Банана наместо јајца и уште 7 состојки што лесно можете да ги замените со други
Ако немате јајца или сакате веганска верзија на рецептот за торта или палачинки, едно јајце можете да го замените со половина пасирана банана и половина лажичка прашок за печиво.
Сигурно многупати ви се случило да почнете да правите нешто и предоцна да сфатите дека дома немате некоја состојка. Или можеби од некоја причина сакате да избегнете одредена состојка.
Но, повеќето состојки што ги користиме редовно во готвењето лесно можат да се заменат со други. Некогаш, пак, овие замени се и поздрава алтернатива од она што би го употребиле вообичаено.
Кои состојки можете да ги замените со други?
Домашен сос за скара (BBQ сос)
Ако скоро никогаш не користите сос за скара, немате ни потреба да го купувате. Но, ако некогаш ви притреба, лесно можете сами да направите сос со сличен вкус.
Во 3/4 шолја кечап ставете две лажици кафеав шеќер и две лажици сенф, и само добро промешајте.
Банана наместо јајца
Ако правите тесто за торта или палачинки, можете да ставите банана наместо јајца. Ова е и одлична алтернатива ако избегнувате храна од животинско потекло.
За да замените едно јајце, испасирајте половина банана и измешајте ја со половина лажичка прашок за печива.
Павлака наместо мајонез
Ако немате мајонез или сакате поздрава алтернатива, секогаш можете да ставите павлака со зачин како куркума.
Лимон наместо оцет
Во секоја салата што би ставиле оцет, без проблем можете да ставите лимон. Всушност, лимонот ќе ѝ даде дури и многу подобар вкус.
Прашок за печиво наместо сода бикарбона, и обратно
Прашокот за печиво и сода бикарбоната имаат слични својства, па можете да го користите едното наместо другото.
Само ќе треба да внимавате на количината – прашокот за печиво содржи и сода бикарбона, но во помали количества. Затоа ќе треба да ставите двојно повеќе прашок за печиво отколку сода бикарбона.
Односно, ако рецептот бара една лажица сода бикарбона, можете да ја замените со две лажици прашок за печиво.
Маргарин наместо путер
Путерот и маргаринот имаат исти својства, па без проблем можете да ги заменувате еден со друг.
Агар-агар наместо желатин
Агар-агар е одлична замена за желатинот кој има животинско потекло.
Оваа супстанца се добива од алги и обично се продава во прав. Можете да ја најдете во скоро сите продавници за здрава храна.
За приготвување само погледнете ги инструкциите на амбалажата.
Домашен кечап
Ако немате кечап, но ви останал сос од домати, можете лесно да си направите кечап.
Измешајте една шолја доматен сос со третина шолја шеќер и две лажици оцет. Потоа само добро промешајте ја смесата.
Спирова С. | Црнобело