Кулинарски грешки што ниту искусните не се свесни дека ги прават
Дали знаете дека доматите не треба да се готват во нелепливо тавче, а дека за пржење ви требаат свежи јајца на собна температура? Кои се малите кулинарски тајни што треба да ги знаете затоа што може да направат голема разлика во подготвувањето на вашите специјалитети?
Велат дека грешките се составен дел од учењето, а додека нешто не пробате, нема да знаете дали сте донеле погрешна или правилна одлука.
Така е и со готвењето, понекогаш е потребно повеќепати да направиме грешки за да усовршиме некоја техника, а следниве правила ќе им бидат добредојдени на младите, но и на искусните домаќинки.
Човек учи додека е жив, а во продолжение издвојуваме неколку кулинарски грешки што треба да запомните дека не треба да ги правите.
Доматите ги готвите во нелепливо тавче
Ова правило не се однесува толку на вкусот на јадењето, колку што се однесува на зачувувањето на садот.
Доматите и другите кисели зеленчуци, кога се готват испуштаат киселина што може да ја оштети нелепливата површина на садот, па заради тоа тавчето многу побрзо ќе стане неупотребливо.
Затоа, подобро е да побарате тавче или тенџере изработено од други материјали.
Не користите ориз кога печете мафини
Пред да ги ставите кошничките во калапот за мафини, добро е во секое дупче да ставите по неколку зрна ориз.
Зрната ќе го соберат вишокот маснотија, заради што дното на мафинот ќе биде посуво и нема да делува толку мрсно.
Ставате масло во водата за тестенини
Некои упорно ставаат масло во водата, во којашто варат тестенини, за да спречат ниво лепење.
Вистината е дека маслото нема да спречи лепење на тестенините ако не сте ставиле доволно вода, а подоцна нема ниту да дозволи сосот да се распореди рамномерно.
Користите стари јајца за пржење
Старите јајца не можат да ја задржат својата форма, па заради тоа белката почнува да се шири по целото тавче, а жолчката има неправилна форма.
Старите јајца можете да ги сварите, а за пржење секогаш користете свежи јајца.
Ги плакнете тестенините по варење
Плакнењето на тестенините по варење може да им го уништи вкусот.
На тој начин ја миете целосно солта, но и вишокот скроб, а потоа сосот не може да се „залепи“ за нив.
Не го покривате месото пред да го удирате со чекан
Пред да почнете да го удирате месото со чекан, најдобро е да го ставите во пластична фолија. На овој начин ќе спречите да се шират мали парченца месо низ кујната, а со тоа и бактерии.