Кајла (14) од Мелбурн снима фолк-песни на македонски: „Љубовта кон народната музика потекнува од баба ми Стојне“
- Детали
- среда, 12 април 2023
„Мојата љубов за македонската музика започна со мојата баба Стојне. Секогаш кога одев кај баба и дедо слушавме музика и заедно си пеевме“, вели за CRNOBELO.com Кајла (14), македонска тинејџерка родена во Мелбурн, која досега сними три фолк-песни.
Кајла К. (14) е Македонка родена во Мелбурн, Австралија. Оваа тинејџерка, која оди во 9-то одделение, ја обожава македонската народна музика и досега сними три авторски фолк-песни.
Кајла неодамна ја испеа „Сила ни се песните“. Во разговор за CRNOBELO.com, ни откри дека љубовта кон македонската фолк-музика ја негува од дете.
„Кога бев малечка, мојата најомилена песна беше ’Стамена‘ и оттогаш се роди мојата љубов за нашата преубава фолк-музика.
’Сила ни се песните‘ е мојата најнова песна за која музиката и аранжманот ги направи Златко Миладиноски, а текстот е на Анита Даева“ - рече таа.
Првата песна Кајла ја сними на 12 години.
„Тоа е песната ’Душа македонска‘, а втората песна се вика ’Јас сум ќерка на Македонија‘ со текст и музика од Јордан Митев“ - вели Кајла.
Од каде љубовта да го негуваш македонскиот фолклор?
„Мојата љубов за македонската музика започна со мојата баба Стојне. Секогаш кога одев кај баба и дедо слушавме музика и заедно си пеевме.
Инаку, јас сум и игроорка и веќе 11 години играм во првата група на ’Никола Карев‘ во Мелбурн. Се надеваме дека ќе одиме на турнеја следната година“.
Кајла ни кажа и дека животот на една тинејџерка во Мелбурн е многу убав.
„Супер е да се биде тинејџерка во Австралија. Јас играм фудбал веќе 6 години, а најомилено ми е да одам на шопинг и да се дружам со моите другарки“ - вели таа.
Ни откри и дека последен пат била во Македонија во 2018-та година.
„Досега сум била 5 пати во Македонија и многу сакам да доаѓам таму. За мене сè е преубаво. Ми се допаѓа земјата, луѓето се прекрасни, а убавината на Македонија е незаменлива“ - искрена е Кајла.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело