Предлог посни салати за Св. Никола
Се ближи славата Свети Никола, а тоа значи, дека на трпезата ќе треба да приложите и вкусни посни јадења.
Ако немате идеја што салати да послужите...
Салата од компир и моркови
Потребни состојки:
- 1/2 kg компири
- 200g сенф
- 4 помали главици кромид
- 2 моркови
- Сол
- Бибер
Подготовка:
Добро сварете го компирот кој претходно бил излупен, заедно со морковите. Оставете мал дел од водата во кои се вареле, а останатото исцедете го.
Потоа со миксер испасирајте ги сварените компири и моркови. Кромидот исечкајте го на ситно, а потоа малку динстајте го.
Кога ќе омекне додадете го во смесата заедно со сенфот и продолжете да миксате. Зачинете со сол и бибер по желба и оставете да се олади салатата пред да се јаде.
Посна сенф салата
Потребни состојки:
- 3 моркови
- 4 компири со средна големина
- 10 кисели краставици
- 1 полна лажица сенф
- 2 лажици масло
- 1 лажица оцет
- Малку шеќер
- Сол
- Бибер
Подготовка:
Сварете ги морковите и компирите во солена вода, потоа исцедете ги и исечкајте ги на ситни коцки. Краставиците исто така, исечкајте ги и додадете ги во компирите и морковите.
Претходно добро измешајте ги оцетот, шеќерот, маслото и сенфот и додадете ги откако варените компири и моркови добро ќе се оладат.
Посна шарена салата
Потребни состојки:
- 300g интегрален ориз
- 100g грашок или боранија
- 100g млади тиквички
- 1 зелена пиперка
- 1 црвена пиперка
- 2 моркови
- Чешне лук
- Малку магдонос
- Сок од половина лимон
- 100g кисели краставички
- Бибер
- Сол
Подготовка:
Во зовриена вода ставете ги тиквичките, пиперката и морковите исечкани на коцки, а потоа и грашокот и белиот лук.
А, потоа и оризот, сокот од лимон и зачините.
Варете 15 до 20 минути додека не се свари оризот, а потоа додадете ги и исечканите кисели краставици.
На крајот можете да додадете и малку ореви.
Посна руска салата
Потребни состојки:
- 2 конзерви сардина
- Посен мајонез
- 4 помали моркови
- 4 кисели краставици
- 1 поголем компир
- 300g грашок
- Сол бибер
Подготовка:
Компирот, морковите и грашокот сварете ги и исечкајте ги на коцки, а потоа ситно исечкани додадете ги и киселите краставици и сардините.
Посолете и ставете бибер по желба, а потоа додадете го и посниот мајонез откако салатата добро ќе се олади. Салатата, по желба, можете да ја правите и без сардина.
Ако немате идеја што благо да направите, кликнете ТУКА.
Н. Г. | Црнобело