Кралицата на летните овошја – нејзиното височество лубеница
Зрела, црвена, сочна, слатка, вкусна, освежителна... речиси сите убави епитети можеме да ѝ ги доделиме на кралицата на летните овошја – лубеницата.
Лубеницата е една од неколкуте причини поради кои го сакаме летото, и ретко кој фрижидер не е наполнет со резерви од ова рајско овошје.
Зошто ја обожаваме лубеницата?
- 91% од составот на лубеницата е вода. Тоа значи дека ја има моќта да нè хидрира во пеколните жештини без додатните калории, бидејќи лубеницата содржи само 30 калории во 100 гр.
- Може да изедете дури еден килограм лубеница, и да не стигнете ниту приближно до калориите коишто ги има 100 гр. млечно чоколадо.
- Покрај тоа што е богата со витамин А и витаминот Ц, лубеницата содржи и диетални влакна и е одличен извор на калиум, кој го регулира крвниот притисок и работата на срцето.
- Вообичаениот начин на јадење лубеница е свежа и добро оладена на парчиња, но постојат многубројни рецепти, како „торта“ од лубеница или „овошна пица“ со парчиња лубеница.
- Можете да си подготвите освежителен напиток од лубеница, лимони и нане, а не заборавајте да пробате парче од омиленото овошје со фета сирење или во комбинација со моцарела и неколку капки балсамико оцет, за да го почувствувате спојувањето на слатко и солено.
- Исечкајте ја лубеницата во форма на срценца или ѕвездички со помош на форми за колачиња и предизвикајте им насмевка на сите, со неодоливиот сладок вкус на овошната кралица.
(О)Милена | Црнобело