Тијана Скулиќ ни го сподели рецептот за сочен бифтек и открива: „Миа никогаш не одбива шкампи и школки, а Андрија обожава благо“
Ако ја следите Миа Костова на Инстаграм, досега сигурно сте виделе барем неколку сочно зготвени јадења од Тијана, па побаравме од неа да ни го сподели нејзиниот омилен рецепт и да ни одговори на неколку прашања за готвењето.
Тијана Скулиќ е млада девојка, вљубеничка во готвењето уште од многу мала, а во нејзините специјалитети секогаш уживаат Миа Костова и нејзиното синче Андрија.
Од паста до бифтек и морски плодови, Тијана дефинитивно умее да направи кулинарско ремек-дело, од кое сите би „излижале прсти“ и би барале уште.
За себе Тијана вели дека ужива во пазарењето тазе и свежи намирници и едвај чека да стигне дома да го зготви тоа што го наумила по пат, а за CRNOBELO.com таа го сподели рецептот за сочен бифтек, од чии фотки веднаш ќе ви се пријаде.
Ѝ поставивме на Тијана неколку прашања за готвењето, а во продолжение следи и омилениот рецепт:
Дали си ти „задолжена“ за готвењето дома?
Готвиме и јас и Миа, но почесто местото во кујната е мое бидејќи јас уживам готвејќи го секое парче храна на мој начин, па така ручеците некогаш траат по 3-4 часа пробувајќи разновидни рецепти.
Кое му е омилено јадење на Андрија од тебе, а кое на Миа?
Интересно прашање во врска со Андрија. Во принцип бебето обожава благо, па секогаш ама баш секогаш паѓа во несвест кога ќе му кажам дека следуваат американските палачинки преполнети со крем и малини. А, кога се готви солено сака Tacos со зеленчук.
Миа обожава сè што готвам и мислам дека ужива во сè, особено во средно печен бифтек и аспарагус во зелен сос од рукола и магдонос, а никогаш ама никогаш не одбива шкампи и школки, мислам дека може да ги јаде секој ден.
Од каде желбата за готвење и каде научи така добро да готвиш?
Желбата за готвење ја поседувам од многу мала. Отсекогаш ме воодушевувале тие разнобојни зеленчуци и рецептите на врвни и искусни кувари.
Обожавам да одам на пазар, обожавам да бирам тазе набрани плодови и нормално не можам да дочекам да стигнам дома и да започнам со тоа што ми се увртело во главата.
Какви трикови користиш при подготовка на месо за да биде сочно?
Во принцип месото кое што го набавувам од нашата омилена месара, морам да напоменам дека е исклучително свежо и тазе, а тоа е многу важно, па затоа маринадата убаво се фаќа.
Кога станува збор за бифтек тогаш следува: микс од различни бибери, потопување во маслиново, лук, гранче свеж рузмарин, по желба можете да го премачкате со неколку лажици сенф. Бифтекот се маринира од 2 часа до 2 дена. И никако не ставајте сол во оваа фаза!
Грешка која според тебе сите ја прават при готвењето?
Секое јадење може да се згреши на различен начин. Од типот на пресолување , препржување или пак да ви е преживо.
Исто така при готвење на замрзнато месо, одмрзнувањето не го правете на собна температура или во вода - предизвикува собирање на бактерии на самото месо.
Слободно ставето го во фриждер и почекајте нормално да се одмрзне.
Издвој ни некој твој кулинарски неуспех...
Искрено неуспех во готвењето досега сум немала, но на пример не сакам да месам пити, пецива и не се пронаоѓам во областа тесто.
Исто така сум многу брза во кујна и сакам во истиот момент додека готвам позади мене да е сè чисто, па често знам да превртам некоја чинија или да се исечам со нож. Ама кујна сè уште не сум запалила (хаха).
Кое месо ти е омилено за подготовка и откриј ни го целосниот рецепт...
Како што можете да забележите по моите сториња на Инстаграм, обожавам да готвам бифтек.
Нема трикови, дефинитивно треба да имате осет и нормално да уживате во тоа што го правите. Сега, одиме „step by step“ (чекор по чекор)...
Потребни состојки:
- свежо месо
- сол и бибер
- лук
- свеж рузмарин
- маслиново масло
- сенф по желба
Начин на подготовка:
За маринада:
Mикс од различни бибери, потопување во маслиново масло, лук, гранче свеж рузмарин, по желба можете да го премачкате со неколку лажици сенф.
Бифтекот се маринира од 2 часа до 2 дена. И никако не ставајте сол во оваа фаза!
Готвење на месото:
- Месото пред да почнете да го приготвувате извадете го на собна температура половина час. Исечето го бифтекот на парчиња околу (200-250g).
- Загрејте ја рерната на 210 степени. Загрејте ја и грил тавата и не додавајте масло бидејќи самиот бифтек е веќе во масло.
- Посолете ја страната која прва ќе има контакт со тавата бидејќи таа е онаа поубавата која се гледа при сервирање.
- Ставете го бифтекот во тавата и не го пипајте 3 минути.
- Потоа го вртите од другата страна и истовремено додавате путер, лук несецкан и свеж рузмарин.
- Со обична лажица го поливате парчето односно го бањате во путер. Тоа сè трае 2.5 минути.
- Потоа го префрлате парчето во тенок плех и го ставате во загреаната рерна исто 3 минути.
- Извадете и одморете го уште некоја минутка да се собере сочноста внатре! Потоа исечете и сервирајте по желба. Bon appetite!
М. М. | Црнобело