3 нови посни рецепти за Св. Никола + идеи како да ја поставите трпезата (фото+видео)
Ако славите Свети Никола, а сакате да промените нешто на трпезата, ви нудиме неколку нови предлог рецепти и идеи за сервирање на масата.
Празничниот период исполнет со слави е еден од најубавите, а Свети Никола е празникот кој се одбележува во многу домови, како слава или именден.
Посната трпеза надополнете ја со неколку нови, вкусни, посни рецепти, а масата декорирајте ја на уникатен начин.
Во продолжение посни рецепти + идеи за сервирање:
Предјадење – посна солена торта
Потребни состојки:
- 1 конзерва туна (180g)
- 150-200g маргарин
- 200g посен мајонез
- 1 лажица сенф
- 300g посни крекери
- 50g печен сусам
- 2 кисели краставици
- 2 варени моркови
- 2 варени компири
- 1 кисела пиперка
- 50g печени кикирики
- 200ml пресол од киселите краставички
Начин на подготовка:
Изматете го добро маргаринот, а потоа додадете мајонез и измешајте ја смесата. Краставичките, компирот, морковите и пиперката исечкајте ги на ситни коцки, па додадете го во нив изматениот маргарин со мајонезот, но оставете две лажички од смесата маргарин и мајонез за премачкување. Додадете лажичка сенф во филот и измешајте.
Во послужавник редете ги крекерите кои претходно ќе ги потопите малку во пресол. На наредените крекери намачкајте од филот и добро распоредете го, па врз него повторно ставете ред крекери па фил и така наизменично додека не се потроши материјалот.
Одозгора и од страните премачкајте со смесата од маргарин и мајоне. Наросете печен сусам и крупно сечкани кикирики. Тортата не се служи веднаш, оставете малку да се стврдне.
Главно јадење – посни ќофтиња од грав
Потребни состојки (количина по желба):
- Грав
- Масло
- Праз
- Сусам
- Сол и бибер
Начин на подготовка:
Сварениот грав исцедете го добро од вода и изгмечете го. Посолете го и почнете да правите топчиња во облик на ќофте.
Исечкајте го празот и пропржете го на масло, додадете бибер и наредете го по цела тава.
Одозгора наредете ги ќофтињата од грав, наросете со сусам по желба, поклопете ја тавата и печете.
Во текот на печењето контролирајте ги ќофтињата да не изгорат.
Десерт – посни руски капи
Потребни состојки:
За тесто:
- 200ml кисела вода
- 200g брашно
- 1 прашок за печиво
- 50ml масло
- 100g шеќер
- 2 лажици какао
За фил:
- 4 лажици млеко од соја во прав
- 500ml врела вода
- 100g шеќер
- 1 ванилин шеќер
- 3 лажици густин
- 3 лажици брашно
- 250g посен маргарин
- 3 лажици шеќер во прав
- 100g кокос
Глазура:
- 100g посно чоколадо
- 2 лажици масло или коцка маргарин
Начин на подготовка:
Во сад истурете 200g брашно и 1 прашок за печиво, додадете 100g шеќер, 50ml масло, какао и киселата вода. Измешајте ја добро смесата.
На плех обложен со хартија за печење истурете го тестото. Печете на 200˚С околу 20 минути. Префрлете го тестото на друга хартија, а претходната тргнете ја. Кога ќе се олади тестото, со калап извадете кругови.
Во тенџере со врела вода додадете 100g шеќер и 4 лажици млеко во прав, измешајте и додадете ванилин шеќер, па ставете на тивок оган. Во друг сад, измешајте 3 лажици брашно со 3 лажици густин во малку вода, а кога ќе проврие млекото, додадете ги густинот и брашното во тенџерето и изедначете ја смесата со жица за матење. Оставете целосно да се излади со почесто мешање.
Во друг сад, ставете го претходно омекнатиот маргарин и 3 лажици шеќер во прав. Кога кремот кој го подготвивте претходно ќе се олади, додадете го постепено во маргаринот и миксирајте додека смесата не стане пенлива и не се изедначи.
На еден од круговите тесто намачкајте малку од филот, па поклопете го со друг круг како сендвич и на крај целосно намачкајте го од страните колачот па извалкајте ги со кокос.
Стопете го чоколадото и врз секој колач ставете по една лажица. Оставете да се олади.