациетот имал некаков кардиоваскуларен инцидент како срцев, мозочен удар, стент или бајпас – контролите треба да бидат почести.

Во Македонија сè повеќе млади здрави луѓе прават превентивни прегледи заради повисоко ниво на свесност за сопственото здравје, особено оние кои планираат рекреативно спортување со цел планирано да се дозира и физичката активност.

Постојат ли симптоми кои укажуваат на можен срцев удар? Ако има, како да се препознаат?

Срцевиот удар има многу лица. Може да се јават различни симптоми како болка или стегање во градите, некогаш болката се шири кон грбот, рамениците, долната вилица, загуба на здив, болка или тежина во горниот дел на стомакот, гадење, повраќање, вртоглавица, невообичаена општа слабост, а некогаш дури и да немате симптоми особено кај долготраен дијабетес, зашто шеќерот ги оштетува нервите кои се одговорни за болката.

d-r-maja-vrchakovska-kardiolog-najmladiot-pacient-so-srcev-udar-imashe-16-godini-mit-e-deka-ako-se-udirate-silno-po-gradite-mozhete-da-sprechite-infarkt-04.jpg

Каква треба да ви биде првата реакција ако почувствувате дека имате срцев удар? 

При појава на овие симптоми доколку сте способни веднаш појдете на лекарски преглед каде ќе ви направат електрокардиограм (ЕКГ) и ќе ви ги испитаат срцевите ензими преку крвта кои ќе помогнат во дијагностиката.

Доколку тегобите се изразени и се влошуваат, јавете се и побарајте екипа на Итна помош. Не чекајте до следниот ден или утрото, зашто доколку се работи за срцев удар секој момент е важен.

Ние велиме „времето е мускул“ затоа што ненавремено третиран срцев удар доведува до слабост на срцевиот мускул.

Дали е мит или вистина дека ако самите силно го удрите неколку пати срцето можете да си помогнете и да спречите да биде фатален?

Не постои таков маневар како силен удар врз градната коска со цел успешно да спречите срцев удар, тоа е само мит.

Некои луѓе често се жалат на болки во градите, во делот околу срцето… На што обично укажуваат овие болки и дали се навистина поврзани со срцето, или може да е нешто сосема друго?

Болката во градите не е секогаш срцева болка. Често болката потекнува од желудникот, хранопроводот, дванаесетпалечно црево, жолчното ќесе, панкреасот, може да потекнува од белите дробови, воспаление на р’скавицата помеѓу ребрата и градна коска, мускулна болка, панични напади итн.

Лекарот е тој што ќе ве насочи какви испитувања да направите за да се разграничи причината за болката во градите.

d-r-maja-vrchakovska-kardiolog-najmladiot-pacient-so-srcev-udar-imashe-16-godini-mit-e-deka-ako-se-udirate-silno-po-gradite-mozhete-da-sprechite-infarkt-06.jpg

Колкав удел има исхраната во проблемите/болестите со срцето? Според вас, што треба да се исфрли, а што треба да се внесува повеќе во секојдневната исхрана?

Исхраната е еден од најважните фактори кои може да доведат до болести на срцето и крвните садови.

Нездравиот начин на исхрана по неколку години доведува до дебелина, која, пак, доведува до пораст на шеќерот и мастите во крвта. Оттука појава на шеќерна болест, покачен крвен притисок и сите нивни компликации.

Се препорачува балансирана исхрана богата со свеж зеленчук и овошје, јатки, полнозрнест леб, ладно цедени масла, риба, 2 до 3 пати во неделата бело пилешко или мисиркино месо, помалку црвено месо кое не треба да е пржено, помалку млечни производи како кисело млеко, младо сирење, помалку сол кај пациентите со покачен крвен притисок и доволен внес на течности (за основни потреби на телото му се неопходни по 30ml вода на 1kg телесна тежина).

Да се избегнуваат прости шеќери како слатки, сокови, тестенини и леб од бело брашно, алкохол во умерена количина и тоа дека за здравјето на крвните садови е препорачливо да се пие црвено вино.

Колку е физичката активност важна за спречување на кардиоваскуларните болести? Кои се вашите препораки – вежбање во теретана, или пешачење/возење велосипед или можеби комбинација од двете?

Физичката активност е императив за здраво срце и крвни садови.

Рекреативното спортување го забрзува метаболизмот, го подобрува протокот на крв, менталната и физичка кондиција, доведува до намалување на стресот и одржување на нормална телесна тежина.

Кардиофитнес како пешачење, брзо одење, возење на велосипед, пливање, користење на мали тежини или вежби со сопствена телесна тежина се препорачливи за сите возрасни групи, а умерени вежби на сила како вежби во теретана зависно од возраста и здравствената состојба.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. 

А. Ј. | Црнобело



Би можело да ве интересира:

Д-р Иво Паункоски: „Опериравме срце на 2-месечно бебе, првпат користевме 3Д модел да се подготвиме з... „Бебето е првиот пациент со комплексна вродена срцева мана во Македонија, з...
Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...
Тони Зен за татковството: „Синот Јасен ме смени на подобро“ „Со Јасен сме како другари. Ако не оди во градинка, цел ден сме заедно, башка и ...
Дијана (30) од Тетово живее во Германија: „Сите пластични играчки на синот (2) ги заменив со дрвени,... Разговараме со Дијана (30) од Тетово, која живее во Германија со семејството, а ...
Стефан Миленковиќ за CRNOBELO: „Секогаш со задоволство се враќам во Македонија, го сакам вашиот ајва... „И понатаму свирам на виолината изработена во 1783 година. Таа била во сопствено...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg