Дали алкалната исхрана ја намалува киселоста на телото и спречува болести (или е само мит)?
Според таканаречената алкална диета, треба да избегнувате храна за која се верува дека ја зголемува киселоста на телото бидејќи, наводно, ова може да спречи разни болести. Но, во реалноста, телото само си ја регулира рН вредноста и нема доказ дека храната влијае врз неа.
Алкалната исхрана почна да го привлекува вниманието на широката јавност пред десетина години, а е популарна до денес.
Филозофијата зад овој начин на исхрана е дека одредени намирници можат да ја изменат pH вредноста на телото.
Па, кога ќе ги исфрлите овие намирници, ќе ја намалите киселоста на организмот и со тоа ќе се заштитите од болести.
Некои одат дотаму што тврдат дека овој начин на исхрана помага и во битки со сериозни болести, како рак.
Но, колку вистина има во овие тврдења и дали алкалниот начин на исхрана навистина има некаков ефект?
Што точно претставува овој начин на исхрана?
Со рН вредноста се мери киселоста на нешто, на пример храна или нашето тело.
рН вредноста е претставена на скала од 0 до 14.
Храната со рН вредност од 0 до 6 се смета за кисела. рН вредност од 7 се смета за неутрална, додека храна чија рН вредност е поголема од 8 се смета за алкална, односно некисела.
Според алкалниот начин на исхрана, треба да внесувате намирници чија рН вредност е поголема од 7 бидејќи се верува дека останатите, кисели намирници се штетни.
Каква храна смее да се консумира?
Според начинот на исхрана, намирниците можат да се поделат во три категории (како скалата за рН вредност) – кисели, неутрални и алкални.
За кисели намирници се сметаат месо, риба, млечни продукти, јајца, житни продукти и алкохол.
За неутрални намирници се сметаат таканаречените добри масти, како путер од кикиритки, млеко, храна со скроб и шеќери.
За алкални намирници се сметаат овошје, јаткасти плодови, мешунки и зеленчуци.
Која е рН вредноста на телото и дали храната има некакво влијание?
Оние кои веруваат во ефикасноста на алкалната диета ја мерат рН вредноста на нивната урина и велат дека таа не треба да биде помала од 7.
Сепак, важно е да знаете дека рН вредност на урината не е иста како во телото и може да се менува.
На пример, киселината во стомакот има рН вредност од околу 2, што е потребно за да се разгради храната.
Од друга страна, крвта секогаш има поголема рН вредност – помеѓу 7,35 и 7,45.
Драстичната промена на рН вредноста на крвта може да биде фатална, но ова се случува само од одредени фактори, како нетретиран дијабетес, изгладнување или пиење преголемо количество алкохол.
Сето ова значи дека храната може да има влијание на рН вредноста на урината, но не и на крвта или целиот организам.
Дури и ако вие јадете само алкална храна, таа сепак ќе помине низ желудникот во кој има киселини.
А, ако изедете повеќе кисела храна, со ниска рН вредност, може да забележите минимална промена во киселоста на урината.
Па, мерењето на рН вредноста на урината не е добар показател за здравствената состојба и важно е да знаете дека телото само ја регулира својата киселост.
Дали киселоста на храната има поврзаност со појава на рак?
Постари истражувања покажале дека не постои врска помеѓу рН вредноста на крвта и појавата на рак.
Поново истражување, пак, покажало дека можно е да постои врска помеѓу рН вредноста на храната и појавата на рак.
Сепак, ова истражување не се однесува на киселоста на крвта.
Исто така, не е потврдено дека консумирањето повеќе храна со ниска рН вредност е причина за појава на рак.
Напротив, научниците забележале дека клетките на рак можат да виреат и во алкална средина.
Иако туморите на рак можеби растат побрзо во кисела околина, откриено е дека тие самите ја создаваат оваа околина.
Односно, зголемената рН вредност е резултат на самиот тумор – туморот не настанал поради зголемена рН вредност.
Што ако сакате да го пробате овој начин на исхрана?
Засега ниту едно истражување не ги поддржува наводните придобивки од алкалниот начин на исхрана.
Секако, треба да се храните здраво и разновидно, но нема потреба целосно да ги исфрлите намирниците со ниска рН вредност бидејќи немаат влијание врз киселоста на телото.
Но, алкалниот начин на исхрана сепак се фокусира на поздрави намирници, како многу овошје и зеленчук и може да биде добар за вас, но не поради киселоста на храната, туку поради намалениот внес на мрсна и многу преработена храна.
Исто така, овој начин на исхрана може да биде погоден ако имате алергија или нетолеранција на глутен бидејќи го исклучува користењето намирници со глутен.
Сепак, некои експерти не ја препорачуваат алкалната диета бидејќи исфрла намирници кои можат да бидат и здрави.
Па, подобро фокусирајте се на тоа да се храните разновидно и да избегнувате многу преработена храна.
Спирова С. | Црнобело