5 совети што ќе ви помогнат да изберете вкусна и сочна диња
Сите знаеме како добро да избереме лубеница. Пред да ги купиме, обично ги чукаме со прстите за да провериме дали се зрели, но како се избира диња?
Пазарите и маркетите се преполни со дињи, а нивниот мирис веднаш ве мами да купите една и да ја понесете дома. Но, како да ја изберете вистинската, сочна и вкусна диња?
Обично се верува дека жолтите дињи со мазна кора познати и како „Ананас“ се послатки и посочни од оние со рапава кора, за кои се верува дека се „полебасти“.
Со оглед на тоа што кога купувате лубеница и диња не можете со сигурност да знаете дека сте избрале сочен и вкусен плод, во продолжение ќе ви кажеме неколку трикови што ќе ви помогнат да бидете посигурни во својот избор:
Изберете диња која има правилен топчест облик и со средна големина, ниту премногу големa, ниту премногу малa.
Притоа обрнете внимание нејзината тежина да соодветствува со големината. Ако дињата е премногу голема, а лесна, тогаш најверојатно станува збор за презреан плод што нема да биде сочен.
Кората треба да биде чиста, да нема флеки на неа ниту длабнатини. Дињите кај кои се забележителни големи промени во однос на бојата најчесто немаат убав вкус и се тврди.
Кога малку ќе го притиснете кај дршката би требало да почувствувате мирис од дињата. Силниот мирис значи дека е презреана, а доколку не почувствувате мирис, тоа значи дека не е доволно зрела.
Ако не е доволно зрела, дињата може да ја оставите еден ден на собна температура и ќе созрее за јадење, а ако е презреана ќе треба да ја фрлите.
Б. С. Б. | Црнобело
фото: depositphotos.com