Храна и пијалаци кои никогаш не треба да ги купувате на аеродром: Зошто кафето е на прво место?
Дури и ако ги избегнувате сите понуди за храна на аеродромот, може да подлегнете на искушението и да купите некој сендвич или салата. Но, зошто треба да го избегнувате тоа?
Понекогаш долгото чекање може да биде тешко или пак досадно, а кога некои аеродроми се мали и не можете ниту да разгледате наоколу, тогаш решавате да гледате серија, да читате книга или пак да седнете и да јадете.
Сепак, треба да внимавате каква храна и пијалаци консумирате пред вашиот лет за да немате несакани последици за време на летот. Аеродромската храна не е за сечиј стомак.
Кафе
Топлото, смирувачко кафе можеби е токму она што го посакувате пред раниот утрински лет, но предлагаме да се откажете. Пиењето кафе го дехидрира вашето тело, што може да доведе до гадење и главоболки додека сте во воздухот.
Исто така, кабините на авионите се ладни и суви, а тоа во комбинација со кофеинот влијае многу лошо на кожата и на имунолошкиот систем.
Кафето има и подрастичен ефект на големи надморски височини, предизвикувајќи да се чувствувате нервозни.
Оставете го кафето за целосно да уживате во него и неговите ефекти по слетувањето.
Салата
Иако зелената салата е полна со витамини, салатите на аеродромите можат да бидат и жариште на бактерии, бидејќи водата не е доволна за да ги отстрани штетните бактерии.
Друга причина зошто да не купувате салата е тоа што трансферот на свежи производи до аеродромските терминали не се случува секој ден. Иако свежото овошје и зеленчук имаат добар вкус, тие можеби стојат на полицата подолго време.
Следниот пат кога ќе бидете на аеродром, можете да одберете готвен оброк.
Готов сендвич
Без разлика дали се работи за бар или ресторан на аеродром, сендвичи ќе најдете насекаде. Претходно спакуваните сендвичи изложени на стаклена полица често изгледаат како привлечна и удобна аеродромска закуска. Но, размислете повторно.
Сендвичите се чуваат надвор долго време и се загреваат за клиентите. Сендвичите кои содржат различни видови месо и салами се полоши опции. Бидејќи се чуваат предолго на полиците, месото може да се расипе и да доведе до труење.
Следен пат погледнете ги подобро и најдобро е да одберете вегетаријанска или веганска опција или пак да си спакувате од дома.
Суши
Секогаш кога патувате, каде и да патувате, треба да избегнувате неварена храна по секоја цена. Колку и да звучи извонредно, здраво и вкусно - сушито, на пример, е направено од сурови состојки.
Кога се складира на погрешни температури, може да биде лошо и да завршите со сериозни болести.
Сепак, можете да изберете да јадете суши во веродостоен и ексклузивен јапонски ресторан кој се наоѓа на аеродромот, а за тоа проверете ги коментарите кои луѓето ги оставаат на веб-страниците од рестораните. Така ќе бидете сигурни што консумирате.
Алкохол
За време на летот, барометарскиот притисок во кабината на авионот е помал отколку што е на повеќето места на Земјата.
Можете да го споредите со надморска височина во планините помеѓу 1.800 и 2.200 метри.
Оваа средина со намален притисок ја намалува способноста на телото да апсорбира кислород и може да предизвика зашеметеност. Затоа внимавајте со количината и не заборавајте да пиете вода.
M. Г. | Црнобело