Јордан од Велес е пица мајстор во најдобрата пицерија во Љубљана: „Учев од врвни Италијанци, тестото мора да се лади 24 часа“
- Детали
- четврток, 06 април 2023
„Наполитанските пици се најпопуларни, а во последните години на пиците почна да им се додава сè и сешто. Обожавам да испробувам нови пици, но не во пицеријата каде што работам. Одам на други места за да пробам нешто ново и ако е можно да се инспирирам“, открива за CRNOBELO.com Јордан Џуклев од Велес кој работи како пица мајстор во една од најпознатите пицерии во Љубљана.
Јордан Џуклев од Велес е пица мајстор во Pop’s Pizza, една од најпознатите пицерии во Љубљана и во топ 50 пицерии за 2022 година во Европа. Во слободно време обожава да готви и спортува.
За себе вели дека никогаш не се гледал како пица мајстор, туку како добар спортист.
За CRNOBELO.com, Јордан ни открива повеќе за својата професија и како дома да правиме вкусни пици...
Од каде го научи занаетот за пица мајстор?
Занаетот за пица мајстор го научив во пицеријата каде што работам Pop’s Pizza и посебно сум задоволен што ми беше дадена шансата и да се усовршам како пица мајстор.
Поточно, од едни од најдобрите пица мајстори во Италија, Сабино и Армандо.
Како се случи да почнеш да работиш во Pop’s Pizza?
Сè беше спонтано, би рекол дека коцките се наместија на вистинско место и во вистинско време. Во Љубљана дефинитивно најдобрата пицерија е Pop’s Pizza, таму се усовршувам и напредувам секој ден.
Кога се преселив во Љубљана еден пријател ми рече зошто не пробаш нешто различнo од тоа што веќе ти е познато и со тоа ќе можеш да си го исполниш сонот.
Додека бев во Македонија, никогаш не ни помислив да станам пица мајстор, отсекогаш сакав да бидам професионален спортист но тоа се претвори во мое хоби, бидејќи обожавам спорт.
Како се станува врвен пица мајстор?
Хм, врвен пица мајстор. Ако се сака сè се може. Упорност, истражување, безброј изгледани видеа и секако, секојдневна пракса.
Колку пици имаш направено во еден ден?
Пицеријата во која работам се наоѓа на списокот на најдобри пицерии во Европа. Рекордот е 750 пици во еден ден, но тогаш работевме тројца пица мајстори.
Кои пици најмногу сакаш да ги јадеш?
Обожавам да испробувам нови пици, но не во пицеријата каде што работам. Одам на други места за да пробам нешто ново и ако е можно да се инспирирам. Инаку обожавам наполитански бели пици.
А, кои пици најмногу сакаш да ги подготвуваш?
Подготвувам сè, а најмногу сакам бела пица (пица без доматен сос) заради тоа што може подобро да се долови вкусот на тестото. Тогаш можам најдобро да проверам дали е пицата добра или лоша.