Совети за исхрана и вежбање што им биле од огромна помош на славните
Кристина Агилера вежба наутро, Адел ја комбинира брзата храна со салати, а Бритни Спирс редовно ги менува вежбите во теретана.
Воопшто не е лесно целосно да го промените начинот на исхрана или да почнете да вежбате секој ден. Но, ова е клучно не само ако сакате да се ослободите од вишокот килограми, туку и ако сакате да го подобрите здравјето.
Но, неретко луѓето прават грешки кога сакаат да ослабат. На пример, целосно си забрануваат некој вид храна, за само неколку денови подоцна да го прекршат ова правило.
Во овој случај, многу подобро е да бидете умерени со некоја храна, бидејќи и ќе си ја задоволите потребата, и нема да претерате.
И славните се само луѓе, па и тие мака мачат со вишокот килограми, но со неколку промени во нивниот живот, успеваат да се вратат во форма.
Во продолжение, пак, можете да погледнете дел од нивните совети за исхрани и вежбање што им помогнале најмногу:
Почнете го денот со чаша вода и лимон наместо со кафе
Ако секој ден го почнувате со кафе, можете да си создадете проблеми со желудникот. Ова не значи дека треба да се откажете од кафето, туку испијте го откако ќе појадувате.
Наутро е многу подобро да испиете чаша топла вода со лимон. Лимонот е богат со витамин Ц, ја подобрува дигестијата, а самиот пијалак ќе ве освежи и ќе ви помогне полесно да се расоните.
Само, ако имате проблеми со желудникот, избегнувајте го овој пијалак или прво консултирајте се со лекар.
Наводно, ова е една од тајните на Крис Прат кој драстично си го промени изгледот. Нормално, актерот се придржувал и до диета со минимално количество јаглехидрати и многу вежбање.
Не претерувајте со внесот на протеини
Ако сакате да ги зацврстите мускулите, покрај вежбањето треба да внесувате и протеини. Но, немојте да претерате.
Големото количество протеини може да предизвика замор, мачнина, дијареја, проблеми со црниот дроб па дури и зголемување на телесната тежина.
Разновидната и правилна исхрана е клучна, а токму тоа е тајната на Дру Баримор.
Покрај соодветната исхрана, актерката вежба и јога, одвреме-навреме посетува теретана и ужива во долгите прошетки.
Менувајте го видот на вежби во теретана
За најефикасен тренинг, препорачливо е редовно да ги менувате вежбите што ги изведувате. На овој начин ќе ги активирате сите мускулни групи и побрзо ќе стигнете до саканиот резултат.
Бритни Спирс, која е активна на сцена скоро целиот живот, го знае ова многу добро. Пејачката вежба четирипати неделно и редовно ја менува програмата за вежбање. Истовремено, таа обрнува внимание и на кардио вежбите, како и на исхраната.
Ако сте во можност, вежбајте наутро или претпладне
На повеќето од нас, работните обврски не ни дозволуваат да вежбаме претпладне, но кога можете, најдобро е да го завршите тренингот што е можно порано.
Причината е едноставна – во првата половина од денот сте најодморени, па тренингот ќе биде многу поефикасен.
Кристина Агилера, покрај здравата исхрана, практикува да вежба рано наутро. Денот го почнува со џогирање, а потоа 90-минутен тренинг во теретана.