Зошто не треба целосно да ги исфрлите јаглехидратите од исхраната?
Многу луѓе се ослободуваат од вишокот килограми со ограничување на внесот на јаглехидрати. Некои, пак, одат дотаму што целосно ги исфрлат јаглехидратите од исхраната. Но, ова може да биде грешка.
Иако храната богата со јаглехидрати е поврзана со дебелеење, факт е дека на нашиот организам му е потребна оваа состојка.
Јаглехидратите се дел од трите макронутриенти во храната – останатите две се масти и протеини. Речиси и да не постои храна составена од само еден макронутриент и повеќето се комбинација од два или повеќе.
Јаглехидратите што ги внесуваме со храната се поделени во три категории – шеќери, хранливи влакна и скроб.
Јаглехидратите се важни за организмот од неколку причини. Најпрво, тие се еден од главните извори на енергија, па ако целосно ги отстраните од исхраната, вашето тело ќе почне да користи масти и протеини за енергија.
Иако можеби звучи добро тоа што телото ќе почне да користи енергија од мастите, овој процес, познато како кетоза, може да предизвика бројни несакани проблеми.
Погледнете што можете да очекувате ако целосно ги отстраните јаглехидратите од исхраната:
Вртоглавица и гадење
Кога не внесувате јаглехидрати, телото повеќе не ги користи шеќерите како извор на енергија, а ова предизвикува низа симптоми како гадење, вртоглавица, па дури и раздразливост.
Летаргичност
Како што напоменавме, телото ќе почне да ги согорува мастите за да се снабди со енергија. Но, бидејќи на организмот му треба повеќе време да создаде енергија од мастите отколку од јаглехидратите, можно е да се чувствувате летаргично.
Проблеми со здравјето
Некои истражувања покажале дека отстранувањето на јаглехидратите од исхраната на долг период може да резултира со проблеми со срцето, зголемен ризик од рак, оштетување на бубрезите и уште бројни други здравствени проблеми.
За да избегнете вакви проблеми, многу подобро е да ја научите разликата помеѓу „добри“ и „лоши“ јаглехидрати, отколку целосно да ги отстраните од исхраната.
Забавен метаболизам
Наглото откажување од јаглехидратите може да го забави метаболизмот и да предизвика привремена констипација.
Грчеви во мускулите
Многу луѓе кои се откажале од јаглехидратите се соочиле и со грчеви во мускулите. Обично причината за ова е недостатокот од некои хранливи материи, кои не ги внесувате доволно бидејќи избегнувате храна со јаглехидрати.
Лош здив
Кога телото си создава енергија од масти, тоа всушност ги претвора мастите во кетони. Овие хемикалии се испуштаат од телото преку урината и со издишување, а поради нивниот хемиски состав, можат да бидат причина за појава на лош здив.
Разлика помеѓу „добри“ и „лоши“ јаглехидратите
Постојат многу видови храна богата со јаглехидрати, и некоја е поздрава, а некоја поштетна за организмот. Најчесто јаглехидратите се делат на едноставни, или прости, и комплексни.
Комплексните јаглехидрати се оние што се нарекуваат добри. Тие не се преработувани и во нив се наоѓаат природни хранливи влакна. Најчесто се наоѓаат во храна како зеленчук, компири, киноа и слично.
Простите, односно лошите јаглехидрати се преработени и од нив се отстранети хранливите влакна. Обично се наоѓаат во храна како леб, печива или што било направено со брашно.
Простите јаглехидрати се поврзани со зголемено ниво на шеќер во крвта, зголемен апетит и поголема желба за нездрава храна.
Што значи, ако сакате да ослабите или да се храните поздраво, не треба да се откажете од сите јаглехидрати. Наместо тоа, научете ја разликата помеѓу добрите и лошите и ограничете го внесот на вторите.
Храна богата со добри јаглехидрати:
- Сладок компир
- Цвекло
- Пченка
- Киноа
- Интегрален ориз
- Овес
- Банани
- Јаболка
- Манго
- Гоџи бобинки
- Портокали
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





